МОЈАТА ВИЗИЈА
Зошто се кандидирате? Што е мотивот?
Се кандидирам бидејќи имам јасна визија за развој на општината и силна мотивација да придонесам за подобар живот на моите сограѓани. Ги познавам сите делови од Струмица и секое населено место во регионот. Имам обврска пред граѓаните на Струмица - да обезбедам безбедна, чиста и економски развиена средина.
Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој. Дали во тој контекст е потребно да се има и визија за општеството во целина?
Визијата е неопходна за секаков вид развој. Општина Струмица мора да има стратегија што се вклопува во пошироката визија за општеството, бидејќи само така може да се обезбеди долгорочен напредок.
Што е тоа што сметате дека мора да се направи во твојот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?
Инфраструктурните проекти се важни, но тие не се доволни за целосен развој. Потребни се и проекти за економски развој, подобрување на квалитетот на животот, проекти што ги вклучуваат младите, но и повозрасните граѓани, проекти поврзани со културата, за поддршка на спортот, а секако и одржливи еколошки решенија.
Колку се важни младите за нашата општина?
Младите се двигатели на секој напредок. За да ги задржиме во државата, мора да им овозможиме пристап до квалитетно образование, можности за вработување и самовработување, како и активен живот во спортот и културата.
