Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?
Промената не значи само проекти и асфалт, туку начин на управување, вредности и визија. Еве што е неопходно да се направи во следниот период:
- Ред во урбанизмот - Ќе продолжиме со унапредување на системот за планирање и уредување на просторот, преку целосна ревизија на деталните урбанистички планови со активно учество на граѓаните. Ќе обезбедиме јасен и транспарентен процес за издавање дозволи за градба, со максимална заштита на зелените површини од узурпација. Фокусот останува на зголемување на реалното зеленило – и во сопствените парцели и во јавниот простор. Ќе се уредуваат јавни простори, детски игралишта, мултифункционални зони за дружење и релаксација. Ќе продолжиме со реконструкција на улици, проширување на тротоари и создавање пристапна, безбедна и уредена урбана средина за сите.
- Зелена трансформација на општината - Ќе продолжиме со засадување ново стеблесто зеленило на повеќе локации, ќе се оформуваат микропаркови во сите делови на општината, ќе се поттикне озеленување на фасади и покриви, како и создавање „зелени коридори“ за пешаци и велосипедисти.
- Чисто и уредено - општина за пример - Посветена грижа за хигиената и уредноста на секој дел од општината – со современа механизација, проширен тим и јасен систем за одржување. Ќе се вложува во нова урбана опрема, ќе се чистат улиците и ќе се одржуваат јавните површини, со цел секој агол и секој плочник да бидат пријатни и достапни за граѓаните. Општината ќе продолжи да биде пример за одговорен и уреден јавен простор.
- Грижа што се чувствува – за секој жител, во секој дел од денот - Ќе продолжиме со поддршка за младите преку локални хабови, стипендии, иновациски натпревари и програми за талентирани ученици. Ќе се зајакнат локалните сервиси за пензионерите и ранливите групи, со дополнителна грижа за пристапноста на лицата со попреченост. Предвидена е изградба на старски дом, реконструкција на постоен и изградба на нов затворен базен, како и развој на достапна спортска и рекреативна понуда – со субвенции за базени, теретани, тениски и спа-центри. Ќе се поддржи активната културна сцена со локална продукција и фестивали, а грижата за бездомните кучиња ќе добие уште поголем фокус. Во насока на подобрување на животот на семејствата, ќе се овозможи продолжено работно време во градинките од 16 до 20 часот – во целост покриено од буџетот на Општината, со цел децата да бидат згрижени додека родителите ги завршуваат своите дневни обврски. Градинката „Корчагин“ (објект „Пепелашка“) веќе функционира во втора смена, од 12 до 22 часот – модел што ќе се проширува и на други објекти.
- Безбеден и функционален сообраќај - Регулирање на паркирањето со катни гаражи, нови велосипедски и пешачки патеки, смирување на сообраќајот во централното градско подрачје, безбедни премини и тротоари, особено околу училиштата и градинките.
- Завршување на започнатите проекти - без пауза, без изговори - Континуитет во спроведувањето на инфраструктурните и комуналните проекти, завршување на сите започнати реконструкции и санации, одржување и редовно сервисирање на јавната инфраструктура.
Колку се важни младите за нашата општина?
Младите не се само „иднина“ – тие се сегашноста што носи промена. Тие се носители на енергија, креативност, знаење и дигитална култура што може да ја трансформира нашата општина во вистински модерен и инклузивен урбан простор. Но младите не бараат само забавни содржини – тие бараат можности за вклучување, развој и да бидат слушнати. Затоа, мојата визија е Општина Центар да биде:
- Општина што ги поддржува младите, преку простори за креативност, работа и активизам (coworking, младински центри), зголемени субвенции од 3 000 на 6 000 мкд за велосипед и велоопрема, зголемени субвенции од 7 000 на 12 000 мкд за новороденче, продолжување на субвенциите за полагање возачки испит, зголемен број на локации за изнајмување велосипеди и електрични тротинети, користење картичка за резиденти на Центар со можност за користење попуст на различни услуги (теретани, базени, театри, како и за пазарење), поддршка за стартапи, иновации и претприемаштво, програми за обуки, практики и менторства во реален сектор, културни и спортски настани креирани од млади за млади.
- Општина што ги слуша младите - Младински совет со реална моќ да предлага и да менува политики, дигитални канали за комуникација со општината, анкети, трибини и иницијативи каде што гласот на младите има тежина
- Општина што ги задржува младите - достапно домување преку субвенции за млади семејства, поддршка при вработување и вклучување во локалната економија, програми за ментално здравје, волонтеризам и личен развој
- Младите не бараат само ветувања - бараат партнерство - бараат партнерство, па затоа промена во Центар не е можна без нивна енергија и учество. Ако сакаме современа, европска општина, мораме да инвестираме во младите како столб на таа визија.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?
Како да ги задржиме луѓето во своите места - е клучно прашање не само за Општина Центар туку и за државата. Ова бара системски пристап што вклучува квалитет на животот, економски можности, искоренување на корупцијата, чувство на припадност и перспектива. Да ги задржиме луѓето во своите места, значи да создадеме услови каде што тие ќе сакаат да останат – не од нужда, туку од избор. Тоа подразбира:
- Достоинствен животен стандард - поддршка за млади семејства со субвенции за домување, енергетска ефикасност и пониски комунални трошоци, локални работни можности преку поддршка на претприемаштвото, пристап до високо ниво на здравство, образование и култура.
- Вработување и економски можности на локално ниво - поддршка за локални бизниси, стартапи и иновативни хабови, поврзување на образованието со реалниот сектор, привлекување инвестиции и отворање нови („зелени“) работни места, развој на социјално претприемаштво за ранливи групи.
- Урбан квалитет – општина што нуди живот, не само простор - уредени јавни простори, паркови, игралишта, пешачки и велосипедски зони, културни и спортски содржини достапни за сите, безбедност, чистота, ред и функционалност во секој дел од општината, простор каде што луѓето чувствуваат припадност, а не отуѓеност.
- Вклучување и слушање на граѓаните - можност граѓаните да бидат консултирани и да учествуваат директно во носење одлуки, поддршка за иницијативи „оддолу“, градење партнерство со граѓански здруженија и урбаните заедници, отворена комуникација, дијалог и максимална отчетност и транспарентност од страна на општината.
- Перспектива и иднина тука, не во странство - Општина што покажува дека не мора да се оди надвор од државата затоа што тука има иднина, креира програми за враќање на иселени млади со знаење и искуство, мотивира таленти да останат преку стипендии, практики и јавна поддршка и афирмација.
Луѓето не се задржуваат само со зборови, туку со услови што будат доверба и надеж.
Кога граѓаните ќе видат дека нивниот труд, глас и идеи се ценети, дека нивната улица, зграда или маало се подобрува – тогаш остануваат.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?
Центар заслужува долгорочна, храбра и одговорна визија - наместо импровизации и интереси, потребни се професионалност, иновативност, учество на граѓаните и раководење засновано врз вредности и искуство. Центар да биде урбан модел, а не урбан проблем. Општина Центар треба да биде доказ дека и овде може да се живее добро.