Особено во зимските месеци, македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Ова е многу релевантно прашање. Од град со најчист и најсвеж воздух, заштитничка лулка за сопствените граѓани, а прибежиште за посетителите, стигнавме до присуство на рекордни вредности на канцерогени честички. Дивите депонии, формирани првенствено од неодговорни граѓани, а несоодветно третирани од некомпетентни јавни претпријатија, не само што ја нарушуваат сликата на овој македонски бисер туку уште повеќе го загрозуваат здравјето на жителите. Нашиот екопроект „Зелен град“ директно цели кон надминување на загаденоста на воздухот и длабоко сум убеден дека ефективно ќе се спроведе. Проблемот со градската чистота ќе се надмине преку поставување компетентни кадри на чело на јавните сервиси, кои совесно и одговорно ќе работат во служба на граѓаните.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните можат да дадат нова надеж?
Во моето досегашно работење од принцип, но и карактерна склоност, сум се трудел да бидам одговорен и транспарентен. Таквиот начин на работа ќе биде и стандард за функционирањето на општината и нејзините сегменти. Свесен сум за општата перцепција и верувам дека со личен пример, ние, народните избраници, можеме да поработиме и да го подобриме тоа.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?
Јас, пред сѐ, сум син, брат, сопруг, татко, другар, сосед, колега со длабоко вкоренети релации во мојот град. Проблемот со иселувањето на моите граѓани ме погодува на многу нивоа. Оваа појава демне над нашата држава и треба да направиме сѐ што е во наша моќ да ја спречиме. Адресирајќи ги проблемите што ги наведувам погоре, но и подетално во програмата, општината под мое водство ќе води директна битка со нефункционалноста на институциите, нелојалната конкуренција, непотизмот и загадувањето со цел да се обезбеди повисок стандард, кариерен напредок и праведен третман за секој жител.
Зошто граѓаните да гласаат за Вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да Ви ја дадат токму Вам довербата?
Оние што ме познаваат знаат дека сум посветен семеен човек, вреден работник, успешен менаџер и лекар, кој се заколнал дека животот ќе го посвети на грижата за другите. Мојот личен углед и интегритет досега не биле предизвикани, а сигурен сум дека нема да бидат ни во иднина. Моето семејство, мојот живот и мојата иднина се нераскинливо поврзани со Охрид и решен сум да го направам најдоброто место за живеење за сите нас.