Драги сограѓани,

Кривогаштани е моето родно место, тука пораснав, учев и повеќе од 25 години се грижев за безбедноста на граѓаните. Затоа, добро ги знам проблемите со кои се соочуваме секојдневно, но го знам и потенцијалот што го има нашата општина. И токму тоа ме води – вербата дека можеме многу повеќе и дека заслужуваме подобро.

Мојата визија е Кривогаштани да стане модерна и просперитетна заедница со развиена инфраструктура, со повеќе можности за младите и грижа за највозрасните.

Сакам децата да имаат квалитетно образование, семејствата здрава и безбедна околина, а земјоделците вистинска поддршка.

Ќе вложуваме во училиштата, културата и спортот, ќе работиме за чиста животна средина, за уреден јавен простор, и за транспарентна и блиска општина.

Не ветувам невозможни работи. Ветувам чесност, работа и посветеност. Ќе го вложам целото свое знаење и професионалното искуство во интерес на сите вас и во развојот на нашата општина.

Ве повикувам да ми ја дадете вашата поддршка и заедно да изградиме иднина во која ќе бидеме горди што живееме овде – во Општина Кривогаштани.

Со почит и благодарност,

Игор Каравилоски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА КРИВОГАШТАНИ

  • 1. Горан Новакоски
  • 2. Антонио Симоноски
  • 3. Јулијана Николоска
  • 4. Веселин Шаркоски
  • 5. Антонио Мицакоски
  • 6. Светлана Гроздановска
  • 7. Анета Наумоска
  • 8. Теодора Шипинкоска
  • 9. Сашо Николоски
  • 10. Стефанија Паскоска
  • 11. Леонора Рујаноска

Почитувани сограѓани,

Советничката група на СДСМ останува посветена на интересите на граѓаните на Општина Кривогаштани. Нашата мисија е секогаш да бидеме вашиот глас во Советот – глас за транспарентност, за одговорно трошење на буџетот и за политики што ја унапредуваат општината. Ќе се бориме за подобра инфраструктура, за чиста средина, за поддршка на земјоделците, за повеќе можности за младите и за достоинствен живот за пензионерите. Со обединети сили ќе покажеме дека Општината може да функционира чесно, ефикасно и во служба на секој граѓанин.

Со почит,

Советничка група на СДСМ

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

  • Асфалтирање и реконструкција на улици и патишта во Славеј, Обршани, Боротино, Крушеани, Воѓани, Годивле, Врбјани, Пашино Рувци и Кривогаштани
  • Асфалтирање на патот кон манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Обршани
  • Изграден мост на Црна Река кај с. Бела Црква
  • Редовно тампонирани банкините на патиштата
  • Доградена и поставена канализациска и атмосферска мрежа, со нова прочистителна станица во Обршани и Бела Црква
  • Целосно реконструирани салата на Домот на културата и старото училиште во Кривогаштани, како и повеќе училишни дворови со уредени зелени катчиња во Славеј, Пашино Рувци и Крушеани
  • Изградени инклузивни и повеќенаменски игралишта, а во парковите поставени нови реквизити
  • Набавени нов багер, возила за градинките и противпожарната служба, тракторски мулчер, 1.000 канти и повеќе контејнери за отпад, вклучително и за електронски отпад
  • Воспоставена услуга „Помош и нега во домот“
  • Изградба на повеќенаменско игралиште во с. Врбјани и многу други проекти

Со овие проекти покажавме дека развојот на Општината значи грижа за сите.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирам? Што е мотивот?

Се кандидирам затоа што верувам дека Општина Кривогаштани може многу повеќе од тоа што е денес. Мојата мотивација доаѓа од секојдневните разговори со граѓаните, од нивните проблеми, желби и потреби. Кога гледам дека младите си заминуваат, земјоделците се соочуваат со проблеми, а семејствата сакаат подобар живот овде, знам дека мораме да се обединиме и да го искористиме целиот потенцијал за да обезбедиме прогрес. Оваа кандидатура е резултат на искрена желба за промена и верба дека можеме заедно да ја изградиме општината што ја заслужуваме.

Колку е важно да се има визија за општината и за нејзиниот развој?

Визијата е клучна за секој развој. Мојата визија е Општина Кривогаштани да стане модерна, уредена и просперитетна средина – место каде што младите ќе сакаат да останат, земјоделците ќе имаат стабилна поддршка, а секое семејство ќе живее во чиста и безбедна околина.

Што мора да се направи во следниот мандат?

Инфраструктурата е основа, но сама по себе не е доволна. Она што мораме да го направиме е да ја зајакнеме локалната економија преку поддршка на земјоделството, да инвестираме во младите и образованието и да создадеме чиста и здрава животна средина. Само така ќе имаме вистинска промена.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите се срцето и двигателот на секоја заедница. Ако тие си заминат, заминува и иднината. Затоа мораме да им обезбедиме квалитетно образование, можности за работа и активен културен и спортски живот.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како можат да се решаваат?

Јас доаѓам од безбедносниот сектор. Но безбедноста не е работа само на полицијата. Таа зависи и од уредениот јавен простор, од осветлените улици, од функционалните комунални служби и од општината што реагира брзо. Ќе работиме на подобро осветлување, видеонадзор на критични локации, изнаоѓање сообраќајни решенија и постојана комуникација со граѓаните за да се чувствуваат заштитени. Преку Локалниот совет за превенција континуирано ќе ја следиме безбедносната состојба во општината.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?

Да, и тоа е еден од најважните сегменти. Ќе воведеме современо урбанистичко планирање, што нема да биде хаотично, туку ќе обезбеди ред и развој.

Осудени ли сме сите да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Секако дека не сме осудени, но мораме да преземеме одговорност. Ќе ги расчистиме дивите депонии и ќе воведеме селекција и рециклирање на отпадот. Со заменување на дел од системите за греење со поеколошки решенија и со уредување на нови зелени површини, ќе допринесеме воздухот во Кривогаштани да биде почист, а улиците да бидат уредни и чисти секојдневно.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали можеме да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Да, со транспарентност и отчетност. Ќе воведеме дигитална платформа каде што секој граѓанин ќе може да следи како се трошат буџетските пари, каде одат средствата и кој е одговорен за секој проект. Само така ќе ја измениме перцепцијата за корупција и ќе ја градиме довербата чекор по чекор.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Тоа е најголемиот предизвик. Луѓето ќе останат ако имаат перспектива: работа, добра плата, квалитетно образование за децата, чиста средина и културен живот. Ќе вложиме во локалната економија, ќе ги поддржиме семејствата и младинските иницијативи и ќе покажеме дека Кривогаштани е општина каде што вреди да се остане.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Бидејќи добро ги знам предизвиците со кои се соочува Општина Кривогаштани и решенијата кои навистина можат да донесат промени. Не давам празни ветувања, туку нудам јасен план и конкретни дела. Верувам во чесна работа и транспарентност, а мојата цел е нашата општина да стане модерна, уредена и просперитетна за сите генерации. Затоа ветувам дека целото мое знаење и професионалното искуство ќе ги вложам во интерес на граѓаните и во развојот на Општина Кривогаштани.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Каков ќе биде нашиот пристап

Нашиот пристап се базира на четири клучни столба околу кои би гравитирале сите стратегии, политики и проекти:

Функционален и безбеден јавен простор

  • За Кривогаштани да стане современа и безбедна општина, потребно е да создадеме уредени улици, функционални јавни површини и сигурна средина за сите генерации.
  • Локален совет за превенција – Интензивирање на работата на Советот со институции и граѓани, редовна координација и мерки за безбедност.
  • Сообраќајна безбедност – Нови пешачки премини, реконструкција на тротоари, сигнализација и контрола на сообраќајот.
  • Мобилност – Развој на пешачки патеки, урбани зелени површини и полесен пристап за лицата со попреченост.

Чиста и здрава животна средина

  • Здравата животна средина е предуслов за квалитетен живот.
  • Комунална хигиена – Редовно чистење, контејнери за селекција и одржување на зелени површини.
  • Чист воздух – Енергетска транзиција кон обновливи извори, субвенции за енергетска ефикасност и намалување на цврсти горива.
  • Диви депонии – Мапирање и расчистување, санкции за прекршителите и едукативни кампањи.
  • Зелена агенда – Пошумување, нови паркови и дрвореди, заштита на природните ресурси.

Општини по мерка на граѓаните

  • Општината постои за граѓаните и мора да биде вистински сервис за нивните стандарди.
  • Отворена општина – Современа веб-страница, дигитални услуги и транспарентни информации.
  • Глас на граѓаните – Јавни дебати, форуми и анкети за активно учество во одлучувањето.
  • Нулта корупција – Отчетност, контрола на набавки и санкции за злоупотреби.
  • Ефикасни услуги – Поедноставени постапки и пократки рокови за подобри услуги.

Младите во фокусот – нова парадигма за здрав и одржлив развој

  • Младите се иднината и потенцијалот на општината. Ќе креираме политики тие да останат дома со образование, работа и простор за развој.
  • Поттикнување спорт, култура, претприемништво и иновации за младите да се чувствуваат мотивирани.
  • Инвестиции во образование и култура, медиумска писменост и локален патриотизам за демократска свест.
  • Модернизација на младинскиот центар, обуки за дигитални вештини и странски јазици, библиотека како современо место за учење и креативност.
  • Буџет посебно за младите, системска и долгорочна поддршка на иницијативи.
  • Младински совет, волонтерски програми и зелени иницијативи како двигатели на иднината.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Поврзување на водоводната мрежа во Општина Кривогаштани со Регионалниот систем за водоснабдување „Студенчица“

Опис на проектот

Поврзувањето на локалниот водовод со регионалниот систем „Студенчица“ претставува стратешки инфраструктурен зафат што ќе обезбеди:

  • Сигурно и квалитетно водоснабдување за жителите на Општината
  • Намалување на ризикот од недостиг на вода во летните месеци
  • Можност за проширување на капацитетите и покривање на нови населени места
  • Зголемување на здравствената сигурност на водата за пиење
  • Намалување на трошоците на ЈП „Пелагонија“

Поврзувањето ќе започнува од главниот цевковод на подрачјето на Општина Долнени, кој има доволна носивост за прифаќање на дополнителни приклучоци, во должина од околу 8 километри, при што ќе завршува кај резервоарите за вода над Кривогаштани. На овој начин ќе се реши проблемот со честите дефекти на главниот цевковод од постојните бунари, како и недостигот на вода во Подвис, Годивле и Кореница.

Влијание на проектот:

Со реализацијата, општината ќе обезбеди долгорочно, безбедно и квалитетно водоснабдување, што е основа за натамошен економски и демографски развој.

Целна група

Сите граѓани

Рок на реализација

2027/2028 година

Буџет

1,5 милиони евра

Изградба и доградба на канализациска мрежа во населените места

Опис на проектот

Проектот предвидува целосно опфаќање на преостанатите населени места со санитарна канализација, заменувајќи ги септичките јами и штитејќи ги подземните води, во целосна усогласеност со ЕУ-стандардите.

Ќе се изгради одвоен систем со мини пумпни станици каде што тоа го наложува теренот, приклучоци до парцелите и мерни/инспекциски шахти. Отпадните води ќе се насочат кон постојните или нови прочистителни станици.

Реализацијата ќе тече во фази:

  • проектирање и имотно-правна подготовка
  • изградба на приоритетни краци со најголем еколошки ризик
  • доградба на секундарни улици и поединечни приклучоци
  • тестирање, пуштање и мониторинг

Финансирањето е комбинирано (IPA III – животна средина, национални програми, развојни банки и општински буџет), а управувањето го презема ЈКП Пелагонија со транспарентна тарифа.

Влијание на проектот:

90/95% приклученост на населението, почисти водотеци, понизок здравствен ризик и повисока атрактивност за живеење и инвестиции.

Целна група

Сите граѓани

Рок на реализација

2029 година

Буџет

≈ 8 милиони евра

Реконструкција на пречистителната станица – Кривогаштани и зголемување на капацитетот за нови приклучоци

Опис на проектот

Пречистителната станица во Кривогаштани е нефункционална поради уништувањето на централниот компјутерски систем и поради недостиг на делови од електронската контрола. Целта на проектот е повторно ставање во функција на станицата преку модернизација со енергетски ефикасни и автоматизирани системи, усогласување со европските стандарди за животна средина и воспоставување одржлив модел за управување и одржување.

Најнапред ќе се изврши техничка ревизија за утврдување на состојбата и за потребните интервенции. Потоа ќе се подготви проектна документација со современ софтвер за автоматско управување, резервни енергетски решенија и онлајн следење на квалитетот на водата. Во фазата на изведба ќе се набави и инсталира нов компјутерски систем, ќе се обнови електрониката и ќе се реконструира оштетената инфраструктура.

Влијание на проектот:

Проектот ќе обезбеди функционална станица, почиста животна средина, подобро здравје за граѓаните и усогласување со европските стандарди.

Целна група

Сите граѓани

Рок на реализација

2028 година

Буџет

300.000 евра

ПРОЕКТИ

Поставување на фотоволтаични системи на објектите од јавните институции

Опис на проектот

Општинската зграда и училиштата во Кривoгаштани и Обршани имаат доволна кровна површина со добро сончево изложување за инсталирање на фотоволтаични системи. Со ова ќе се произведува зелена енергија за сопствени потреби, ќе се намалат трошоците за електрична енергија, ќе се редуцираат CO₂ емисиите и ќе се поттикне еколошката свест кај младите.

Влијание на проектот:

Проектот носи заштеда на енергија, намалени трошоци за 60/70% и промоција на еколошката свест во заедницата.

Целна група

Учениците, наставниците, општинската администрација и сите граѓани, кои ќе имаат корист од заштеда на средства, почиста животна средина и промоција на одржлива енергија.

Рок на реализација

2027 година

Буџет

200.000 евра

Реконструкција и проширување на регионалниот пат Р2335 (Кривогаштани – Обршани – Воѓани)

Опис на проектот

Проектот предвидува проширување на патот Кривогаштани – Обршани – Воѓани на две ленти, нова коловозна конструкција, пешачка патека во населени места, одводнување, безбедносна сигнализација, автобуски стојалишта, ЛЕД осветлување и уредување на банкини. Надлежно за реализација е ЈПДП, во соработка со општината.

Влијание на проектот:

Побезбеден сообраќај, пократко време на патување и подобар пласман на земјоделски производи.

Целна група

Сите граѓани

Рок на реализација

2028 година

Буџет

≈ 5 милиони €

Проширување на индустриската зона Славеј во Агроиндустриски центар

Опис на проектот

Во индустриската зона Славеј се воспоставува Агроиндустриски центар (ладилници, сортирање/пакување, сушарница, лабораторија и логистика). Реализацијата ќе се одвива преку јавно-приватно партнерство: општината обезбедува земјиште и приклучоци, приватен партнер инвестира, гради и управува со центарот.

Влијание на проектот:

Зголемен извоз и приходи, нови работни места, помали загуби по бербата, стабилни цени и повисок квалитет на производите.

Целна група

Земјоделците

Рок на реализација

2028 година

Буџет

Јавно – приватно партнерство

Денови на културата во Кривогаштани

Опис на проектот

Дводневен фестивал што ќе ги спојува:

  • Ден 1 – Фестивал на пиперката: саем на производители, натпревари за ајвар/лутеница, детска програма и вечерна музика.
  • Ден 2 – Бела ноќ: изложби, улични перформанси и вечерна музика во организација на Младинскиот центар.

Финансирањето ќе биде од Општинскиот буџет, од спонзорства и од национални програми за култура/туризам.

Влијание на проектот:

Промоција на локалниот идентитет, ангажирање на младите, економски бенефит за локалните производители и угостители.

Целна група

Сите граѓани

Рок на реализација

2026 година

Буџет

30.000 евра

Проект за стари лица – „Здрав пензионер“

Опис на проектот

„Здрав пензионер“ ќе нуди бесплатни превентивни прегледи двапати годишно во соработка со ЗД Прилеп и со матичните лекари за што ќе биде потпишан меморандум. Мобилни тимови ќе ги посетуваат населените места, ќе мерат притисок, шеќер, ЕКГ и ќе даваат совети за исхраната и движењето. Ризичните случаи навремено ќе се упатуваат кај специјалисти.

Влијание на проектот:

Подобро здравје и подолг и достоинствен живот на старите лица преку раната детекција и дијагностицирањето.

Целна група

Пензионери

Рок на реализација

Од 2026 година

Буџет

120.000 денари

Итна медицинска помош

Опис на проектот

Проектот предвидува воспоставување служба за Итна медицинска помош во Општина Кривогаштани, во веќе адаптиран простор, со амбулантно возило и дежурен медицински тим. Реализацијата би била преку два модели: партнерство со Градската општа болница – Прилеп или приватните здравствени установи во општината.

Влијание на проектот:

Целта е да се скрати времето за интервенција и да се спасуваат животи со брза и ефикасна реакција.

Целна група

Сите граѓани.

Рок на реализација

2026/2027 година

Буџет

50.000 евра

„Патот на пиперката“ – Развивање на агротуризам

Опис на проектот

„Патот на пиперката“ е агротуристичка програма што ја обединува традицијата и современото искуство. Гостите ќе прошетаат низ нивите во текот на бербата, до пунктовите за откупи на производствените капацитети. Со водич, со дегустации и со приказни за сортите, посетителите ќе ги откриваат традициите и вкусот на производите.

Финансирање преку: ИПА III и ИПАРД III, MT и ЈПП.

Влијание на проектот:

Промоција на локалните брендови и производи, зачувување на традицијата и нови работни места.

Целна група

Земјоделци

Рок на реализација

2028 година

Буџет

20.000 евра

Дневен центар за деца со попреченост – индивидуален третман и инклузивно образование

Опис на проектот

Дневниот центар за децата со попреченост ќе обезбеди индивидуален третман, терапија и поддршка во самата заедница, без потреба од патување во други градови. Со сензорни соби, со инклузивна настава и со адаптирани игралишта, ќе се создаде средина на еднаквост, прифаќање и развој. Родителите ќе добиваат совети и поддршка, а децата шанса за среќно детство.

Влијание на проектот:

Дневниот центар нуди локална терапија и поддршка за децата со попреченост и економско олеснување и сигурност за нивните семејства.

Целна група

Деца со попреченост

Рок на реализација

2027 година

Буџет

30.000 евра

Компостара за зелен отпад од јавните површини, домашните дворови и индустриските капацитети

Опис на проектот

Проектот за компостарница има цел да го намали биоразградливиот отпад, да создаде квалитетен компост за земјоделците и уредување на јавните површини. Со современ систем за обработка на растителни и органски остатоци, ќе се намалат трошоците за депонирање, ќе се подобри квалитетот на земјиштето и ќе се отворат нови зелени работни места.

Влијание на проектот:

Намалување на биоотпадот, заштита на животната средина од загадување и создавање нови зелени работни места во Општината.

Целна група

Сите граѓани

Рок на реализација

2028 година

Буџет

Јавно – приватно партнерство

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Кривогаштани

  • Уредување на ул. „Филип Втори“ со тротоари и дрвореди по целата должина и дел од ул. „Браќа Моцаноски“
  • Асфалтирање на патот до локалитетот „Петочница“ и на преостанатите улици
  • Реконструкција на фудбалското игралиште
  • Доуредување на просторот околу „Старото училиште“
  • Реактивирање на манифестацијата „Денови на македонската народна носија“
  • Отворање Канцеларија за издавање на лични документи во ПО – Кривогаштани во соработка со МВР
  • Хортикултурно уредување на јавните површини и поставување урбана опрема
  • Фитнес-зона на отворено

Крушеани

  • Асфалтирање на преостанатите улици
  • Хортикултурно уредување на централното подрачје
  • Оградување и уредување на училишниот двор
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Поставување на урбана опрема на јавниот простор

Обршани

  • Изградба на пешачка и велосипедска патека на главниот пат
  • Реконструкција на спортската сала во ООУ „Јонче Смугрески“
  • Хортикултурно уредување на две површини – на влезот од страна на н. м. Крушеани и во центарот на Обршани
  • Асфалтирање на преостанатите улици
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Поставување урбана опрема на јавниот простор

Пашино Рувци

  • Асфалтирање на преостанатите улици во населеното место
  • Хортикултурно уредување на централното подрачје со зеленило, клупи и осветлување
  • Поставување на урбана опрема на јавниот простор
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Уредување и одржување на просторот околу споменикот на херојот Љубе Грујоски и околу Светиот Крст

Боротино

  • Асфалтирање на преостанатите улици во населеното место
  • Изградба на патот Боротино - Славеј
  • Изградба на спортско игралиште во училиштето и уредување на дворот со спортски и забавни реквизити за децата
  • Рехабилитација на водоводната мрежа
  • Регулирање на каналот за одводнување на атмосферските води од населеното место

Бела Црква

  • Асфалтирање на преостанатите улици во населеното место
  • Поставување спортски и забавни реквизити во училиштето
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Хортикултурно уредување на централното подрачје со зеленило
  • Поставување урбана опрема

Воѓани

  • Реконструкција и оградување на спортското игралиште
  • Реконструкција на објектот за потребите на Месната заедница и пензионерите
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Хортикултурно уредување на централното подрачје со зеленило, клупи и осветлување
  • Чистење на одводните канали

Кореница

  • Изградба и асфалтирање на улица до црквата „Св. Никола“
  • Редовно чистење на вегетацијата покрај патот до населеното место
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште

Годивле

  • Уредување на паркинг-просторот кај црквата „Св. Атанас“
  • Поставување на спортски и забавни реквизити во училиштето
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Редовно чистење на вегетацијата покрај патот до населеното место
  • Асфалтирање на патот од населеното место до излезот кон с. Подвис

Подвис

  • Уредување на дворот на училиштето со спортски и забавни реквизити
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Поставување на урбана опрема

Врбјани

  • Асфалтирање на преостанатите улици
  • Поставување на спортски и забавни реквизити во училиштето
  • Реновирање на објектот лоциран на КП бр.1381, КО - Врбјани за потребите на месната заедница и пензионерите
  • Одржување на пристапните патишта до земјоделското земјиште
  • Промоција на локалитетот „Врбјанска Чука“ и поддршка за организирање на настани

Славеј

  • Доградба на канализациската мрежа
  • Чистење и одржување на одводниот канал
  • Опремување на паркот кај училишната зграда со спортски и забавни реквизити
  • Асфалтирање на преостанатите улици во населеното место
  • Комплетна промена на уличното осветлување со нови економични светилки