СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА ТЕТОВО

  • 1. Живе Алексовски
  • 2. Александра Ивановски
  • 3. Дарко Богатиноски
  • 4. Оливера Кузманоска
  • 5. Зоран Томовски
  • 6. Дијана Ценоска
  • 7. Ивица Пејоски
  • 8. Ивона Стерјоска
  • 9. Благоја Самојловски
  • 10. Марија Јанкоска
  • 11. Мирко Видоески
  • 12. Наташа Симовска
  • 13. Душко Антоски
  • 14. Добрила Веселиноска
  • 15. Златко Стојановски
  • 16. Наташа Петроска
  • 17. Владимир Перовски
  • 18. Катерина Војноска
  • 19. Владимир Бишкоски
  • 20. Магдалена Бошкоска Зафироска
  • 21. Стефан Димитријески
  • 22. Стефан Димитријески
  • 23. Ванчо Ѓероски
  • 24. Надире Синани
  • 25. Игор Димоски
  • 26. Сара Петровска
  • 27. Мирослав Трајчески
  • 28. Жанета Кузманоска
  • 29. Игор Богоески
  • 30. Милена Апостолоска
  • 31. Олга Станоевиќ

Како кандидати за ваши претставници во Советот на Општина Тетово, се обраќаме директно до вас нашите сограѓани и нашите соседи бидејќи сите се соочуваме со исти проблеми и потреби за квалитетна и еколошки чиста животна средина.
Заедно и сполотено можеме да го направиме Тетово подобро место за живеење на сите граѓани, каде што сите социјални, општествени и национални ентитети ќе можат да ги остварат своите основни животни и општествени потреби запазувајќи ги европските стандарди и трендови модерно, хумано, урбано и инклузивно Тетово.
Ветуваме дека проектите што ги нудиме, а потекнуваат од вас граѓаните на наше Тетово, доследно ќе ги реализираме и оствариме во нашиот четиригодишен мандат. Ветуваме одговорно, чесно, совесно и транспарентно ќе го претствуваме вашиот глас во Советот на Општина Тетово и доследно ќе ги браниме интерсите на сите граѓани.
Заедно, чесно и посветено за наше Тетово.

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

За време на управувањето со Општина Тетово во периодот од 2017 до 2021 година реализирани се следниве проекти:

Асфалтирање на ул. „Гоце Делчев“, пробивање на дел од бул. „В. С. Бато“ од ул. „Б. Кидрич“ до ул. „Фуштанска“, подготвителни работи за пробивање на бул. „Благоја Тоска“ од ул. „29-ти Ноември“ до ул. „Браќа Миладинови“, асфалтирање на улица „116“, изградба на базен и негово предавање на користење на Општина Тетово, изградба на детска градинка во дворот на ООУ „Кирил и Методиј“, изградба на спортска сала во ООУ „А. С. Ќиќиш“, почеток на изградба на спортска сала во двор на гимназија „7 Март“ , изградба на спортска сала во двор на ООУ „Прпарими“, с. Голема Речица, предавање на објектот Дом на АРМ на користење на Музеј на тетовскиот крај, изградба на капела на православните гробишта, реконструкција на улици во с. Сараќино, реконструкција и асфалтирање на регионален пат Тетово ‒ Попова Шапка, пуштање во употреба на новиот седмосед „Мал Јелак“ на Попова Шапка, изготвување на проект за реконструкција на ул. „Р. Цониќ“, изготвување проект за реконструкција на ул. „Јане Сандански“ од ул. „29 Ноември“ до ул. „Ј.Н.А“, изготвување на проект за реконструкција на ул. „Д. Г. Кара“ од ул. „29 Ноември“ до ул. „ЈНА“.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Незаконско работење во постапката на реконструкција на ул. „Борис Кидрич“ затоа што нема правна основа ниту во важечкиот ГУП ниту, пак, во ДУП-овите за УБ низ кои поминува, непотребно менување на имињата на улиците со ставање на имиња на личности кои не се блиски и прифатени од македонското население, нетранспарентна постапка во носење на урбанистичките планови, нерешавање на проблемот со паркирањето во градот, поставување на вертикална сигнализација на раскрсница на бул. „Благоја Тоска со ул. „29 Ноември“ со нејзина дислокација од бул „Илинденска“ со ул. „Тодор Циповски - Мерџан“, лошо менаџирање со отпадоците во општината иако се формира ново претпријатие со јавно приватно партнерство за менаџирање со отпад „Саубермахер“, постојани проблеми и со кучињата скитници коишто секојдневно вршат напади на населението, иако се заловуваат и обележуваат.

Тетово е мултиетнички и мултикултурен град. Во него живеат различни етникуми. Во досегашното владеење на градоначалникот постојат голем број примери за предизвикување национална нетрпеливост како:

  • Фаворизирање на еден етникум (албанскиот) и неговите обележја во однос на другите, занемарувајќи ги правата на македонскиот народ и другите етникуми, при што на различни настани, како што се отворање улици, пуштање во употреба на објекти и друг вид настани, не се обезбедува превод на службениот македонски јазик и не се употребуваат државните симболи знамето и химната, пропишани согласно со закон.
  • Не се обезбедува спортски простор и терени за тренинг за клубови во кои поголемиот процент членови се припадници на македонскиот народ.
  • Не се почитува доследно Законот за употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во единицата на локалната самоуправа (секогаш прво се пишува на албански, па на македонски јазик).

Заедно да ги менуваме состојбите!

  • 1. Проблем со паркирање ‒ причина поради недоволен број паркинг-места, можно решение е изградба на планираните катни гаражи согласно со урбанистичките планови, решавање на паркирањето со изнаоѓање локации за зонско паркирање, контрола на планирани и реализирани паркинг-места во новоизградените станбени згради и колку е процентот на нивната искористеност и дали тие се користат соодветно на нивната намена, изградба на катни монтажни гаражи каде што условите го дозволуваат тоа согласно плановите.
  • 2. Носење нови урбанистички планови во централното подрачје на општината, причина е задоволување на биснис-интереси и релации, можно решение е урбанизирање на периферните урбани блокови за кои не е донесена нова урбанистичка документација во период од 50 и повеќе години, со што би се растоварило градењето во централното подрачје на општината и би се создале услови за похумано живеење на населението, изготвување на новиот Генерален урбанистички план со кој би се зголемил градежниот опфат на општината и би се планирале нови урбани блокови со намена колективно домување и семејно домување, како и би се разгледале нови можни локации за формирање парковски зелени површини.
  • 3. Проблем со кучињата скитници ‒ постојано се зголемува нивниот број бидејќи се носат од други населени места, можно решение е изградба на стационар каде што ќе бидат заловени и со нив ќе се постапува на хуман начин.
  • 4. Уредување на постојните зелени површини и простори наменети за спорт и рекреација, причината е нивно недоволно одржување од страна на општинската управа и несовесно чување и користење од граѓаните на општината, можно решение е обновување на зелените површини, засадување нови садници и хортикултурно уредување, поставување адекватно осветлување, урбана опрема за спорт и рекреација, поставување клупи за одмор и поставување соодветен систем за надзор и обезбедување од страна на комунални редари и инспекција.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Изградба на катни гаражи и паркинг-простори

Опис на проектот

Тетово е регионален центар на Полошкиот Регион. Како таков кон него гравитираат повеќе општини и населени места. Со тоа напливот на население е голем, а особено се зголемува во летниот и зимскиот период кога во општината се враќаат и иселениците во родниот крај. Напливот на возила во Општина Тетово се зголемува, а со тоа и потребата за обезбедување соодветни паркинг-места.

Од тоа произлегува потребата од катни гаражи и паркинг-места во Тетово е од особено и големо значење бидејќи со нивната изградба ќе се овозможи дополнителни паркинг-простори за жителите на Тетово, но и за корисниците на услуги во градот.
Со нивна изградба ќе се придонесе за олеснувањето на сообраќајниот метеж и проблемот со недостиг на паркинг-простор.
Согласно со постојниот генерален урбанистички план и важечките детални урбанистички планови, постојат повеќе предвидени локации за изградба на катни гаражи и паркинг-места што се лоцирани во близина на влезовите и илезите на градот, и тоа од северната и од источната страна, односно при излезот-влезот од и кон регионалниот пат Тетово ‒ Јажинце (стариот градски стадион) од северната страна на градот и во близина на влезот – излезот од и кон Скопје во близина на спортската сала со кои ќе се стави ред во паркирањето, ќе се растоварат сообраќајниците од несоодветно паркирани возила, ќе се растовари и сообраќајниот метеж во централното подрачје на Тетово со што директно ќе се олесни и сообраќајниот хаос во општината.

Влијание на проектот:

Изградба на катни гаражи во близина на Спортски центар, стариот градски стадион, со паркинг-места, кои согласно со постојните детални урбанистички планови ќе се регулира паркирањето во општината, а со тоа ќе се олесни и ќе се олесни протокот и движењето на возилата низ општината.
Со изградба и реконструкција на паркинзите низ градот ќе се зголеми и ќе се регулира начинот на паркирање на возилата, а со тоа и ќе се избегне сообраќајниот метеж.

Целна група: Жители на Тетово и околните населени места, но и од општините што гравитираат околу Општина Тетово, како и иселениците што доаѓаат за време на летниот и зимскиот период.

Уредување на Жена-парк

Опис на проектот

Жена-парк се наоѓа во источниот дел на Општина Тетово во близина на автобуската и железничката станица. Како таков, тој претставува единствена површина што служи за одмор, рекреација и дружење на жителите на Општина Тетово. Со оглед на тоа што неговата површина не е голема, имаше повеќе обиди од претходните раководства на општинската администрација за негово облагородување и уредување. Но поради негово нередовно одржување, негрижа и вандалско однесување на жителите на општината, тој е неуреден и мошне оштетен со неуредени и запуштени патеки за пешачење, недоволно поставени клупи за седење и недоволна грижа за зелените површини. Потребно е негово озеленување и поставување урбана опрема за да можат жителите на Тетово да поминуваат повеќе време во еколошки чиста и зелена површина, да се релаксираат и каде што би можеле да поминат убави моменти.

Паркот би можел да содржи и патека за трчање, патека за велосипеди и друго хортикултурно и естетско уредување. Во него може да се обнови поставената опрема за фитнес-активности затоа што не е одржувана и е мошне оштетена, како и да се постават фонтанички за пиење вода.

Влијание на проектот:

Озеленување на веќе постојниот парк во Тетово поради потребата од зелена и еколошки чиста средина во која жителите на општината би поминувале квалитетно време, би се рекреирале и би се релаксирале.

Целна група: Возрасни лица, деца и младинци, спортисти.

Надворешни спортски терени во училиштата

Опис на проектот

Во Општина Тетово има поголем број општински основни училишта, општински средни училишта, како и еден државен училиштен центар, кои имаат или немаат уредени спортски терени во своите училишни дворови. Спортските терени се изградени и оставени на забот на времето без некои поголеми интервенции во нивното одржување.

Спортските терени или се обложени со асфалтна подлога која е во многу лоша состојба, или пак се обложени со бехатон-плочки без соодветни системи за одводнување и собирање на атмосферските води. Поради тоа е потребно да се создадат уредени и безбедни спортски терени во училиштата во Општина Тетово каде што ќе се реализираат активности по физичко и здравствено образование и воспитание, но и воннаставни активности за унапредување на спортот и спортскиот дух кај младата популација. Во моментот терените се без дополнителни реквизити, односно не ги исполнуваат минимум условите за развивање на спортот во Општина Тетово.
Со нивно уредување и поставување соодветни спортски реквизити и помагала спортските терени ќе бидат достапни за сите граѓани што сакаат да спортуваат. На истите спортски терени можат да се направат подлоги со регулирана дренажа и одвод на атмосферските води, поставување соодветна подлога, и тоа вештачка трева на фудбалските терени, гумирана подлога на кошаркарските и одбојкарските терени и нивно осветлување со самоодржливи соларни канделабри, како и во дворовите во кои има можности поставување атлетски патеки.

Влијание на проектот:

Уредувањето на спортските терени во општинските средни и општинските основни училишта во Општина Тетово ќе овозможи создавање услови за формирање здрава младина и поле за остварување нови пријателства коишто ќе придонесат во зацврстување на соживотот во нашата мултиетничка средина. Притоа се создаваат услови за унапредување на спортскиот дух кај учениците, младите, но и кај другите жители во Општина Тетово што се љубители на спортот и имаат насушна потреба од вакви спортски терени.

Исто така, со уредување на спортските терени во училишните дворови би се прекинала и востановената практика од општинското раководство за нивно користење како паркинг-простор со што би се спречило нивно уништување и девастирање.

Целна група: Ученици, млади, спортисти, спортски клубови и вљубеници во спортот.

ПРОЕКТИ

Велосипедски патеки

Опис на проектот

Поради густината на сообраќајот во Општина Тетово, а воедно и преголемата загаденост на амбиенталниот воздух, потребно е да се размислува за овозможување еколошки транспорт во кој спаѓа и велосипедизмот. Оттука произлегува и заживување на идејата за создавање велосипедски патеки покрај главните сообраќајни артерии во општината, со што ќе се намали бројот на моторни возила во сообраќајот, а со самото тоа и загадувањето на амбиенталниот воздух во општината.

Со реализација и создавањето на велосипедските патеки би се заштитиле велосипедистите како директни учесници во сообраќајот, би им се овозможило на љубителите на здравиот начин на живот во нашата општина да се врати врската меѓу човекот и природата и би се работело на враќање на свеста за здрав живот.
Исто така, постојат можности за изградба на велосипедски патеки и до нашите познати излетнички места, како, на пример, „Бањиче“ и тоа од левата страна од текот на реката Пена.

Влијание на проектот:

Со реализирање на овој проект директно би се влијаело врз заштитата на велосипедистите како учесници во сообраќајот, би се влијаело врз намалувањето на загаденоста на амбиенталниот воздух во нашата општина, би се зголемил бројот на велосипедисти како директни учесници во сообраќајот, што би довело до намалување на бројот на моторните возила во сообраќајот и индиректно би се зголемила еколошката свест на населението.

Целна група: Сите велосипедисти, вљубеници во здравиот начин на живот, екологисти и вљубеници во природата.

Парк „Спортски центар“

Опис на проектот

Поради недостиг на зелени парковски површини во Општина Тетово, потребно е да се размислува за ревитализација и изградба на парковски простор што ќе овозможи похуман живот, место за рекреација и прошетка на жителите од нашата општина.

Една од таквите површини што може да се искористи за таква намена, а која и според постојниот генерален урбанистички план е со намена спорт и рекреација е површината лоцирана југозападно од крстосницата на бул. „Видое Смилевски-Бато“ и ул. „Љубо Божиновски-Пиш“, поточно делот од слободната површина на стариот спортски центар.
Со реализацијата на овој проект би се овозможило реализација на долгопосакуваната желба на тетовци за уредена парковска зелена површина што се наоѓа во речиси централниот дел на општината околу што гравитираат поголем број урбани заедници со објекти за колективно и индивидуално домување.
Со озеленување на овој простор и со поставување пешачки патеки, велосипедски патеки, места за забава и рекреација на младите и децата, поставување катчиња за рекреација за возрасните жители на општината, поставување клупи и засадување на дрвја се создава еден простор што ќе биде користен од жителите на целата општина и би се одржал континуитетот со некогашниот „Спортски центар“, кој е врежан во колективната меморија на жителите на Општина Тетово.

Влијание на проектот:

Реализацијата на проектот парк „Спортски центар“ има директно влијание врз екологијата во нашата општина, подобрување на хуманиот начин на живот, зголемување на зелените површини, создавање урбана зелена површина во општината којашто ќе биде место за дружење, зближување и зајакнување на мултиетничноста во општината.

Со озеленување на оваа површина ќе се намали и загадувањето во градот, со што би се зголемил процентот на зелени површини, би се создало место за прошетка, рекреација и место за разладување во жешките летни денови и конечно би се расчистила големата депонија од градежен шут во срцето на општината што создава само грда слика.

Целна група: Сите жители на Општина Тетово.

Велосипед за секое семејство

Опис на проектот

Зголемениот број на моторни возила во Општина Тетово и недостигот од паркинг-простори во општината доведува до размислување за користење на велосипедот како превозно средство. Со негово користење во сообраќајот во општината може да се придонесе за намалување на сообраќајниот хаос, намалување на метежот на улиците во општината, како и грижа кон животната средина со намалување на опасните ПМ-честички во воздухот.
Со одвојување средства во општинскиот буџет може да се субвенционира купување велосипед во семејствата, со што ќе всади навика за почесто користење на велосипедот како превозно средство во секојдневниот живот на граѓаните. Со изградбата на велосипедските патеки низ општината ќе се обезбеди и побезбедна околина за движење на велосипедистите низ општината.

Влијание на проектот:

Со остварување на овој проект се врши директно влијание врз намалувањето на сообраќајниот хаос на улиците во општината, се врши директно влијание на грижата за животната средина и се всадува љубовта на населението кон екологијата, здравиот начин на живот и љубовта и враќањето кон природата.

Целна група: Припадници на младата, средната и возрасната група население, велосипедисти, екологисти, вљубеници во здравиот начин на живот и спортисти.

Поставување енергетски ефикасни фасади на станбени објекти за колективно домување (згради)

Опис на проектот

Општина Тетово е една од ретките општини во која не се води грижа за колективните станбени згради, односно нивната енергетска ефикасност. Со поставување термичка изолација на фасадите на колективните станбени згради се влијае врз енергетската ефикасност на самите станбени единици во колективните станбени згради, а со тоа и на семејниот буџет на станарите.
Поставувајќи ја изолацијата на фасадите директно се влијае и врз надворешниот изглед на фасадите на станбените згради, а со тоа и се подобрува нивниот изглед подобрувајќи ја и целосната слика на нашата општина. Се става ред во изгледот на зградите и се отстранува неубавиот изглед на фасадите создаден со текот на годините.

Влијание на проектот:

Поради големиот број интервенции на надворешниот изглед на фасадите на станбените згради разните доградби нагрден е изгледот на истите.
Со поставување термичка изолација на фасадите на станбените згради се подобрува надворешниот изглед на фасадите, се зголемува заштедата на користење енергија за затоплување на станбените единици во станбените згради, индиректно се влијае и врз еколошкиот аспект, односно намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во зимскиот период, директно се влијае врз енергетската ефикасност, а со тоа и врз семејниот буџет на станарите.

Целна група: Жителите станари во колективните згради за живеење.

МЕСНИ ПРОЕКТИ

МО Сараќино

  • Изградба на спортски терени.
  • Реконструкција на улици.

МО Гоце Делчев

  • Изградба на детско игралиште.
  • Поставување клупи за одмор.
  • Поставување канти за отпадоци.

МО Христо Антески

  • Асфалтирање на ул. „Христо Антески“ и ул. „144“.
  • Редовно чистење и собирање на комуналниот отпад.
  • Редовно чистење и миење на улиците и тротоарите.

МО Тетовчанка

  • Редовно собирање и чистење на комунален и кабаст отпад.
  • Локацијата на стариот „Бугарски пазар“ да се пренамени и адаптира во зелена парковска површина со изградба на детско игралиште.

МО Касарна

  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.
  • Поставување на клупи за одмор по улиците.
  • Реконструкција и асфалтирање на оштетените улици.

МО Кула Цетинска, МО Стара Градинка

  • Почесто празнење на поставените контејнери и нивно чистење од страна на надлежните служби.
  • Обезбедување доволен број паркинг-места на ул. „Јован Ончески“ поради близината на двете детски градинки и воспоставување посебен режим на сообраќај.
  • Асфалтирање на улицата околу „Стара градинка“.
  • Поради близината на кафулињата и нивниот голем број, да се почитува законската регулатива за јавниот ред и мир и вршење почести контроли од надлежните органи.

МО Радован Цониќ

  • Реконструкција и асфалтирање на ул. „Струшка“.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.

МО Чешел

  • Решавање на проблемот со паркинг-местата.
  • Редовно собирање и чистење на комуналниот отпад.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.

МО Горна Чаршија

  • Решавање на проблемот со уличното осветлување.
  • Реконструкција на водоводната мрежа и решавање на проблемот со водоснабдување.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.
  • Решавање на проблемот во урбанизмот со почитување на важечките детални урбанистички планови и вршење почести контроли во областа на урбанизмот од страна на надлежни инспекциски служби.
  • Решавање на проблемот со паркинг-местата.

МО Чешел, МО Бл. 54 – Пазар

  • Реконструкција на водоводна мрежа и подобрување на водоснабдувањето.
  • Поставување доволен број контејнери и нивно редовно празнење и чистење.
  • Решавање на проблемот со паркирање со обезбедување доволен број паркинг-места.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.
  • Почитување на Законот за јавен ред и мир во Жена-парк.

МО Браќа Миладинови

  • Решавање на проблемот со паркирање.
  • Решавање на проблемот со улично осветлување.
  • Поставување на контејнери за кабаст и комунален отпад и нивно редовно чистење.
  • Асфалтирање на кракот од ул. „Браќа Миладинови“ во населба Станбена.

МО Блок 70

  • Решавање на проблемот со паркирање.
  • Поставување на клупи за одмор и изградба на парк со детско катче.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.
  • Редовно чистење и собирање комунален и кабаст отпад.

МО Колтук

  • Решавање на проблемот со паркинг-просторот

МО А. С. Ќиќиш и Два Бреста

  • Поставување улично осветлување на ул. „Шарпланинска“.
  • Уредување на спомен-паркот „Два Бреста“ со поставување реквизити за детско игралиште и рекреација на деца.
  • Решавање на проблемот со паркирање.

МО Певчина

  • Обнова на асфалт на оштетени улици.
  • Решавање на проблемот со паркирање.
  • Почитување на веќе воспоставен сообраќаен режим.

МО Корзо, МО Јане Сандански, МО Центар, МО Маршал Тито

  • Реконструкција и асфалтирање на ул. „131“ и ул. „133“.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.
  • Поставување монтажна катна гаража над постојниот паркинг на ул. „133“.
  • Засадување дрворед и поставување клупи на дел од ул. „133“.
  • Изградба на спортска сала во ООУ „Лирија“.
  • Изградба на дневен престој во ООУ „Лирија“.
  • Уредување и одржување на парковското зеленило на кејот на реката Пена.

МО Фалише

  • Изградба на ограда околу основното училиште.
  • Изградба на тротоари.
  • Изградба на спортски терени (игралишта) за млади.
  • Отворање младински едукативен центар.

МО Мирче Ацев

  • Поставување доволен број канти за отпад со редовно и често нивно празнење.
  • Поставување нови контејнери на локации каде што ги нема.
  • Асфалтирање на ул. „Иво Рибар-Лола“ со регулирање и реконструкција на тротоарите.
  • Засадување на дрвореди и поставување на улично осветлување.
  • Поставување велосипедски патеки по булеварите и улиците.

МО Спортски центар

  • Регулирање и урбано решение на влезот во ООУ „Братство – Миѓени“.
  • Изградба и регулирање на тротоари на улиците.
  • Решавање на проблемот со паркирање.
  • Надградба на ООУ „Братство – Миѓени“ и овозможување хумани услови на учениците.

МО Железничка

  • Асфалтирање на улици во Ајдучко Маало.
  • Реконструкција на паркот и детското игралиште во Ајдучко Маало.
  • Поставување улично осветлување.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.
  • Решавање на проблемот со паркинг-места.

МО Братство-единство

  • Поставување улично осветлување.
  • Реконструкција, асфалтирање и изградба и регулирање на тротоари на улиците.
  • Решавање на проблемот со паркирање.
  • Решавање на проблемот со кучињата скитници.