МОЈАТА ВИЗИЈА
Зошто се кандидирате? Што е мотивот?
Се кандидирам затоа што ја познавам секоја улица, секоја семејна мака и секоја добра идеја што излегува од оваа заедница. Мотивот не е функцијата, туку одговорноста. Одговорноста што ја имам пред моето семејство, соседите, земјоделците, децата во училиштето и пензионерите на клупите. Затоа што верувам дека може и мора подобро ‒ дома, тука, во Зрновци.
Колку е важно да се има визија за општината?
Без визија, нема насока. А без насока, нема развој. Визијата за општината е не само план на хартија, туку план за живот. За пофункционална инфраструктура, чиста вода, безбедни улици, зелени површини, инклузивност за младите, грижа за најранливите и поддршка за бизнисот и земјоделците. Но визијата не смее да биде само општинска ‒ таа мора да ја обедини заедницата.
Што сметате дека мора да се направи во следниот мандат?
Мора да се направи јасна пресвртница ‒ од „администрација“ кон сервис на граѓаните. Инфраструктурните проекти се основа, но не се доволни. Ќе работиме на подобрување на образованието (проекти за училиштето и градинката), вклучување на младите со проекти и поддршка на нивни иницијативи, социјална поддршка за ранливите категории, зелени површини, чист воздух и еколошка свест, јавна транспарентност со лесен пристап до сите информации и промоција на локален туризам и култура.
