
Колку се важни младите за нашата општина?
Во природата на младите луѓе е поривот за брз прогрес и квалитетен живот. Со својата енергија, флексибилност и отвореност кон современите технологии тие се двигатели на развојот на локалните економии на секој поголем град. Градоначалниците често влегуваат во заблуда дека мали инвестиции во спортот, образованието и ноќниот живот се доволни за да ги задржат младите во своите општини. Потребно е да се погледне малку пошироко на работите. Вложувањето во програми за поддршка на локални млади претприемачи, превентивната здравствена заштита кај младите, создавањето услови за поголема мобилност и дигитализацијата на јавните услуги, на пример, можат сериозно да придонесат една општина да стане многу поатрактивна средина за младите луѓе.
Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?
Почнувајќи од безбедноста на улиците, преку безбедноста во училиштата, па сè до безбедноста во ноќните клубови, нашите сограѓани имаат безброј причини да се чувствуваат небезбедно. Зголемувањето на бројот на сообраќајни несреќи, кражби, пожари, трговијата со наркотици се сериозен аларм дека е потребно да се дејствува брзо и одлучно. Преку инвестирањето во безбедни улици, велосипедски патеки, тротоари, противпожарни служби, кампањите за подигнување на јавната свест и ред други активности општините би можеле да бидат значаен фактор во подобрувањето на безбедноста на граѓаните.
Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?
Бетонизацијата на Аеродром мора да запре што поскоро. Крајно неодговорно е во 21 век да се градат станбени и деловни објекти без да се испланираат нови градинки, училишта, улици со доволно широки тротоари и велопатеки, паркови, спортски и детски игралишта. Трагично е што особено во изминатите 20 години Аеродром беше жртва на едно вакво крајно нехумано планирање на просторот. Последиците ги чувствуваме секој ден и мислам дека не постои човек што нема да се согласи со ова.