Драги велешани,

Јас сум Маја Хеско – родена и израсната во срцето на Велес, по професија социолог, долгогодишен професор и раководител со повеќе од 30 години искуство во образованието. Моето животно и професионално искуство ме научи дека вистински промени се постигнуваат со визија, посветена работа и чесен однос кон граѓаните.

Денес се кандидирам за градоначалник, затоа што го сакам Велес и верувам дека може да биде подобро место за живеење. Во последните години сме сведоци на загуба на вредности – од урбанизам и инфраструктура, до транспарентно и одговорно управување со нашите пари. Тоа мора да се промени.

Мојата визија е јасна: Велес да стане модерен, чист и зелен град, со силна локална економија и со еднакви можности за сите. Верувам во неискористениот потенцијал на нашиот град – неговата географска положба, културното наследство и вредните луѓе.

Мои приоритети се: модернизација на патната и комуналната инфраструктура, уредени и осветлени јавни простори, современи спортски и културни објекти, поддршка на локалните бизниси и нови работни места. Ќе понудам решенија за загадувањето и ќе создадеме почиста и поздрава средина за сите генерации.

Моето мото е „Чесно, одговорно, решително – жена лидер за поубав Велес“. Ова не е само слоган, туку ветување дека ќе работам исклучиво во ваш интерес.

Велес заслужува да биде град на ред, перспективи и здрави граѓани. Заедно можеме да го изградиме тој Велес! Ви ја нудам мојата визија – чесна, одговорна и посветена работа за вас и вашите семејства.

Да бидеме храбри и решителни – за Велес што може повеќе!

Со почит и благодарност,

Маја Хеско

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СДСМ И КОАЛИЦИЈАТА – ОПШТИНА ВЕЛЕС

  • 1. Јованче Манасков
  • 2. Мирјана Петрушевска Савова
  • 3. Драган Стојанов
  • 4. Селма Абдуловска
  • 5. Петар Маџаров
  • 6. Петре Георгиевски
  • 7. Ениса Зуковиќ
  • 8. Звонко Коцевски
  • 9. Нино Николов
  • 10. Маја Стојанова
  • 11. Златко Малинов
  • 12. Благој Најдовски
  • 13. Спасе Перовски
  • 14. Оливер Илков
  • 15. Нада Сарагинова
  • 16. Татјана Камчева
  • 17. Тони Ќимовски
  • 18. Златка Велковска
  • 19. Светлан Маџаров
  • 20. Валентина Стефанова
  • 21. Миле Ѓуриќ
  • 22. Мери Димова
  • 23. Благојка Коцевска

Драги сограѓани, Ние сме ваши соседи и пријатели кои веруваат дека Велес заслужува повеќе. Вашите грижи се и наши грижи, вашите идеи – наша сила. Во Советот ќе бидеме вашиот глас, ќе се бориме чесно и упорно секое барање да биде слушнато и почитувано. Заедно можеме да изградиме општина што се грижи за сите подеднакво – Велес во кој што гордо ќе живееме. Нашата сила е во заедништвото, а нашата цел е иднина со надеж, правда и еднакви можности за секого.

ШТО НАПРАВИВМЕ ЗА ВЕЛЕС:

  • Изграден мост „Малото мовче“ – со што е обновен еден симбол на градот.
  • Уреден прв дел од кеј на Вардар.
  • Колекторски систем и пречистителна станица на езерото Младост.
  • Изградени патишта (Горно Оризари – Чашка, Сливник, Клуковец, Црквино, Ораовец, Пешти – Бабуна).
  • Индустриска зона во Речани и нови улици во УЗУС.
  • Нови гробишта и капела во Раштани, мост во Превалец и кружен тек во центар.
  • Реконструкција на салата „Бели мугри“, Градската библиотека, Младинскиот парк, дел од Општината и Градскиот парк.
  • Монументални споменици на: Кочо Рацин, Велешките војводи, Гемиџиите, Панко Брашнаров.
  • Детски забавен парк и игралиште во населба Тунел, трибини на Градски стадион.
  • Реконструирани училишта, градинки, спортски сали и објекти во населените места.
  • Купена и реставрирана родната куќа на Џинот и куќата на Касапови („Куќата што лебди“).
  • Подигнати паркови, нови тротоари, жардиниери, мали плоштадки.
  • Основани фестивалите: „Стоби“, „Велес“, „Питијада“, „Папрадишки мајстори“, скулпторска колонија.
  • Формирана фондација за стипендии и „Зелена коалиција за спас на Велес“.
  • Донесени општински знаме и химна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Во изминатиот четиригодишен мандат актуелниот градоначалник доби доверба со програма полна со ветувања – но речиси ништо не реализира. Нема нов ДУП, нема катни гаражи, нема реконструкција на ТППЕ, ниту изградба на пливачки базен, велосипедски парк или спортски сали во селата. Не се уредени индустриските зони, нема нова градинка, ниту реконструирани училишта и паркови. Недостасуваат инфраструктурни зафати во Речани, Трпезица и Узус, а пешачките и велосипедските патеки, ветени за Вршник и Свети Илија, останаа на хартија. Нема развоен центар за млади, ниту дом за стари лица, а езерото Младост од туристички бисер е оставено запуштено и загадено.

Дополнително, општината од „најтранспарентна“ стана затворена и недостапна за граѓаните. Јавното осветлување со години не се одржуваше, сообраќајниот хаос стана секојдневие, а јавните простори и фасади останаа без лик.

Велешани добро знаат: ветувањата беа многу, а реализацијата – нула.

  • Нема нов Детален урбанистички план
  • Нема катни гаражи и сообраќајни решенија
  • Нема нови спортски сали, базен и велосипедски парк
  • Нема реконструирани училишта и градинки
  • Нема уредени индустриски зони
  • Нема развоен центар за млади и дом за стари лица
  • Нема пречистителна станица за Вардар
  • Општината – од најтранспарентна стана затворена
  • Велес живее во мрак поради неработливо улично осветлување
  • Езерото Младост запуштено и загадено
  • Сообраќаен хаос наместо решенија

Ветуваа многу.

Реализираа речиси ништо.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирате за Градоначалник? Што е мотивот?

Се кандидирам затоа што Општина Велес е мојот дом, мојата инспирација и мојата одговорност. Велешани ќе препознаат дека нудам остварливи проекти, креирани според нивните потреби и приоритетни барања, нова енергија и отвореност за соработка во интерес на нашиот Велес

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој. Дали во тој контекст е потребно да се има и визија за општеството во целина?

Вистинските промени се постигнуваат со визија, со посветена работа и со чесен однос кон граѓаните. Мојата визија е јасна: Велес да стане модерен, чист и зелен град, со силна локална економија и со еднакви можности за сите. Верувам во неискористениот потенцијал на нашиот град – неговата географска положба, културното наследство и вредните луѓе.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Велес заслужува да биде град на перспективи, на ред, на здрави граѓани и на силна локална економија. Мои приоритети се капитални проекти што носат вистински развој, модернизација на патната и комуналната инфраструктура, уредување и осветлување на јавните простори, изградба на современи спортски и културни објекти, заживување на економијата преку поддршка на локалните бизниси и отворање на нови работни места. Ветувам решенија на проблемот со загадувањето и на создавање почиста и позелена животна средина, за обезбеден квалитетен живот на Велешани во нивниот Велес.

Колку се важни младите за нашата општина?

Максималната посвета на младите, на нивните потреби, иницијативи и предлози е клучен фактор на мојата визија. Велес повеќе не смее да си дозволи да ја губи својата младина, без која нема иднина!

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?

Велес мора да биде безбеден град. Како резултат на незаинтересираноста на актуелната власт граѓаните живеат без улично осветлување или во слабо осветлените улици, без доволно ефикасен и распространет видео-надзор на јавните површини, урбаната опрема, спортските терени и локални институции. Така повеќе не смее и не може.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?

Без добро урбанистичко планирање нема функционален град и општина. Актуелната реалност е хаотична градба и неусогласени проекти како и блокиран развојот. Тоа што ќе поттикнува сосема поинаков концепт на уредено и посакувано место на живот за сите граѓани се: паметен сообраќаен систем, обезбедени паркинг-простори на реалните бројки од дневна фреквенција на возила низ улиците во Велес, доволен број на јасно маркирани и одржувани пешачки премини, велосипедски патеки кои се мерат во километри, како и уредени и во исто време целосно одржувани јавни простори за потребите на граѓаните од одмор, дружења или поминување на дел од слободното време.

Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во нај урбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Велес и Велешани со децении беа жртва на загаден воздух со тешки метали. И во изминатите четири години топилничарската депонија со 1.800.000 тони троска е секојдневна закана по здравјето на Велешани исто како и погоните на поранешниот металуршки гигант поради големата количина на оловно цинкови, кадмиумови и честички на останати тешки метали. Нив, ветерот продолжува да ги носи во градот додека граѓаните секојдневно да ги вдишуваат. Високи концентрации на ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките се најизразени во зимските месеци но во концентрации ризични по здравјето и животот на граѓаните се присутни континуирано во текот сите годишни времиња. Велес е во категоријата на градови со највисоки параметри во државата. Несовесноста на дел од граѓаните е причина за создавање на десетици мали депонии со комунален отпад и смет во скоро сите делови на Велес. Тие се создаваат и остануваат на локациите поради неажурноста на општинскиот комунален инспектор и неоперативноста на ЈКП Дервен. Актуелната локална власт наместо да преземаше суштински мерки се задоволуваше со кампањска работа и ветувања. Велешани не смееме да дишеме загаден воздух и да живееме во нечист град!

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Довербата денес е на историски ниско ниво, а перцепцијата дека корупцијата цвета е оправдана. Алатката „мЗаедница“ нуди навремено информирање и преземање на активности за проблеми поврзани со инфраструктура, паркови и зеленило, јавно осветлување, како и отпад и чистота од страна на граѓаните. Воведувањето на алатката во работата на општинската администрација од една страна ја приближува институцијата до граѓаните, а од друга влијае врз намалување на корупцијата.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Една од најболните теми на секојдневниот живот на Велес е иселувањето на велешани. Се селат млади и работоспособни граѓани. Тоа не е случајност — тоа е резултат на години невложување во развојот на економијата, образованието и инфраструктурата. Ако младите видат перспектива тука, нема да бараат среќа во европските држави.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Затоа што досега не сум била дел од политички механизам кој ги доведе работите до оваа точка. Кандидат сум со чиста совест, искрен пристап и докажана работна етика. Нема да ветувам невозможни чуда, но ќе ветам лично бескомпромисно вложување на личниот капацитет и интегритет за реализација на проекти со работа, чесност и посветеност, за да постигнам видливи резултати во поза на моите сограѓани на територијата на Општина Велес. Вистинските промени се можни кога работите се прават чесно, посветено, транспарентно и со јасна визија. Верувам дека Велес заслужува повеќе од половични решенија или неостварени ветувања. Велешани ќе препознаат дека нудам остварливи проекти, креирани според нивни потреби, нова енергија и отвореност за соработка. Сигурна сум дека ќе ја добијам поддршката на велешани.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Програми и Иницијативи – Велес

  • Млади

    Отворање младински иновациски лаборатории – простор за стартапи, ИТ-решенија и креативни проекти со поддршка од бизнис-заедницата и ментори. Програма за младинско вработување во партнерство со компании и јавни институции. Бесплатни обуки за дигитални вештини, странски јазици и претприемаштво.

  • Жени

    Поттикнување на женското претприемаштво преку фонд за поддршка на мали бизниси и креативни индустрии во земјоделство, туризам и кулинарство. Бесплатни програми за обука и преквалификација во современи и добро платени сектори.

  • Социјала

    Субвенции за сместување дете во градинка за самохрани родители. Бесплатен училиштен прибор и книги за деца од социјално ранливи семејства. Стипендии за надеж за талентирани деца од социјално ранливи семејства. Инклузија на Роми, лица со попречености и граѓани во ризик. Работно ангажирање на родители на деца со попреченост. Поддршка на жени претприемачи со попреченост преку фонд за самовработување. Бесплатен превоз, оброк и училиштен материјал за секое дете со попреченост, бесплатни градинки. Пристапни тротоари, доволен број паркинг-места и пристапност во јавните институции. Изградба на најмалку две инклузивни детски игралишта.

  • Родово буџетирање

    Родово буџетирање при распределба на општинскиот буџет. Поддршка за агротехнологии, органско производство и маркетинг за жени земјоделци, грантови и субвенции. Приоритетна поддршка за жени претприемачи од рурални средини и самохрани мајки. Поголема застапеност во јавниот живот преку совети, работилници и менторство. Донесување стратегија за родова еднаквост.

  • Пензионери

    Пренамена на „Вила Зора“ во современ Дом за стари лица со медицинска нега и дневни активности. Културни, спортски и забавни настани за лица во трета доба, едукативни предавања за здравје и безбедност. Бесплатен јавен превоз за сите над 62 години.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Модерен затворен градски базен

Опис на проектот:

Овој капитален проект предвидува изградба на современ затворен базен, кој ќе биде достапен за сите граѓани во текот на целата година. Учениците нема да мора повеќе да одат во други градови, таа рекреација ќе им биде овозможена во секое време кај нас. Но не само тие, базенот ќе биде достапен за сите граѓани. Објектот ќе содржи голем олимписки базен, мал базен за пливачка обука и рекреација, детски базен со водени атракции, како и фитнес и велнес-зона (сауна, парна бања, масажни простории), зависно од потребите на граѓаните. Секако дека ќе се запази и хигиената и прочистувањето. Ќе биде поставена современа филтрација и систем за прочистување на водата, соларни панели за загревање и енергетска ефикасност. Освен рекреација, објектот ќе овозможува и организација на пливачки натпревари, обуки и програми за здраво живеење. Посетеноста ќе биде дозволена за сите генерации, без исклучок.

Влијание на проектот:

Велес конечно ќе добие простор за спорт и рекреација, ќе се поттикне здравиот начин на живот, ќе се зголеми спортската активност кај младите, а градот ќе добие нова спортска инфраструктура од регионално значење.

Целна група:

Сите граѓани, особено младите, учениците, спортските клубови и семејствата.

Рок на реализација:

2027

Буџет:

1.200.000 €

Екологија и ренесанса на езеро Младост – Зелен туристички и земјоделски комплекс

Опис на проектот:

Езерото Младост денес е забрането за секаков вид употреба - за наводнување, капење и рекреација. Проектот предвидува чистење на коритото на Отовичка Река, отстранување на наслагите, бунарите, со цел да се дојде до свежа вода, реконструкција на колекторскиот систем и шахтите, довршување на цевководот од езерото Лисиче до езерото Младост, во должина од околу 6 километри, уредување на крајбрежјето и создавање на современ зелен туристички комплекс со интегрирана земјоделска и винска зона. Чистење и пречистување на водата во езерото, со поставување филтри и контрола на загадувачите. Обновување на крајбрежјето, со пешачки и велосипедски патеки, дрвореди и места за рекреација. Развој на винска и земјоделска зона околу езерото – мали винарници, дегустациски места, агротуризам. Создавање рекреативни и спортски содржини, за пливање, кајак, веслање, мини плажа и кајак-центар. Обновување на екосистемот и биодиверзитетот, со нови видови растенија, птици и водоземци. Отворање на Туристичко биро во постоен туристички објект на брегот на езерото.

Влијание на проектот:

Езерото Младост ќе се трансформира во зелен туристички центар со локалните винари и земјоделци, место за рекреација, спорт и културни настани, со чиста и безбедна околина.

Целна група:

Сите граѓани, туристи, локални производители на вино и земјоделски производи, училишта и спортски клубови.

Рок на реализација:

2028 година

Буџет:

Приближно 2.000.000 € (државни фондови, европски грантови и јавно-приватни партнерства).

Капитален проект населба Речани – Целосна инфраструктурна реконструкција и модернизација

Опис на проектот:

Речани со години е оставена на маргините, со макадам улици, нефункционална канализација и водовод, недоволно улично осветлување и проблеми со атмосферските води. Сегашната власт ја заборави оваа населба, оставајќи ги жителите да се справуваат со кал, прав и поплави при првиот посилен дожд. Мојата визија е да ја претвориме населба Речани во модерна, безбедна и уредена урбана зона, достојна за 21 век. Целосна реконструкција на сите локални улици со нов асфалт и тротоари. Изградба и санација на канализациската мрежа за отпадни и атмосферски води. Модерно улично ЛЕД-осветлување на секоја улица за поголема безбедност. Решавање на критичните точки со поплави преку нови одводни системи. Поставување нова вертикална и хоризонтална сигнализација за поголема сообраќајна безбедност.

Влијание на проектот:

Речани добива квалитетна и сигурна инфраструктура, зголемена вредност на недвижнините и квалитетот на животот, намалени последици од поплави.

Целна група:

Сите жители на населбата Речани, а индиректно и сите жители на Велес преку подобрена сообраќајна поврзаност.

Рок на реализација:

2026 година – целосно завршување.

Буџет:

Приближно 1.200.000 € (финансирање преку општински буџет, државна поддршка и евентуални грантови од европски фондови).

ПРОЕКТИ

Пренамена на поранешниот хотел „Вила Зора“ во модерен Дом за стари лица – достоинствена старост во срцето на Велес

Опис на проектот:

Поранешен хотел „Вила Зора“, еден од симболите на Велес, со години стои запуштен и без вистинска намена. Со овој проект, објектот ќе го трансформирам во модерен, целосно опремен дом за стари лица, каде што нашите постари сограѓани ќе добијат безбедно, удобно и достоинствено место за живеење. Новиот дом ќе биде комбинација од професионална грижа, топла семејна атмосфера и современи услови, според европски стандарди.

Влијание на проектот:

Ќе се создадат нови работни места за медицински и помошен кадар. Ќе се намали притисокот врз семејствата што не можат да обезбедат 24-часовна грижа.

Целна група:

Сите лица над 65 години што имаат потреба од постојана или делумна грижа, како и нивните семејства.

Рок на реализација:

2027 година

Буџет:

Приближно 1.100.000 € (општински средства, Министерство за труд и социјална политика, донации, европски фондови).

Модерен спортски центар – Реконструкција на постојната спортска сала „Гемиџии“

Опис на проектот:

Проектот вклучува нов паркет и спортска опрема, модерна трибина со повеќе места за седење, климатизација и вентилација, енергетски ефикасно осветлување, соблекувални по европски стандарди, сала за пинг-понг, фитнес-простор, мултифункционални терени за кошарка, одбојка, футсал и ракомет, како и простории за одржување работилници и спортски обуки.

Влијание на проектот:

Безбеден простор за спорт, рекреација и натпревари, кој ќе ја поттикне физичката активност кај младите, ќе привлече спортски клубови и одржување натпреварувања.

Целна група:

Сите граѓани – од ученици и спортисти, до рекреативци и спортски клубови.

Рок на реализација:

2027 година

Буџет:

650.000 €

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Димче Мирчев

  • Санирање на просторот под „Големата галерија“
  • Асфалтирање на почетокот на улица „Благој Нечев“
  • Уредување на просторот од пред зградата на ХИВ до реката Вардар со зеленило, велосипедска патека, поставување клупи за одмор и фонтана
  • Изградба на потпорен ѕид покрај реката во горниот дел на улицата „Благој Нечев“
  • Поставување повеќе контејнери за собирање и рециклирање отпад, просторот се задушува во ѓубре

Трајко Капчев

  • Асфалтирање и санација на најоштетените улици.
  • Поправка на тротоари и поставување пристапни рампи за лица со попреченост.
  • Поставување нови и енергетски поефикасни светилки.
  • Подобро осветлување на темните премини и тесните улички за зголемена сигурност на жителите.
  • Уредување на постојните зелени зони со нови садници.

Бауман

  • Реконструкција на оштетените улици и поплочување на тротоарите.
  • Поставување пристапни рампи за лица со попреченост и мајки со колички.
  • Решавање на проблемот со атмосферската канализација (при секој дожд има задржување на вода, која ги поплавува дуќаните и подрумите на зградите).

Горно Оризари

  • Доградба на спортското игралиште и изградба на долговетуваната спортска сала.
  • Проверка и санација на водоводната мрежа за континуирано снабдување со вода.
  • Чистење на резервоарот за вода за да можат граѓаните да се снабдуваат со чиста и здрава вода за пиење.
  • Воведување практика за редовно чистење и миење на улиците и одржување на јавните површини.
  • Доградба на спортското игралиште и изградба на долговетуваната спортска сала.

Бузалково

  • Реконструкција и редовна контрола на водоводната мрежа за сигурно снабдување со пивка вода.
  • Изградба на канализациска мрежа за отпадни води.
  • Решавање на проблемите со атмосферска вода (канали за одвод при обилни дождови).