Почитувани сограѓани,

Како ваш поранешен градоначалник во периодот 2017–2021 година, имав чест и одговорност да работам исклучиво за интересите на граѓаните, а не за партиски или лични интереси. Во тој период започнавме многу проекти, го подобривме квалитетот на животот, обезбедивме транспарентно работење и поставивме основа за чесно и одговорно управување со општината.

Мојата професионална биографија е поврзана со долгогодишна работа во јавниот сектор, во која стекнав искуство во раководење со проекти и решавање на проблемите на заедницата. Секогаш сум настапувал одговорно и принципиелно, со јасна визија дека јавниот интерес мора да биде над сè.

Знам дека по завршувањето на мојот мандат, голем дел од она што се работеше беше надвор од законските рамки и често на штета на граѓаните. Ви ветувам дека сè што не е законски изведено ќе биде целосно преиспитано од надлежните државни институции. Секој потег што е направен спротивно на законот ќе биде санкциониран, затоа што општината е на граѓаните, а не на поединци и групи.

Се кандидирам повторно затоа што верувам дека можеме да изградиме поодговорна, поразвиена и поуспешна Општина Конче.

Мојата визија е:

• транспарентно и чесно управување со јавните пари,
• развој на инфраструктурата со реални и одржливи проекти,
• поддршка на образованието, младите и културата,
• економски развој преку поддршка на локалното земјоделство и малиот бизнис,
• создавање општина во која граѓаните ќе имаат доверба во институциите.

Како жител на оваа општина, како родител и како човек што ја сака својата средина, ги знам сите наши предизвици, но и нашиот огромен потенцијал. Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба, вашата поддршка и вашиот глас заедно да ги вратиме правдата, чесноста и вистинскиот развој во Општина Конче.

Со почит,

Благој Илиев

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА КОНЧЕ

  • 1. Ристо Томов
  • 2. Серхан Нанушев
  • 3. Ивана Ристова
  • 4. Мартин Илиев
  • 5. Слаѓана Петрова
  • 6. Николинка Василева
  • 7. Георге Јованов
  • 8. Фидаје Вејселова
  • 9. Антонио Јанев

Почитувани сограѓани,

Ние, кандидатите за членови во Советот на Општина Конче, ви се обраќаме со искрена порака: проблемите со кои се соочува општината се и наши проблеми. Вашите потреби, барања и идеи се наши приоритети.

Ќе бидеме вашите застапници, гласноговорници и борци – за да се слушне гласот на секој граѓанин, од секое село и секој дом. Заедно можеме да изградиме општина каде што сите имаат чиста вода, чисти улици, подобри патишта, како и сигурна поддршка за земјоделците, можности за младите, развој на малите бизниси и зачувана култура и традиција.

Ветуваме чесна, посветена и транспарентна работа. Со вашата поддршка, ќе го донесеме гласот на народот во Советот на Општината.

Заедно за подобра Општина Конче – гласот на граѓаните во Советот!

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

Во периодот од 2017 до 2021 година реализиравме повеќе од 80 проекти во Општина Конче, меѓу кои:

  • изградба на детска градинка;
  • изградба на спортска сала;
  • изградено речно корито во с. Дедино;
  • отворени нови работни места;
  • изградба на ново улично осветлување во селата;
  • изградени голем број општински патишта и асфалтирање на повеќе улици во селата;
  • реконструкција на училишното игралиште во ООУ „Гоце Делчев“;
  • изградба на две нови спортски игралишта;
  • отворање програми за социјaлно ранливи категории граѓани - помош за секого;
  • набавување на нова механизација, нов трактор, приколки и автомобили за потребите на општината како и возило за превоз на топол оброк и многубројни приклучни машини, алат и прибор;
  • опрема за противпожарното друштво;

Општината работеше за доброто на сите граѓани, без разлика на нивната национална или партиска припадност. Секој граѓанин беше важен.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

  • Индустриска зона 'Лакавица' – локалната урбанистичка документација никогаш не се изработи. Ова требаше да донесе работни места и инвестиции.
  • Фекална канализација во Конче – делумно започната, недовршена работа што ги остава граѓаните во нехигиенски услови.
  • Тротоари од 3500 м² – наместо практичен асфалт, добивме претерано поплочување со бехатон, пренагласен проект без вистинска корист.
  • Субвенции за енергетска ефикасност – ниту еден дом не доби поддршка за поевтина струја.
  • Локален пат Конче ‒ Долни Липовиќ – неизграден, граѓаните и натаму газат кал, без надеж за подобра поврзаност меѓу селата.
  • Реката во Ракитец – уредувањето на речното корито не започна, оставајќи го селото запуштено и под ризик од поплави.
  • Коритото на Стругалница во Долни Липовиќ – партерното уредување е нецелосно, уште еден започнат проект без визија.
  • Водоснабдување во Сончева езерска населба – нема ни капка вода од ветениот систем, а туристичкиот потенцијал пропаѓа.
  • Реконструкција на водосистемите – селата остануваат без вода поголем дел од годината, а ветената 'комплетна реконструкција' е сведена на срамни минимални зафати.
  • Стадион во Конче – тревникот и соблекувалните пропаѓаат, младите без место за спорт, а ветувањата за реконструкција – празни.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто повторно се кандидирам?

Се кандидирам затоа што верувам дека Општина Конче заслужува континуитет на развојот што го започнавме. Мојата најголема мотивација сте вие – граѓаните, и мојата обврска е да продолжиме таму каде што застанавме, со уште посилна визија и нови проекти. Сакам да го довршам она што го ветив: подобра инфраструктура, поддршка за семејствата и економски раст. Со нови идеи, како што е изградба на спортски терени за младите и целосна модернизација на селата, ќе го зацврстам напредокот, осигурувајќи се дека секој граѓанин чувствува промена.

Колку е важна визијата за општината?

Без визија нема насока, а без насока нема развој. Визијата за Општина Конче е визија за едно подобро, похумано и посовремено место за живеење. Но тоа е и дел од поголема визија – визија за општество во кое секој граѓанин има еднакви можности и достоинствен живот. Ова вклучува паметно планирање на просторот, развој на туризам околу езерото Мантово и создавање услови за квалитетно образование, здравство и култура, со цел Општина Конче да стане пример за рурална успешност.

Што мора да се направи во следниот мандат?

Не е доволно само да градиме улици и патишта. Тоа е основа, но не е доволно. Во следниот мандат мора да вложиме во секој еден човек: во младите, во образованието, во здравството, во социјалната сигурност. Инфраструктурата е темел, но општината ја прават луѓето и нивните животи. Ќе воведам бесплатни комунални услуги, социјални услуги, медицински прегледи во селата, модернизација на училиштата со дигитални уреди и програми за обука на невработените, жените, овозможувајќи целосна грижа за сите генерации.

Колку се важни младите?

Младите се срцето и иднината на нашата општина. Без нив – нема иднина. Ќе обезбедиме услови младите да останат овде, со можности за образование, работа, спорт, култура и забава. Ќе ги поддржиме во образованието и ќе ги стимулираме да создаваат свои бизниси. Планирани се стипендии за студенти, бесплатни ИТ-курсеви и поддршка за стартапи, заедно со спортски центри и културни настани што ќе ги задржат да останат и да ја градат својата иднина во нашата општина.

Како гледам на безбедноста на граѓаните?

Безбедноста е предуслов за слобода. Секоја улица и секое село мора да биде осветлено, а општината да реагира брзо и ефикасно на секој проблем – од сообраќајни ризици до природни непогоди. Ќе инвестирам во ЛЕД-осветлување на сите патеки, општинска патрола за ноќна безбедност и системи за ран аларм за поплави за поголема безбедност на секое семејство.

Планирање на просторот и мобилноста?

Планирањето на просторот и мобилноста е клучно. Добро планирани патишта, јавен превоз, велосипедски и пешачки патеки, современо уредени јавни простори – тоа е патот кон побрз развој и подобар квалитет на животот. Ќе изградам нови автобуски постојки, уредени паркови во Конче и Дедино, како и линија за бесплатен превоз до Радовиш, олеснувајќи го секојдневието на граѓаните и привлекувајќи нови жители.

Екологија и чиста животна средина

Не сме осудени да живееме во нечистотија и загадување. Во следниот мандат приоритет ќе биде чиста околина, модерно управување со отпадот, уредени депонии и зелени политики. Сакаме да оставиме чист воздух и здрава средина за идните генерации. Планирани се кампањи за рециклирање, пошумување на 5.000 дрвја и чистење на езерото Мантово и Конечки Езера за да го зачуваме природното богатство.

Доверба и транспарентност

Знам дека довербата на граѓаните во институциите е нарушена. Нашата општина ќе покаже дека може поинаку: со транспарентност во трошењето, отвореност кон граѓаните, јавни седници и достапност на секој документ. Корупцијата нема место во нашата општина. Ќе воведам онлајн платформа за следење на буџетот и месечни средби со граѓаните за отчетност.

Иселување и наталитет

Немаме иднина без луѓе. Ќе работиме на мерки што ќе ги задржат младите: субвенции за млади брачни парови, поддршка за секое новородено дете, бесплатни градинки и поддршка за малите бизниси. Конче мора да биде место каде што луѓето гледаат перспектива за своите семејства. Ќе додадеме месечни додатоци за ученици и фонд за рурален туризам.

Зошто граѓаните да гласаат за мене?

Затоа што јас не сум само кандидат – јас сум ваш сограѓанин што ја знае секоја улица, секој проблем и секоја потреба. Не ветувам чуда, ветувам работа, чесност и резултати. Мојата разлика од другите е тоа што јас веќе покажав дека може да се работи за сите – без поделби. Заедно можеме да направиме Конче да стане дом за сите генерации.

Мојата визија за Конче е визија за Општина во која луѓето се на прво место. Општина која што гради, развива и се грижи – заедно со своите граѓани.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Земјоделство, Индустриска зона и Развој на Општина Конче

  • Земјоделство: Ќе ги подобриме полските патишта – со тврд камен-тампон во Конче, Дедино, Ракитец, Долни Липовиќ, Лубница, Габревци и Горни Липовиќ. На главните патишта во Конче и Дедино ќе асфалтираме по 2 км, а во другите села по 1,5 км.
  • Индустриска зона: Во Лакавица ќе изградиме мала индустриска зона со пазар, хала за сортирање зеленчук, ладилници и машини за пакување/преработка. Ќе се вработат 20–30 жители од Општина Конче.
  • Вода: Од акумулацијата Пожар до Конче преку пумпи и цевковод; поврзување на Конечките Езера со Конечкото Поле; бунари во секое село; субвенции за 500 домаќинства за „капка по капка“ систем.
  • Жени – Столб на семејството: Поддршка во земјоделската кооператива „Конечко поле“ за производство на ајвар, мед и ракотворби. Пристап до машини, обуки и продажба на производи на саеми.
  • Спорт и млади: Ново фудбалско игралиште, бесплатни тренинзи за деца 8–18 год., обезбедена опрема и тренери, екипи за натпревари во Струмичкиот регион и летен камп „Фудбалско лето“.
  • Пензионери: Пензионерски простории во секое село, дневен центар во Ракитец, превозно возило, бесплатни сезонски вакцини и домашна здравствена нега.
  • Образование: Мотивација за наставници, модерна настава, стимулирање ученици преку прошетки, посети на музеи, театри и спортски активности организирани од општината.
  • Култура: Поддршка на фолклорни друштва, нови носии, локални фестивали, реновиран Дом на културата, обновени и осветлени кули. Катарина Кантакузина како симбол преку фестивали и спомен-обележје.
  • Транспорт: Организиран бесплатен превоз Конче–Радовиш трипати дневно во двете насоки за сите граѓани што патуваат на работа.
  • Животна средина: Нова современа општинска депонија за отпад од сите села, со бесплатно собирање, транспорт и депонирање – за заштита на природата и поубаво општество.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Реконструкција на регионалниот пат Радовиш ‒ Конче во должина на цела територија на Општина Конче, до граница со Општина Радовиш

Опис на проектот

Реконструкција и проширување на единствениот патен правец за излез и влез во Општина Конче. Проширување на патниот правец Радовиш ‒ Конче до 5,5 метри, со две коловозни ленти во два патни правци, за нормално и безбедно движење без тесни грла. Предвидено е поставување осветлување покрај патот, изградба на заштитни огради на критичните точки и редовно одржување со општински тимови. Проектот ќе го олесни транспортот, ќе привлече инвестиции и ќе го подобри туризмот (особено околу езерото Мантово), правејќи ја општината побезбедна и подостапна.

Влијание на проектот:

Огромно позитивно влијание врз развојот на општината, квалитетот на живот на граѓаните, локалната економија и намалување на иселувањето; создавање нормални услови за живот во рурална средина.

Целна група: Сите граѓани на Општина Конче

Рок на реализација: 2025 ‒ 2029 година

Буџет

200 милиони денари.

Реконструкција на селски водоводи

Опис на проектот

Водоводите, и покрај постоењето на јавно комунално претпријатие, се во исклучително лоша, застарена и амортизирана состојба, па е потребна целосна санација, реконструкција и доградба, како и изградба на нови бунари за дополнување со нови количини пивка вода. Поради големите суши во летниот период, речиси сите села се со недоволно количество пивка вода и со многу лош квалитет, што се одразува негативно врз здравјето на граѓаните, особено децата и лицата со нарушено здравје. Планирано е модернизирање на системот со нови цевководи, филтри за пречистување и резервоари за стабилно снабдување. Ќе се воведат мобилни водни единици за критични периоди и кампањи за штедење вода, осигурувајќи здравје и квалитетен живот за сите.

Влијание на проектот:

Огромно влијание врз животниот стандард, обезбедувајќи чиста, пивка и безбедна вода. Се зачувува здравјето на граѓаните.

Целна група: Сите граѓани, особено децата и хронично болните и лицата со потешки болести

Рок на реализација: 2025 ‒ 2027 година

Буџет

60 милиони денари.

Отворање индустриска зона со мини фабрика за откуп на зеленчук и овошје

Опис на проектот

Општина Конче има изработен проект за индустриска зона на Лакавица со намена за отворање погони за собирање, селекција и пакување на земјоделски производи. Се планира зона со обезбедена патна, водоводна и електроинфраструктура за фирми што ќе изградат погони, како и откупна странска фирма за тутун. Со започнување на работата се планира локално вработување до 30 лица. Проектот вклучува изградба на модерна логистичка база, субвенции за почетници во бизнисот и обуки за квалификација на работниците. Ќе се овозможи соработка со регионални пазари за пласман, особено органски производи од Конечко Поле, со што ќе се привлечат инвестиции преку европски грантови. Ова ќе го зајакне економскиот развој и ќе го спречи иселувањето.

Влијание на проектот:

Општо добро влијание врз локалната економија и поттикнување на развојот на земјоделското производство бидејќи се обезбедува сигурен пласман во сопствената општина.

Целна група: Земјоделци, работници, локални фирми, занаетчии од Општина Конче

Рок на реализација: 2026 година

Буџет

50 милиони денари.

ПРОЕКТИ

Асфалтирање и тампонирање на поважни полски патишта во општината

Опис на проектот

Општина Конче е 95 % земјоделска општина и земјоделството е главна стопанска дејност. Земјоделците, за жал, патуваат по многу лоши полски патишта, кои не се одржуваат навреме и правилно. Со изградба, тампонирање и асфалтирање на поважни полски патишта, минимум по еден за секое населено место, значително ќе се подобри земјоделската работа и ќе се скрати времето за пристигнување до обработливите површини.

Влијание на проектот:

Големо позитивно влијание врз развојот на земјоделството, локалната економија и благосостојбата на работното население во Општина Конче.

Целна група: Земјоделци

Рок на реализација: 2025 ‒ 2029 година

Буџет

10 милиони денари.

Изградба на брана на локација под Пожар Конче и по два бунара за наводнување во секое село

Опис на проектот

Конче (400–650 м надморска височина) има слаби подземни води и ниски врнежи, па земјоделците, особено во последните години, се во тешка ситуација – посевите се сушат, а производството е слабо. Со изградба на брана под Пожар и бунари за акумулација на вода, ќе се обезбедат минимални количини за наводнување со систем „капка по капка“ за тутун, овоштарство, лозарство и други култури.

Влијание на проектот:

Големо влијание за продуктивно современо земјоделство со систем „капка по капка“, кое ќе овозможи поголем принос по хектар од тутун, лозје, овоштарство и други култури.

Целна група: Земјоделци, полјоделци, градинари, овоштари, лозари

Рок на реализација: 2027 ‒ 2028 година

Буџет

50 милиони денари.

Отворање општински институции, едношалтерски систем, полиција, Агенција за вработување, канцеларија за земјоделство, канцеларија за социјални работи, противпожарна станица.

Опис на проектот

Конче како општина што постои 30 години, не успеа да ги развие локалните услуги. Граѓаните патуваат во Радовиш, не чувствувајќи ја вредноста на општината поради незадоволени потреби. Нема едношалтерски систем, полициска станица (потребна за зголемена безбедност), канцеларија за вработување, социјални прашања или земјоделство. Ова предизвикува иселување, иако граѓаните имаат куќи, имоти и обработливи површини.

Влијание на проектот:

Влијание врз животот и економијата, при што се заштедуваат средства за добивањето неопходни граѓански услуги. Недостигот од институции ги поттикнува граѓаните на иселување, а тоа мора да се менува.

Целна група: Сите граѓани на Општина Конче

Рок на реализација: 2025 ‒ 2029 година

Буџет

10 милиони денари.

Изградба на модерна регионална депонија во Конче

Опис на проектот

Изградба на општинска депонија по стандарди за безбедно складирање и депонирање отпад од домаќинствата. Проектот ќе опфати изградба на инфраструктура, мала станица за возила, простор за складирање и ограден вкупен простор за депонирање. Ќе се вклучат системи за рециклирање, контролирано депонирање и мониторинг на загадувањето, заштитувајќи ја околината. Планирано е и ангажирање локален тим за одржување и едукација на граѓаните за селекција на отпад, осигурувајќи чиста и здрава заедница.

Влијание на проектот:

Влијание врз целокупната животна средина и здравјето на сите граѓани, како и домашните и дивите животни што живеат во овој регион.

Целна група: Граѓани на Општина Конче

Рок на реализација: 2025 ‒ 2026 година

Буџет

30 милиони денари.

Бесплатен превоз во два правци за сите граѓани од селата до Радовиш

Опис на проектот

Општината конечно ќе го регулира превозот со општински средства и ќе отвори општински линии субвенционирани од буџетот за сите граѓани, со цел да се надмине деценискиот проблем на патувањето до административниот центар Радовиш и назад. Планирани се три дневни линии (утро, пладне, попладне) со модерни комбиња, вклучувајќи и сезонски превоз за земјоделци. Ќе се изградат автобуски постојки со натстрешници и ќе се обезбеди пристапност за лица со попреченост, олеснувајќи го секојдневието и спречувајќи иселување.

Влијание на проектот:

Големо влијание врз целокупната популација, а особено за повозрасните лица и пензионерите, жените и сите работници што патуваат до работното место.

Целна група: Сите граѓани на Општина Конче

Рок на реализација: 2025 ‒ 2029 година

Буџет

10 милиона денари.

Изградба и реконструкција на стадионот во Конче со трибини и соблекувална за деца и спортисти

Опис на проектот

Во Конче, како место со голема фудбалска традиција, овој спорт е изумрен поради немање соодветни спортски терени за групни настани и тренинзи. Проектот предвидува реконструкција на фудбалскиот стадион, изградба на трибина од едната страна и реконструкција на објект за соблекувални за спортистите и гостите. Ќе се додаде модерно осветлување, вештачка трева и простор за младите да тренираат, оживувајќи го спортот. Планирано е и организирање локални турнири за привлекување на заедницата, со цел да се поттикне здравиот животен стил и да се задржат младите во општината.

Влијание на проектот:

Влијание врз здравјето на граѓаните што спортуваат и зголемување на интеракцијата меѓу жителите на Општина Конче.

Целна група: Млади, возрасни, спортисти, љубители на спортот, ученици од училиштето

Рок на реализација: 2026 година

Буџет

30 милиони денари.

Изградба на рекреативен и зелен простор за млади и возрасни во Конче со базен, фитнес-центар и просторија за кафе-дружење

Опис на проектот

Во Општина Конче недостасуваат основни услови за престој, живеење и дружење на младите луѓе. Со изградба на повеќенаменски простор со базен, кафетерија, зелен простор за прошетки и фитнес-центар ќе се создадат минимални услови за рекреација на младите и ќе се спречи нивното иселување уште во младоста. Услугите ќе бидат главно бесплатни.

Влијание на проектот:

Позитивно мотивирачко влијание врз младата, но и целата популација во селата во Општина Конче, кои ќе добијат простор за дружење и размена на искуства.

Целна група: Младите, возрасните, пензионерите, жените и децата

Рок на реализација: 2026 година

Буџет

15 милиони денари.

Уредување на селските гробишта со вработени за одржување и погребување

Опис на проектот

Гробиштата во Општина Конче се оставени на грижата на црквата и самите граѓани. Со овој проект општината целосно ќе ги преземе под контрола за инфраструктурно уредување, оградување и изградба на потребни објекти во рамките на гробиштата. Ќе се организира работна група што ќе се грижи за нивно одржување во текот на целата година.

Влијание на проектот:

Уредување на селските гробишта и отворање нови вработувања.

Целна група: Граѓаните на Општина Конче

Рок на реализација: 2025 ‒ 2026 година

Буџет

20 милиони денари.

Воведување систем на бесплатни комунални услуги за вода, одвод и смет за сите граѓани на Општина Конче

Опис на проектот

ЈП „Лакавица“ - Конче ќе воспостави правилен систем на стопанисување со водоводите и во делот на наплатата на услугите, при што има граѓани што редовно плаќаат и граѓани што не плаќаат комунални услуги. Општината ќе го преземе финансирањето на услугите на ЈП „Лакавица“ на товар на буџетот со цел да создаде еднакви комунални услуги за сите граѓани.

Влијание на проектот:

Големо влијание врз животот на граѓаните во сите села во Општина Конче и еднакви услови за водоснабдување со квалитетна, чиста и доволна количина вода.

Целна група: Сите граѓани на Општина Конче

Рок на реализација: 2025 година

Буџет

10 милиони денари годишно.

Изградба на повеќе значајни проекти за рурален туризам и културно-историско наследство на Конче низ вековите, кој целосно ќе го сменат ликот на Конче.

Опис на проектот

Во Конче постои вековно културно и историско наследство чија реконструкција може да го претвори во туристичка дестинација во РС Македонија. Потребно е да се реконструираат:

  • Манастирот „Свети Стефан“ (13 век)
  • Муслиманското „Турбе“ во Лакавица
  • Кулата на Катарина Кантакузина (14 век)
  • Воената кула на Ракрсница Лакавица - Конче
  • Неолитски објект на Габрешка Чука
  • Етносело Горни Липовик (19 век)
  • Езерски парк за рекреација и риболов
  • Музеј-училница во Дедино за фолклорно наследство
  • Полициска зграда со типична фасада
  • Дом на културата како центар со годишна програма
  • Главна улица кон турското маало со биста на Кемал Ататурк

Влијание на проектот:

Големо влијание за целосниот развој на Конче, подобрување на условите за практикување на културата, зголемување на посетеноста од туристи и поттикнување на руралниот туризам кај граѓаните.

Целна група: Сите граѓани на Општина Конче

Рок на реализација: 2025 ‒ 2029 година

Буџет

100 милиони денари.

Основање земјоделска кооператива како здружение на земјоделци за заедничко настапување, организирање

Опис на проектот

Земјоделството, како основна или дополнителна егзистенцијална дејност за голем дел од работното население во општината, се соочува со низок степен на развој и сериозни предизвици. Потребни се итни и конкретни мерки за подобрување на состојбата, како што се обуки, семинари, групирање во здруженија и заеднички пласман на пазарот, преговори со тутунски комбинати за подобра цена и субвенции за производство. Со општински средства ќе се набават модерни машини за кооперативи по пристапни цени, како и заедничка набавка на ѓубрива и препарати.

Влијание на проектот:

Големо влијание врз развојот на земјоделството од рурално кон модерно и напредно, во согласност со ЕУ-стандардите.

Целна група: Сите земјоделци од Општина Конче (тутунопроизводители, полјоделци, градинари, овоштари, сточари)

Рок на реализација: 2026 година

Буџет

30 милиони денари.

МЕСНИ ПРОЕКТИ

МЗ Конче

  • Реконструкција и доградба на водоводи и систем за одведување во Конче
  • Изградба на два нови бунара за пивка вода за дополнување на потребите на Конче
  • Уредување на Училиштен центар „Гоце Делчев“ - Конче
  • Ново спортско-рекреативно игралиште во Конче во близина на турските гробишта
  • Изградба на современа општинска депонија во с. Конче
  • Изградба на нови селски улици по стандарди
  • Реконструкција и уредување на главната улица во турска маала со име „Кемал Ататурк“
  • Уредување на централноопштински центар со нова фонтана и нов подобрен изглед
  • Проект за изградба на нова минибрана Пожар за наводнување на земјоделски површини со полнење од бунар
  • Реконструкција и доградба на општинска амбуланта со нови одделенија
  • Изградба на општински зелен пазар за земјоделци и граѓани од сите наслени места
  • Доизградба на патот Лубница – Пепелиште за поврзување со Конче
  • Реновирање на старата полициска станица во реновирана зграда со нова фасада со намена за полициска станица и противпожарна станица во Конче
  • Тампонирање и асфалтирање на полските патишта Конче ‒ Долни Липовиќ, Конче
  • Изградба на рекреативен и зелен простор за млади и возрасни во Конче со базен, фитнес-центар и просторија за кафе-дружење
  • Фестивал на конечката култура со вечер на поезија, настап на фолклор и слободен стил на борење
  • Реконструкција на манастирот „Свети Стефан“ - Конче како историско-културен објект од голема културна вредност
  • Уредување на локалитетот на „Турбето“ во Лакавица
  • Уредување и одржување на селските македонски и турски гробишта
  • Асфалтирање на полскиот пат до езерата Конче 1 и 3 за земјоделска намена и како патека за пешачење
  • Изградба на систем за дополнување со вода за Конечки Езера во текот на целата година за наводнување и рурален туризам, проект „Езерски парк Конче 1“
  • Отворање типски кафе-објект или ресторан со субвенција за дружење на младите и граѓаните

МЗ Дедино

  • Реконструкција на селски водовод и нов бунар за дополнување на нови количини
  • Доуредување на селски дом во Дедино како постојана канцеларија на Општина Конче
  • Реконструкција на старата селска сала во Дедино во музеј за Леарницата, фолклорот и патриотското минато на Дедино
  • Изградба на меморијален парк во Дедино
  • Изградба на нови улици и тротоари
  • Проект за изградба на систем за наводнување капка по капка со вода од бунар
  • Тампонирање и асфалтирање на полски патишта
  • Отворање типски кафе-објект со субвенција за дружење на младите
  • Изградба на постојка во селото за полнење вода за земјоделците
  • Доизградба на новото речно корито во Дедино
  • Уредување на речното корито што поминува покрај гробиштата и новата улица
  • Уредување и одржување на селските гробишта

МЗ Ракитец

  • Реконструкција на Дом во с. Ракитец во социјален центар за дневен престој и рехабилитација на стари лица
  • Реконструкција на селски водовод и селска мрежа
  • Изградба на нови улици и тротоари
  • Изградба на речно корито на Ракичка Река
  • Тампонирање и асфалтирање на полски патишта
  • Повторно отворање на селската Амбуланта со субвенција од општината
  • Уредување и одржување на селските гробишта
  • Изградба на рурален парк „Двете чешми“ Ракитец
  • Асфалтирање на патот за местото Посералица
  • Отворање типски кафе-објект со субвенција за дружење на младите
  • Изградба на постојка во селото за полнење вода за земјоделците

МЗ Габревци

  • Реконструкција на главна улица во с. Габревци
  • Изградба на нов културен дом со музејска поставка за грнчарство
  • Изградба на нови улици и тротоари
  • Реновирање на селскиот водовод
  • Изградба на нови два бунара за дополнителни количини за наводнување со системи капка по капка
  • Тампонирање и асфалтирање на полските патишта
  • Изградба на мегалитски објект „Габрешка чука“ - туристички проект
  • Уредување и одржување на селските гробишта
  • Отворање селска продавница со субвенција
  • Отворање типски кафе-објект со субвенција за дружење на младите
  • Изградба на постојка во селото за полнење вода за земјоделците

МЗ Долни Липовиќ

  • Уредување на централното селско подрачје Долни Липовиќ
  • Реконструкција на селскиот водовод
  • Изградба на нови улици и тротоари
  • Изградба на нов бунар за дополнителни количини пивка вода
  • Отворање клон на детска градинка
  • Изградба на нови два бунара за дополнителни количини за наводнување со системи капка по капка
  • Тампонирање и асфалтирање на полските патишта
  • Уредување и одржување на селските гробишта
  • Отворање типски кафе-објект со субвенција за дружење на младите
  • Изградба на постојка во селото за полнење вода за земјоделците

МЗ Горни Липовиќ

  • Проект „Етносело Горни Липовиќ“
  • Уредување на централното селско подрачје во Горни Липовиќ
  • Доработка и доградба на локалниот пат Долни Липовиќ ‒ Горни Липовиќ
  • Реконструкција на селски водовод
  • Реновирање на училиштето со нова фасада
  • Изградба на нов бунар за дополнителни количини пивка вода
  • Изградба на нов бунар за наводнување со системи капка по капка
  • Тампонирање на полски патишта
  • Уредување и одржување на селските гробишта
  • Отворање на селска продавница со субвенција
  • Отворање типски кафе-објект со субвенција за дружење на младите
  • Изградба на постојка во селото за полнење вода за земјоделците