Почитувани сограѓани, жители на Општина Карбинци,

Јас, Љубица Соколовска, како личност што си ја сака својата општина, се кандидирам за градоначалник на Општина Карбинци и верувам дека нашата општина има огромен потенцијал што чека да биде реализиран. Природните ресурси со кои располага општината, кои се одамна заборавени и незаштитени, конечно да добијат третман каков што заслужуваат и граѓаните да уживаат рамноправност во секоја област од општеството. Пред вас се наоѓа мојата изборна програма во која еден дел од проектите се мојата визија за поубава Општина Карбинци, но поголем дел од мојата програма е одраз на реалните проблеми со кои се соочуваме сите ние во општината. Нудиме програма со реални проекти кон чија реализација се стремиме и со цел Општина Карбинци да биде подобро место за живеење, општина без корупција, економски моќна, уредена и чиста, општина со која сите ние ќе се гордееме.

Како иден градоначалник на Општина Карбинци, секојдневно посветено ќе работам на целосно решавање на клучните проблеми во општината. Мојата цел е да имаме економски силна општина во која нашите деца ќе имаат услови за квалитетно воспитување и образование, да имаме соодветна здравствена и социјална заштита за сите, да бидеме препознатливи по културните и спортските достигнувања, да бидеме општина во која ќе има место за секој, без никакви поделби. Заедно ќе градиме транспарентна и одговорна локална самоуправа којашто ќе работи за луѓето, а не за тесни интереси. Во таа насока ќе вложуваме во инфраструктура, образование, култура и екологија, со почит кон секој граѓанин и со визија за одржлива иднина.

Со почит и благодарност,

Љубица Соколовска

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА КАРБИНЦИ

  • 1. Далибор Илијев
  • 2. Кристина Велинова
  • 3. Смаил Јакуп
  • 4. Горан Младеновски
  • 5. Ана Заркова
  • 6. Асије Ахмет Реџеп
  • 7. Благојче Стоиловски
  • 8. Павле Ѓоргиев
  • 9. Стефанија Митевска

Почитувани наши сограѓани, наши соседи, Ние сме кандидати за советници во Советот на Општина Карбинци и како ваши сограѓани и соседи, добро ги познаваме потребите, но и проблемите на секој од вас. Веруваме дека нашата општина треба да биде пристојно место за живеење за сите. Ние не ветуваме чуда, ветуваме работа, чесност и транспарентност. Заедно со вас и со ваша поддршка ќе го кренеме гласот на граѓаните во Советот на Општината, ќе се залагаме за одлуки што ги штитат интересите на сите граѓани. Преку конструктивни предлози и иницијативи ќе дадеме свој придонес за поефикасно и функционално работење на општинските институции. Ќе бидеме ваш мост до локалната власт, ќе ги пренесуваме вашите идеи, предлози и барања и ќе се бориме да бидат слушнати, прифатени и преточени во конкретни дела. Заедно можеме да изградиме подобра општина за сите.

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

  • Пречистителна станица за вода за пиење во Општина Карбинци, зграда со инсталирана технологија за УЛТРАФИЛТРАЦИЈА за пречистување на 40 л/с вода од ХС „Злетовица“.
  • Корекција и стабилизација на речното корито на Козјачка Река во село Карбинци (вредност: 19.886.851 денари).
  • Изградба на пристапен пат до село Вртешка (II фаза): Изграден е пристапен пат во должина од 1 км до с. Вртешка. Вкупна вредност на работите: 8.338.975 денари.
  • Изградба на вештачка карпа за искачување во с. Вртешка. Вкупна вредност: 4.044.949 денари.
  • Изградба на детско игралиште во Вртешка (партерно уредување летниковци, ограден ѕид од камен, поплочување на пешачки патеки, поставување урбана опрема и детски реквизити). Вкупна вредност на работите: 1.851.757 денари.
  • Реконструкција на планинарски дом Вртешка. Вкупна вредност на работите: 4.682.896 денари.
  • Мапирање и обележување на 8 планински патеки со должина од 64 км. Вкупна вредност: 1.519.111,00 денари.
  • Набавена комбинирана работна машина ровокопач - натоварувач со додатна опрема: хидрауличен косач за трева (мулчер), ударен чекан (пикамер) и рамна корпа (планирка). Вкупна вредност: 4.690.000 денари.
  • Изградено повеќенаменско спортско игралиште во с. Радање, со вкупна вредност од 3.346.933,00 денари
  • Изградба на фекална канализација со пречистителна станица во село Козјак. Вкупна вредност: 11.518.347,00 денари.
  • Изградба на фекална канализација со пречистителна станица во село Нов Караорман. Вкупна вредност: 13.294.317,00 денари.
  • Изградба на фотоволтаични напонски централи на покривот на ООУ „Страшо Пинџур“, на административната зграда на Општина Карбинци, напонска централа за водоводен систем Геризи на ЈП „Плачковица“ од 15 KWh, изградба на фотоволтаична напонска централа на покривот на ЈОУДГ „Кокичиња“ – Таринци од 5 KWh, во вредност од 2.767.500,00 денари.
  • Опрема за собирање и транспортирање комунален отпад, набавка на трактор со приклучна механизација и камион со компресирање комунален отпад. Исто така, набавени се 1 500 пластични канти и 49 метални контејнери за отпад (вредност од 8.473.715,00 денари):
  • Реконструкција на ПОУ во село Крупиште. Вкупна вредност: 3.979.577 денари.
  • Намалување на аерозагадувањето (вредност од 619.620,00 денари):
  • Набавени и инсталирани се сплит систем инвертер-клима уреди во ПОУ „Стар Караорман“: 4 со јачина 5,5 kW и 1 со јачина 3,5 kW. Вкупна вредност на работите: 305.620 денари.
  • Реновирање и хортикултурно уредување на зелената површина на дворот на ЈПУДГ „Кокичиња“ – Таринци: Вкупна вредност: 314.000 денари.
  • Изградба на пристапни патишта до планинските населени места и нивно поврзување со регионалниот пат Р 2431 (вредност од 19.187.678 денари): пристапен пат за с. Калаузлија во должина од 0,45 км; локален пат до с. Кепекчелија во должина од 0,35 км; локален пат во викенд-населба Вртешка, во должина од 0,8 км; локален пат за с. Јунузлија, во должина од 0,33 км.
  • Изградба на локален пат (улица) во с. Прналија - 0,4 км. Вкупна вредност: 4.074.729 денари.
  • Изградба на дел од локален пат од с. Радање до с. Оџалија пат во должина од 780 м - Вкупна вредност: 5.059.510 денари.
  • Реконструкција/рехабилитација на локален пат во с. Прналија во должина од 1,6 км: - врска со регионален пат Р2431 Вредност: 5.125.676 денари.
  • Реконструкција/рехабилитација на локален пат с. Прналија – с. Кучица, во должина од 0,8 км. Вкупна вредност: 2.878.825 денари.
  • Реконструирани две улици во с. Крупиште, во должина од 1,0 км. Вкупна вредност: 23.376.393 денари.
  • Реконструирана пристапна улици во с. Карбинци, во должина од 0,4 км. Вкупна вредност: 8.404.338 денари.
  • Изграден нов мост на Козјачка Река, во должина од 27 м, висина од 5,5 м и ширина 9,5 м. Вкупна вредност: 14.312.219 денари.
  • Изградба на улица 2 во УПВНМ Таринци. Вкупна вредност: 5.573.503 денари
  • Изградена/асфалтирана новопроектирана улица 1, крак 1 во УПВНМ Таринци. Вкупна вредност: 4.284.015 денари.
  • Изграден е полски пат во с. Крупиште. Вкупна вредност: 1.211.564 денари.
  • Реконструирана е коловозната конструкција на дел од регионалниот пат во должина од околу 5,5 км (три делници) во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта. Вкупна инвестициска вредност на работите: 16.500.000,00 МК денари.
  • Изградба на тротоари во населените места на Општина Карбинци во село Радање, во село Долни Балван (вредност 2.859.766,00 денари).
  • Изградба на улици во Општина Карбинци, и тоа (вредност: 5.471.830,00 денари):
  • Изградени/асфалтирани се 6 улици во с. Аргулица
    - Изградени/асфалтирани се 3 улици во с. Таринци
    - Изградени/асфалтирани се 3 улици во с. Нов Караорман
    - Изградена/асфалтирана е 1 улици во с. Горни Балван
    - Изградена/асфалтирана е 1 улици во населба Ванчо Прќе – с. Крупиште
    - Изградено проширување пред ПОУ во село Долни Балван.

  • Изградена е агрометеоролошка станица и изработена е компјутерска и мобилна апликација. Вредност: 230.420,00.
  • Изграден е бунар во с. Аргулица со длабочина 28 метри зацевен со ПВЦ Ф 225 мм, пумпна станица, потисен цевковод, довод на електрична енергија. Вкупна вредност на работите: 720.000,00 денари.
  • Подобрување на водоснабдувањето на Општина Карбинци од ХС„ ЗЛЕТОВИЦА“ (вредност: 58.309.051 денари) - (во изградба). Пристапен пат од локален пат село Карбинци - село Радање до пречистителна станица, распределителни цевководи од пречистителната станица до постојните резервоари во вкупна должина од 17,82 км.
  • Набавени се потопни пумпи и електромотори за водоснабдување на населените места во општината. Вкупна вредност на работите: 586.741,00 денари..
  • Изградена е термоизолациска фасада на објектот на ОО „Страшо Пинџур“ - Карбинци во село Карбинци - 2.200 м². Вкупна вредност на работите: 1,747.238,00 денари.
  • Изградена (асфалтирана) е пристапна улица и паркинг-простор на ЦОУ „Страшо Пинџур“ - Карбинци во село Карбинци - 1.140 м². Вкупна вредност на работите: 1,222.528,00 денари.
  • Изработен е нов епоксиден под во холот и ходниците на ЦОУ „Страшо Пинџур“ - Карбинци во село Карбинци. Вкупна вредност на работите: 965.889,00 денари.
  • Изработен е нов под во спортска сала на ЦОУ „Страшо Пинџур“ - Карбинци во село Карбинци. Вкупна вредност на работите: 346.501,00 денари.
  • Изградена е ограда на училишниот двор и пристапни патеки: 1.108.745,00 денари.
  • Изградено/асфалтирано е спортско игралиште во дворот на ЦОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци. Вкупна вредност на работите: 2.116.820,00 денари.
  • Извршена е замена на греењето со инвертер клима-уреди во ПОУ Крупиште и ЦОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци. Вкупна вредност на работите: 1.036.326,00 денари.
  • Извршена е замена на дотраена дрвена столарија со современа ПВС-столарија во сите подрачни основни училишта. Вкупна вредност на работите: 502.419,00 денари.
  • Набавено е превозно средство минибус за превоз на ученици. Вкупна вредност на работите: 1.360.000,00 денари.
  • Набавена е информатичка и видеотехнологија и наставно-образовни помагала за сите подрачни основни училишта. Вкупна вредност на работите: 1.995.837,00.
  • Изградба на регионален водоводен систем „Плачковица“ - (во изградба):.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

  • Рекреативно езеро кај археолошки локалитет Баргала.
  • Сточен пазар.
  • Чистење и уредување на речното корито на Раданска Река покрај с. Таринци.
  • Изградба на Модар мост кај с. Крупиште зафат за водоснабдување на 70 ха земјоделски површини.
  • Изградба на мост во с. Козјак на Козјачка Река.
  • Основање противпожарно одделение во Општина Карбинци.
  • Канализирање - уредување на одводен канал Герен во село Долни Балван.
  • Детска градинка во с. Карбинци со големина од 150 м 2 .
  • Реконструкција и тампонирање на полски патишта.
  • Враќање на достоинството на земјоделецот преку реконструкција на гумена брана на реката Брегалница кај село Карбинци, НЕРЕАЛИЗИРАНО!
  • Пешачка и велосипедска патека Долни Балван – Таринци ‒ Карбинци.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирате? Што е мотивот?

Мојата визија е Општина Карбинци да биде посакувано место за живеење, општина на задоволни граѓани, општина без корупција, економски моќна, уредена и чиста. Мотивот е да градиме општина со целосно подобрување на инфраструктурата, социјална сигурност на граѓаните, поддршка на младите, развој на туризмот и грижа за секое населено место. Се кандидирам за градоначалник на Општина Карбинци затоа што верувам дека можам да внесам нова енергија и вистинска грижа за секој граѓанин, општина во која секој е важен и секој ќе биде важен. Како градоначалник ќе се залагам за општина што работи транспарентно и отчетно, се грижи за поддршка на локални претприемачи, земјоделци, млади иноватори и за поголема застапеност на руралната жена во секој сегмент од општеството, односно општина еднакво достапна и во сервис на секој граѓанин, без разлика на возраст, етничка или социјална припадност

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој. Дали во тој контекст е потребно да се има и визија за општеството во целина?

Да се има визија за развој на општината е многу важно за нејзиниот напредок и просперитет. Без визија општината може да се соочи со краткорочни и некоординирани акции што не водат кон долгорочен напредок. Визијата претставува долгорочен план за развој на општината и вклучува подобрување на квалитетот на животот на жителите, инфраструктурно унапредување и економски раст.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Да се започне со организирање јавни консултации и форуми каде што граѓаните ќе предложат идеи и решенија за тоа како да се развие општината во иднина. За да може една општина да функционира и да се развива успешно, неопходно е сите заеднички да придонесуваме кон подобро општество. Успешна приказна се гради преку стабилно општество, а стабилно општество создава услови за напредок на секоја општина. Нашата општина ќе биде модерна, зелена и отворена за граѓаните, место во кое младите ќе сакаат да останат и да живеат достоинствен живот. Економијата ќе расте, а културата и традицијата ќе се негуваат со гордост.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите се движечка сила на секое општество. Тие се носители на нови идеи, иницијативи и промени. Нашата иднина зависи од тоа колку ќе успееме да ги задржиме младите, да ги мотивираме за да придонесуваат во својата заедница. Согласно со законот за младински политики, ќе отвориме младински центар со поддршка на општината, каде што ќе се остави простор на младите од нашата општина да се изборат за свое место каде што ќе можат да се дружат, да споделуваат искуства, да се образоваат и, пред сè, да дадат свој придонес за подобрување и одговорност за реализација на политиките за млади.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?

Безбедноста на граѓаните е најважна алка од системот на функционирање на општината. Во Општина Карбинци можеме да нотираме неколку проблеми од вакво значење што можат да се решат со инвестирање и вложување во превенција за поголема безбедност. - ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци, се наоѓа на регионалниот пат Штип - Плачковица, потребно е да се подигне безбедноста на децата во ова општинско училиште, бидејќи овие деца патуваат од другите населени места и, додека го чекаат превозот, изложени се на опасност од голем број возила што минуваат по регионалниот пат. Решение е да се изгради заштита од регионалниот пат за децата да не се директно изложени и загрозени во сообраќајот. - Пречистителната станица за вода не е под постојано обезбедување резервоарите за вода не се заштитени и обезбедени. Решение е да се изнајде начин за физичко обезбедување на објектот пречистителна станица и да се оградат резервоарите за вода во населените места. - Проблемот со кучиња скитници особено во руралните општини е голем. Постојат голем број кучиња делумно на селаните, а делумно и донесени оставени од соседни општини, кои се оставени без грижа и се по улиците и јавните места и претставуваат опасност. Решение е редовно заловување на овие кучиња кои немаат сопственици и да бидат чувани во стационар што може да биде изграден. - Посебен акцент би ставила на безбедноста на граѓаните и затоа ќе изградиме општина каде што секој граѓанин ќе се чувствува заштитен секаде, на улица, на работа и во својот дом преку зголемени едукации за сообраќајните правила, зголемена соработка со МВР за превентивни патроли, поставување видеонадзор на јавни површини, опремување и поддршка на противпожарни единици за територијална заштита и превентивни активности за поплави, земјотреси и слично. - Во таа насока ќе се основа Противпожарна единица за територијална заштита со која ќе се зголеми безбедноста на граѓаните на Општина Карбинци. - Во делот на безбедноста, неопходно е отворање подрачно одделение на Меѓуопштински центар за социјална работа во кој ќе се овозможи поддршка за ранливите категории, но и отворање СОС-линии за пријавување семејно насилство и злоупотреба, односно булинг меѓу најмладите, и ќе се овозможи заштита на стари лица, лица со попреченост и сл.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?

Доброто планирање на просторот и мобилноста се клучни фактори за брз развој. Кога просторот се планира паметно и функционално, се создаваат услови за балансиран економски, социјален и еколошки развој. Планирањето и добро планирана мобилност не се само технички решенија туку и социјални и економски алатки што директно влијаат врз тоа колку едно општество е развиено и колку неговите граѓани живеат квалитетно, односно кога постои добро планирана мобилност секој граѓанин, без разлика на приход или локација, има пристап до основните услуги и можности за развој.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Враќањето на довербата на граѓаните во системот е долг и континуиран процес што бара конкретни промени не само ветувања. Довербата се враќа со дела, а не со зборови. Со воведување независни механизми за контрола на работењето на органите на локалната самоуправа и отчетност на избраните функционери, односно секој функционер ќе одговара за своите одлуки и конечно би се почитувал најсилниот фактор за враќање на довербата, рамноправност пред законот. Нефункционирање на системот се состои најмногу од селективната правда, селективно спроведување и почитување на закони и постоењето на нееднаков третман на сите фактори во општеството. Селективноста се базира најчесто врз политичка припадност, потоа етничка припадност, а носители на функции во општеството се третираат во надредена положба во однос на обичните граѓани. Кога граѓаните добиваат соодветна и навремена услуга, имаат доверба во институциите.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Несигурноста на младите за својата иднина во државата, тие се сведоци каде што помалку квалитетни кадри завршуваат на високи функции и сето тоа влијае демотивирачко за младите. Да го спречиме иселувањето и да ги мотивираме граѓаните да останат во родниот крај. За тоа, пред сè, треба да им се гарантира социјалната сигурност, функционално здравство, квалитетното образование и интересни содржина за младите. Општината да понуди парцели на продажба за индивидуално и колективно домување наменети за млади брачни парови, со што Општина Карбинци ќе биде препознатлива како посакувано место за живеење

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Ги повикувам граѓаните на Општина Карбинци да гласаат за мене како кандидат за градоначалник затоа што јас и мојот тим нудиме визија, а не само ветувања, нудиме конкретни мерки што ќе го подобрат секојдневието. Ќе го вратиме достоинството на институциите, ќе се бориме против корупција и ќе обезбедиме отчетност за секоја одлука и најголема заложба е секој граѓанин да биде еднаков пред законот и во институциите - БЕЗ ПРИВИЛЕГИРАНИ И НЕДОПИРЛИВИ!

Заедно да ги менуваме состојбите!

  • Кампања „Спорт за сите“ за вклучување на сите генерации во спортскиот свет, односно од младите, жените и пензионерите.
  • Стипендии за талентирани спортисти преку месечни надоместоци за млади што постигнуваат високи спортски резултати, покривање трошоци за натпревари (патувања, котизации, сместување), бесплатно користење на спортските сали и терени за млади и за спортски клубови и доделување средства за тренери, опрема и такси за лиги/натпревари, донации или субвенции за спортска опрема и, секако, добиваат бесплатен термин во спортски сали за тренинг на младински тимови.
  • Субвенционирање на фасади за домовите за граѓаните би значело поевтино живеење и поквалитетен дом, за општината поубав изглед и уреденост, а за сите нас почист воздух и поздраво опкружување. Мојата визија е зелена општина во која ќе уживаме да живееме, со уредени фасади, зелени површини и гордо да го нарекуваме ова место „наш дом“.
  • Ослободување од комуналии за млади брачни парови што ќе започнат изградба на нов дом во Општина Карбинци, со што младите брачни парови се стекнуваат со сопствен дом што е основа за формирање и стабилизација на семејството и зголемување на наталитетот.
  • Иницирање за формирање Ловно и риболовно друштво во Општина Карбинци, бидејќи на подрачјето на Карбинци се наоѓа и планината Плачковица и изобилува со разновиден дивеч и низ подрачјето на Општина Карбинци минува и реката Брегалница. Во делот на културата и уметноста ќе се заложиме за опремување на културниот дом во с. Таринци со столчиња за седење и потребна техничка опрема за организирање културни настани .
  • Организирање Карбинско културно лето „Баргала“, што претставува културна програма и нова традиција што ќе ги обедини музичките концерти, локалните манифестации, музичките концерти, летната киносцена под ведро небо во летен културен циклус под единствено име. Фестивал на Јуручка култура на кој се промовира етнокултурниот спој од песни, ора и народни танци преку игроорни групи што добива внимание не само кај јуручкиот етнос туку и кај другите заедници и институции, односно придонесува за меѓуетничка комуникација и разбирање.
  • Субвенционирање на домаќинствата при купување дрва за огрев - на тој начин ќе се спречи бесправната сеча на шума. Мерката субвенции за дрва за огрев е многу важна мерка за мојата општина бидејќи поголем дел од населението се загрева на дрва. Субвенционирањето би се спроведувало преку ваучери со кои граѓаните директно ќе купуваат дрва од овластени снабдувачи по субвенционирана сума, со што се обезбедува енергетска сигурност за сиромашните семејства, се спречува нелегална сеча на шумите и се покажува дека општината е чувар на социјалната сигурност. Покрај субвенции за дрва за огрев, ќе се обезбедат и субвенции за пелети, брикети или енергетски поефикасни печки со што ќе се намали загадувањето.
  • Субвенционирањето на набавката на пелети и печки на пелети е дел од нашата заложба да обезбедиме конкретна поддршка за домаќинствата, за полесно и поквалитетно затоплување на нивните домови, но и за заштита на животната средина. Ваквите мерки се дел од поширокиот пристап што го применуваме како локална самоуправа – пристап што значи грижа, континуитет и визија за одржлива иднина.
  • Воведување субвенции за полагање за возачка дозвола (категорија Б) за секој матурант жител на Општина Карбинци, со што ќе им се олесни финансискиот товар на младите од нашата општина при добивање возачка дозвола, што директно ја зголемува нивната независност, стануваат поконкурентни на пазарот на трудот и ќе се стекнат со знаења и навики за безбедно учество во сообраќајот.
  • Воведување бесплатен оброк за сите ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ за учениците од прво до петто одделение.
  • Бесплатна градинка за дечиња од 6 месеци до 6 години од социјално загрозени семејства.
  • Мерката субвенционирање бунари за вода директно ќе влијае врз развојот на земјоделството и ќе се обезбеди сигурност за наводнување и стабилен принос, а истовремено ќе се намали ризикот од суша и ќе се зголеми мотивацијата на младите да се вклучат во земјоделството.
  • Субвенции и грантови за талентирани музичари, сликари, писатели, актери и нивно финансирање на учество на натпревари во земјата и странство со што се гради самодовербата кај младите.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Изградба на брана Баргала на Козјачка Река

Опис на проектот

Станува збор за брана што би зафатила околу осум милиони кубни метри вода, којашто претежно би била вода за наводнување на дворните површини и на земјоделските површини за општините Карбинци и Штип. Со изградбата на браната Баргала на Козјачка Река, месното население и нивните земјоделски површини ќе бидат заштитени од поплави, бидејќи на овој начин ќе се регулираат сите води и притоки што се влеваат во реката Козјак, која доаѓа од планината Плачковица. Со изградбата на браната ќе се зголеми на вредноста на земјиштето.

Влијание на проектот:

Со изградба на браната најпрвин ќе се регулираат водите што се влеваат во Козјачка Река, која честопати ги поплавува земјоделските површини.

Целна група: Земјоделците на Општина Карбинци и жители на општините Штип и Карбинци

Рок на реализација: 2025 – 2029 година

Изградба на детска градинка во село Карбинци

Опис на проектот

Во Општина Карбинци постои една градинка што се наоѓа во село Таринци - оваа градинка не го задоволува сместувачкиот капацитет за сите деца и постои листа на чекање. Со изградбата на уште една детска градинка во село Карбинци ќе се овозможи сите деца што имаат потреба да бидат сместени во детска градинка и воопшто и да не постои листа на чекање. Во рамките на оваа градинка може да се размисли и за простории што ќе бидат наменети за целодневен престој на деца и од школска возраст каде што децата ќе можат да ги извршуваат училишните задачи и да бидат згрижени со оброк и рекреативни активности до завршување на работното време на нивните родители, во Општина Карбинци ова претставува проблем бидејќи не постои вакво згрижување на деца и родителите се принудени по завршување на училишните активности децата да ги носат во целодневен престој во градинките во Штип.

Влијание на проектот:

Изградбата на оваа градинка ќе придонесе повеќе да не постои листа за чекање деца од предучилишна возраст за престој во градинка, а со тоа ќе се обезбеди сигурност на родителите за нивните работни места. Дополнително, децата до одредена школска возраст ќе бидат згрижени во целодневен престој по завршување на училишните активности.

Целна група: Родители и деца од Општина Карбинци

Рок на реализација: 2025 – 2029 година

Изградба на Мултимедијален центар кај локалитетот Баргала

Опис на проектот

Објект опремен со современа технологија, аудиовизуелна опрема, интернет, проектори, звучни системи, интерактивни екрани и сл. Со изградбата на Мултифункционалниот центар ќе се подобри квалитетот на културниот и социјалниот живот, ќе се зголеми развојот на туризмот и имиџот на општината како модерна општина, која овозможува поддршка на младите со соодветен простор за учење, дружење и креативно изразување, а истовремено ќе се зачува културното наследство преку дигитални алатки. Граѓаните ќе можат да уживаат во концерти, кинопроекции, мултимедијални проекции, театарски претстави, ликовни изложби, конференции и голем број други настани.

Влијание на проектот:

Жителите на Општина Карбинци првпат ќе добијат културен центар, кој ќе внесе посебен и нов импулс во нивниот културно-забавен живот и соодветно место за одржување културни настани, креативни активности, предавања, конференции, младински клубови, презентации и и слично.

Целна група: Жителите на Општина Карбинци, надворешни посетители, гости и туристи.

Рок на реализација: 2025 – 2029 година

ПРОЕКТИ

Изградба на индустриска зона покрај експресниот пат Штип − Крупиште − Кочани

Опис на проектот

Со изградбата на експресниот пат се отвора можност за изградба на индустриска зона бидејќи пристапот до овие простори е веќе овозможен. Со изградбата на индустриската зона ќе се предвидат зони за изградба на бензинска пумпа, изградба на комерцијални објекти и со самото тоа ќе се овозможи економски развиток на овој дел од општината.

Влијание на проектот:

Со изградбата на индустриската зона, општината ќе инкасира приход од продажба на градежно земјиште, потоа приход од комуналии за изградба на објекти и ќе се овозможи развој и можност за вработување на младите од Општина Карбинци.

Целна група: Потенцијални инвеститори и самите жители на Општина Карбинци

Рок на реализација: 2025 – 2029 година

Оспособување на левиот крак на каналот за наводнување на хидросистемот „Брегалница“

Опис на проектот

Потсистемот „Штипско поле“ - лева страна е последна неизградена делница на ХМС „Брегалница“ на левиот магистрален канал, кој е изграден само до Козјачка Река, со четири испусти, зафати на територија на Општина Карбинци. Детална каналска мрежа од овој потсистем не е изградена. Со овој проект се предвидува:

- изградба на два цефковода - еден за долна зона со природен притисок над 3,5 бари и еден за горна зона со додатен притисок од 6 бари (преку пумпна станица со изливен базен)

- реконструкција на делницата од Бурилчево до Козјачка Река 

- завршување на втора фаза - изградба на детална каналска мрежа за КО Аргулица, за наводнување на дополнителни 200 ха.

Влијание на проектот:

Бидејќи поголем дел од населението се занимава со земјоделство, а земјоделството е клучно за развој на стопанството и за развој на руралните средини, со што ќе се создадат услови младите да се задржат да живеат во нив.

Целна група: Земјоделците на Општина Карбинци

Рок на реализација: 2025 – 2029 година

Изградба на пешачка патека до кањонот Камник

Опис на проектот

За кањонот Камник, кој претставува природна убавина во Општина Карбинци, да се изработи проектна документација за обележување и трасирање на пристапна пешачка патека до него со поставување летниковци за одмор по должината на патот.

Влијание на проектот:

Со изградбата на патека до кањонот Камник ќе се зголеми интересот за посета на оваа природна убавина и ќе се развие туристичкиот потенцијал на Општина Карбинци.

Целна група: Сите жители на Општина Карбинци и посетители од други општини

Рок на реализација: 2025-2029 година

Изградба на спортска сала во Општина Карбинци

Опис на проектот

Во Општина Карбинци досега не постои спортска сала. Со реализација на овој проект општината ќе се здобие со соодветно место за спортски активности.

Влијание на проектот:

Децата, младите и возрасните ќе имаат можност за реализација на спортските активности во соодветен и затворен простор. Со тоа ќе се поттикне спортскиот дух кај младите, а дополнително и ќе се создадат услови за реализација на спортските активности во текот на целата година.

Целна група: Сите жители на Општина Карбинци

Рок на реализација: 2025 – 2029 година

Изградба на фекална канализација во село Парналија

Опис на проектот

Во населено места Парналија испуштањето на отпадните води се врши во септички јами, а делумно и по улици, што претставува сериозна опасност за здравјето на луѓето и животните, како и опасност од загадување на почвата и подземните води. Со изградбата на овие канализациски системи значително ќе се подобри квалитетот на животот во овие населени места.

Влијание на проектот:

Заштита на животната средина, ќе се елиминираат условите за загадување на почвата и подземните води и ќе се создадат услови за квалитетно земјоделско производство.

Целна група: Жители на с. Парналија

Рок на реализација: 2025 – 2029 година

Изградба на пречистителна станица за фекални води во село Долни Балван

Опис на проектот

Водите од 120 домаќинства во с. Долни Балван ќе се прочистуваат во оваа филтер-станица. Во моментов има изградено примарна и секундарна канализација за отпадни води од домаќинствата и е неопходно пред да се испуштат во реката Брегалница, овие води да бидат прочистени.

Влијание на проектот:

Со изградба на оваа пречистителна станица значително ќе се намали загадувањето на реката Брегалница, а со тоа ќе се подигне и квалитетот на животот на жителите на Долни Балван.

Целна група: Жителите на с. Долни Балван

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Месна заедница Таринци

    • Канализирање на речното корито на Радањска Река во делот од с. Таринци покрај индустриската зона, па сè до нејзиниот влив во река Брегалница кај с. Долни Балван
    • Асфалтирање на сите улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изработка на ДУП за с. Таринци
    • Изградба на индустриска зона за изградба на фарми на површина од 30 хектари во атарот на с. Таринци
    • Реконструкција на пречистителна станица на отпадни води
    • Изградба на игралиште за спортски активности

Месна заедница Аргулица

    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на водоводен систем со техничка вода за наводнување на дворните и земјоделските површини.
    • Реконструкција на Домот на културата во с. Аргулица
    • Уредување на селските гробишта
    • Изградба на игралиште за кошарка, мал фудбал и одбојка

Месна заедница Карбинци

    • Изградба на детска градинка
    • Уредување на речното корито на Козјачка Река во делот од с. Карбинци до нејзиниот влив во Брегалница
    • Уредување на индустриска зона (изградба на улици, водовод, канализација, осветлување)
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на водоводен систем со техничка вода за наводнување на дворните и земјоделските површини
    • Реконструкција и доизградба на гумена брана во с. Карбинци

Месна заедница Крупиште

    • Изградба на пречистителна станица за фекални отпадни води
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на индустриска зона за изградба на комерцијални и производни капацитети на површина од 10 хектари покрај експресниот регионален пат, во близина на сообраќајната клучка Крупиште
    • Изградба на пешачко-велосипедска патека од с. Крупиште до населба Колонија
    • Изградба на водоводен зафат за наводнување со техничка вода на земјоделските површини – Модар мост

Месна заедница Долни Балван

    • Изградба на улица - обиколница во должина од 1.200 метри, со мост преку водотек Герен
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на пречистителна станица за фекални отпадни води
    • Реконструкција на детско игралиште
    • Изработка на ДУП за с. Долни Балван
    • Измени во делот на согласности за прекопување на главната улица на селото за поставување инсталација за пренос на електрична енергија од фотоволтаичните панели што се наоѓаат во селото на земјоделски обработлива површина и нивна дислокација со цел поголема безбедност на граѓаните на ова село.

Месна заедница Козјак

    • Изградба на мост на Козјачка Река во с. Козјак
    • Уредување на речното корито на Козјачка Река во делот од с. Козјак
    • Асфалтирање на улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Реконструкција на детско игралиште
    • Изградба на пешачка велосипедска патека од с. Козјак до археолошки локалитет Баргала

Месна заедница Радање

    • Изградба на мост на водотек Криви Дол во с. Радање.
    • Асфалтирање на улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на пешачко-велосипедска патека од с. Радање до локалитет Камник
    • Реконструкција на спортско игралиште со природна трева
    • Реконструкција на пречистителна станица за отпадни води

Месна заедница Кучица

    • Уредување на речното корито на Кучичка Река во делот од с. Кучица
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на пречистителна станица за фекални отпадни води
    • Изградба на игралиште за кошарка, мал фудбал, одбојка
    • Изградба на парк со летниковци

Месна заедница Парналија

    • Изградба на фекална канализација со пречистителна станица за фекални отпадни води
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Реконструкција на водоводен систем
    • Изградба на игралиште за кошарка, мал фудбал и одбојка
    • Изградба на парк со летниковци

Месна заедница Калузлија

    • Изградба на фекална канализација со пречистителна станица за фекални отпадни води
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Реконструкција на водоводен систем
    • Изградба на игралиште за кошарка, мал фудбал и одбојка
    • Изградба на парк со летниковци

Месна заедница Горни Балван

    • Изградба на фекална канализација со пречистителна станица за фекални отпадни води
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на парк со летниковци
    • Изградба на пристапен пат до локалитет Киево
    • Изградба на локален пат од с. Горни Балван до с. Долно Трогерци и Горно Трогерци

Месна заедница Црвулево

    • Изградба на фекална канализација со пречистителна станица за отпадни води
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на парк со летниковци
    • Изградба на локален пат од с. Црвулево до с. Руљак и с. Припечани
    • Изградба на водоводен систем во с. Црвулево

Месна заедница Оџалија

    • Изградба на фекална канализација со пречистителна станица за фекални отпадни води
    • Асфалтирање улици, изградба на тротоари и осветлување.
    • Изградба на парк со летниковци
    • Реконструкција на водоводен систем
    • Реконструкција на училишна зграда