Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Одговорноста кон животната средина е наш главен фокус. Селекцијата на отпадот е суштинска алатка преку која можеме да дојдеме до трајни и одржливи решенија. Планираме радикални промени на концептот за управување со отпадот и негово раздвојување уште во моментот кога настанува, во домаќинствата, компаниите или институциите.
Планираме набавка на канти за селекција на отпад за секое семејство и секое правно лице, набавка на специјализирани возила, едукација на најмалите и информирање на граѓаните, јасна и континуирана кампања преку медиуми, училишта и локални настани за тоа како се селектира, зошто е важно и што добива секој поединец од тоа.
Суштината на концептот е отпадот да се селектира онаму каде што се произведува и да биде собиран од куќниот праг. Така, значително се намалува количината што завршува на депонии, се штедат ресурси и се намалува загадувањето. Ова е долгорочен процес што бара трпеливост.
Целите се почиста општина, пониски трошоци за управување со отпадот и поздрава животна средина за идните генерации. Сметам дека сме подготвени да почнеме со вистински чекори во таа насока.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?
Во изминатиот период Општина Валандово е целосно посветена на ова прашање. Како дел од тој процес општината максимално ја зајакна транспарентноста и отвореноста и од општина што беше на дното на транспарентноста, денес е меѓу најтранспарентните институции во државата. Отвореноста и транспарентноста на институциите ја зголемува довербата од граѓаните кон нив и поттикнува на одговорно владеење.
Сакаме заедница на информирани граѓани, создаваме нова култура на владеење и заедно го унапредуваме нашето општество. Општина Валандово денес е пример за отвореност, меѓународно е наградена за позитивни промени и уверен сум дека ќе продолжи да напредува. Тоа е поставен стандард од кој ниту јас ниту граѓаните нема да отстапат.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?
Иселувањето е сериозен проблем за секоја помала средина. Нашата цел е да создадеме услови за достоинствен живот дома: нови работни места преку поддршка на земјоделството и малите бизниси, современа инфраструктура и дигитализација, инвестиции во образованието и младите, поддршка за младите семејства и квалитетни социјални услуги. Со сигурност, перспектива и развој ќе ги задржиме луѓето во своето родно место.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?
Се трудам искрено и совесно да ја извршувам својата должност. Работам со чесна намера, го почитувам секој граѓанин и давам сѐ од себе како градоначалник да ги променам работите кон подобро. Верувам дека луѓето ги препознаваат резултатите зад нас и го поддржуваат концептот што го спроведуваме.
Максимално сум посветен на јавниот интерес, работам чесно и се обидувам секогаш да носам праведни одлуки. Тоа се вредностите од кои нема да отстапам и во иднина. Ги повикувам граѓаните да ми ја дадат поддршката и да продолжиме заеднички да го развиваме Валандово, како место каде што сме се родиле и сме решиле да создаваме иднина за нас и за нашите деца.