Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Должни сме да ја подигнеме свеста кај граѓаните и стопанските субјекти за односот кон животната средина. Ќе ги исчистиме сите лоцирани диви депонии и заедно со сите надлежни институции ќе вршиме постојан мониторинг и контрола на стопанските субјекти на територијата на Општина Градско за заштита на воздухот, почвата и водите.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?
Фактот што го покачивме драстично индексот за транспарентност во минатото докажува дека директно ги вклучуваме граѓаните во процесите на креирање и одлучување на локалната заедница. Нашите граѓани ќе добиваат модерна и навремено ажурирана веб-страница за информирање и непречен пристап до сите информации од јавен карактер и ќе ги вклучиме граѓаните во изработката на буџетот и во носењето одлуки.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?
Невработеноста и бесперспективноста беше причина младите луѓе од нашата општина да ја напуштат државата. Треба да создадеме услови за развој и инвестиции и со тоа да се покачи стандардот и квалитетот на животот на граѓаните.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?
Мојот предизвик е да се работи за граѓаните. Нема да ги делам според партиска, национална, верска, социјална или полова припадност. Ги познавам предизвиците со кои се соочуваме и вашите потреби, барања и проблеми ќе ми бидат главен приоритет во работата.
