Опис на проектот
Со години Кавадарци се соочува со сериозен проблем: отпадните води од домаќинствата, индустријата и земјоделството се испуштаат директно во природата – во реката Луда Мара и околните почви. Ова претставува директна еколошка и здравствена закана за граѓаните, животната средина и идните генерации.
Затоа предлагаме стратегиски проект – изградба на современа пречистителна станица за отпадни води, која ќе овозможи прочистување на урбаните и индустриските води пред нивно испуштање во реката.
Станицата ќе користи еколошки и енергетски ефикасни технологии, со можност за повторна употреба на пречистената вода за наводнување или за индустриска употреба. Овој проект ќе придонесе за заштита на водните ресурси, почвата и биодиверзитетот во регионот.
Со реализацијата, Кавадарци ќе ги исполни обврските од европските еколошки стандарди и ќе добие право на дополнителна финансиска поддршка од ЕУ и од државни фондови. Проектот ќе се реализира во фази, со поддршка од Министерството за животна средина, фондовите за заштита на водите и прекуграничните програми.
Оваа инвестиција значи: чиста вода, здрави граѓани, заштитена природа и подобра иднина. Ќе се создадат и нови зелени работни места за инженерски и технички кадар. Пречистителната станица е неопходен проект за здрав, модерен и еколошки одржлив Кавадарци. Градот заслужува долгорочно решение, а не импровизации. Време е да се стави крај на загадувањето и да се инвестира во чиста иднина.
Влијание на проектот:
Кавадарци е еден од градовите каде што не се врши третман на отпадни води, односно канализацијата се испушта директно во реката. Со тоа се загадува животната средина што влијае врз егзистенцијата на населението што живее во тие области. Со овој проект за пречистителна станица трајно се решава проблемот со отпадните води во општината и се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина.
Целна група: Сите граѓани
Рок на реализација: 2029 година
Буџет
250.000.000