Драги сограѓани, пријатели, соседи,
Гордо стојам пред вас со особена чест, одговорност и благодарност што ми ја давате довербата да бидам вашиот кандидат за градоначалник на нашата Општина Могила. Могила е повеќе од обична општина – таа е наш дом, нашата иднина и иднина на нашите деца. Верувам дека со работа, визија и искреност можеме да ја изградиме Могила како место каде што ќе има подобра инфраструктура, чиста животна средина, нови работни места и вистинска поддршка за младите и земјоделците. Ние веќе добро се познаваме, долги години сме сожители на Општина Могила, често сме се среќавале по различни поводи, сме соработувале, дружеле и меѓусебно сме се почитувале, но моја должност е да ви се претставам.
Јас сум Зоран Ристевски и живеам во Могила, потекнувам од скромно семејство, оженет, татко на две деца. Моето формално образование започна токму од Могила, каде што го завршив основното образование, средното во Битола и високото образование во Скопје на Универзитетот за туризам и менаџмент.
Во мојата долгогодишна кариера сум работел на различни места, задачи и позиции. Повеќе од 15 години работев и работам во приватниот сектор, а другиот дел од моето работно ангажирање сум го поминал на раководни позиции во државниот сектор. Мојот професионален ангажман бил во „Пела хигиена“ - Могила како директор и на висока позиција во Подружница Битола – „Македонски шуми“, каде што стекнав големо искуство. Имам повеќе од 25 години работно искуство, сум се соочувал со различни предизвици и секогаш сум успевал да ги надминам.
Мојата цел не е само да бидам градоначалник, туку да бидам ваш партнер и сојузник – човек што ќе ве слуша и ќе работи заедно со вас. Ветувам дека секоја одлука ќе биде за добро на сите граѓани, без поделби, со еднаква грижа за секое село и секое семејство.
Заедно ќе изградиме општина со модерен изглед, општина што ќе биде пример за тоа како една мала општина може да биде голема во дела, идеи и успеси.
Ве повикувам на заедништво, на храброст и на визија. Време е да покажеме дека иднината не ја чекаме – туку ја создаваме. Но Могила може и мора да биде многу повеќе!
Јас гледам општина што не е само место за живеење, туку и место за развој, за младите да останат, за семејствата да просперираат, и за секој граѓанин да има достоинствен живот.
Мојата визија е јасна:
- Могила да стане пример за зелена општина – со чиста енергија, модерно управување со отпад и зачувување на природата.
- Могила да биде економски живо место – со поддршка на земјоделството, малиот бизнис и нови инвестиции што ќе донесат работни места.
- Могила да биде општина на младите – со културни, спортски и образовни содржини за да останат и да го градат својот живот тука.
- Могила да биде општина на солидарноста – со поддршка за старите, ранливите и секој човек.
Верувам дека вистинското лидерство не е само во зборови, туку во дела. Затоа ветувам транспарентност, заеднички одлуки и глас за секој граѓанин. Нашата општина може да биде светол пример за Македонија – општина што се развива со почит кон луѓето, со љубов кон земјата и со поглед кон иднината.
Почитувани сограѓани, иднината на Могила не е во рацете на еден човек – таа е во нашите заеднички раце. Ајде заедно да изградиме општина на која ќе бидеме горди!
Ви благодарам!
Зоран Ристевски