Почитувани граѓани, За мене е голем предизвик, како кандидат за градоначалник на Општина Неготино од редовите на СДСМ, да одговорам многу свесно, совесно и посветено пред вас, граѓаните на Општина Неготино. Ова е голема обврска, но истовремено и голем мотив, да го дадам целото мое знаење, искуство и пред сѐ голема желба за поубаво Неготино. За мене младите се посебен предизвик, затоа што низ моето професионално искуство како наставник и директор на ООУ „Гоце Делчев“ во Неготино, знам дека секогаш кога училиштето е полно со ученици, сите сме задоволни, затоа што можеме да сметаме за иднината на општината. Ова ќе биде и мојот главен предизвик како прв човек на општината да создадеме услови и да ги задржиме младите дома!

Неготино е деградирана општина во изминатите четири години.

Граѓаните не се задоволни од услугите што ги добиваат, не се чувствуваат безбедни, а општината не се развива и не нуди можности младите да останат во Неготино. Како кандидат за градоначалник на општина Неготино, се обврзувам и ветувам дека Неготино ќе биде подобро место за живеење. Ќе ги завршиме започнатите проекти, но ќе внесеме и многу нови, свежи решенија.

Секој ваш предлог, идеја или потреба ќе се трудам да станат реалност, низ заедничка отворена и транспарентна работа. На Неготино мораме да му го вратиме сјајот! Вашата доверба е моја обврска! Вашиот глас е мој потсетник! Заедно за поубаво, помодерно и побезбедно Неготино!

Со почит и благодарност,

Петар М.

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА НЕГОТИНО

  • 1. Вуле Младеновиќ
  • 2. Елеонора Настова Димова
  • 3. Анѓел Арсов
  • 4. Нена Темелкова
  • 5. Мики Мирчев
  • 6. Тодор Ристиќ
  • 7. Весна Младеновиќ Здравковиќ
  • 8. Валентина Алтанџиева
  • 9. Даниел Станојковиќ
  • 10. Радмила Маркова
  • 11. Сашко Глигоров
  • 12. Наташа Трајковска
  • 13. Тане Анѓеловски
  • 14. Љубица Илова
  • 15. Игор Огњанов

Ние, идните советници од СДСМ и коалицијата сме вашиот глас! Голем е поривот во сите нас затоа што Неготино и селата го имаат сиот свој потенцијал, но истовремено сме сведоци како општината стагнира, младите заминуваат, а оние што остануваат се загрижени за своите пензионерски денови. Работите мораме да ги промениме, заедно во интерес на сите! Потребни се многу нови содржини за граѓаните, но и за сите намерни и случајни посетители на Неготино и на населените места. Потребно е сигурно и безбедно поврзување, добра патна инфраструктура и чиста животна средина. Тоа е наша должност за сегашните и за идните генерации.

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

Проекти на локалната власт од СДСМ (2017 - 2021) и проекти од централната власт на СДСМ:

  • Решавање на деценискиот проблем со водоснабдувањето во Општина Неготино.
  • Промена на главната водоводна линија во должина од 410 метри.
  • Изградена е првата социјална зграда во Општина Неготино со 62 станбени единици.
  • Изградена е нова детска градинка со капацитет за сместување од 169 дечиња.
  • Реконструиран е објектот „Спомен-костурница” во Неготино.
  • Реконструирана е спортската сала „Младост“.
  • Санација и асфалтирање на улицата „Маршал Тито“.
  • Со „Проектот за поврзување на локални патишта“ извршена е целосна реконструкција на улиците „Антигона“, улицата „Едвард Кардељ“ и реконструкција на улицата „ЈНА“.
  • Кружна крстосница составена од улиците „Маршал Тито“ и „Баба Ана Ташева“.
  • Изградени се 6 километри од патниот правец Криволак – Пепелиште.
  • Енергетски ефикасно улично осветлување во градот и во населените места.
  • Формирано е ново Јавно претпријатие за градски паркинг „ПАРКИНЗИ НЕГОТИНО“ и обезбедени се 220 паркинг-места.
  • Изградени се улици во населени места: Војшанци, Пепелиште, Тремник, Криволак и Дуброво.

Сите овие проекти придонесоа за подобрување на квалитетот на животот во Општина Неготино.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Периодот 2021 – 2025 година ќе остане празен период за Општина Неготино. Тоа е период на кој нема за што да се сеќаваме. Беа ветени бројни проекти на ВМРО-ДПМНЕ кои останаа заборавени на хартија. За многу од нив беше дури и подготвена техничка документација од локалната власт на СДСМ, со обезбеден буџет, а сепак и тие останаа нереализирани.

Еве што ветија, а што НЕ направија:

  • Ветија изградба на голем парк кај спортската сала Младост – не го изградија.
  • Ветија целосна реконструкција на игралиштето зад спортскиот центар Младост – не го реконструираа.
  • Ветија индустриска развојна зона Црвени Брегови – не ја реализираа.
  • Ветија реконструкција на центарот на градот – градскиот плоштад. Истиот денес е во очајна состојба и не е реконструиран.
  • Ветија комплетно инфраструктурно уредување на УЗ 8а – не е реализирано.
  • Ветија изградба на кружен тек во центарот и на влезот во градот од страна на Кавадарци – не го изградија.
  • Ветија изградба на пешачка зона (Саат Кула – Тимјаничка Цуцка) – не ја изградија.
  • Ветија уредување на центарот на с. Тремник – истиот не е уреден.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирате? Што е мотивот?

Мојата кандидатура произлегува од силната желба да го ставам моето искуство и знаење во служба на подобра иднина на Неготино. Со тимски дух, посветеност и визија ќе работам на создавање на модерна, просперитетна општина - чиста, развиена, препознатлива и надвор од нашите граници.

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзиниот развој?

Без визија нема напредок. Јас го гледам Неготино како урбана, современа општина со развиен рурален и вински туризам, со поддршка за младите, грижа за старите и ранливите категории граѓани, со достоинствени услови за сите генерации.

Што е тоа што мора да се направи во следниот мандат?

По мене, инфраструктурата е основа, но не е доволна. Мораме да го вратиме животот во градот преку политики за младите, за еколошка свест, за безбедност и за функционални јавни сервиси во служба на граѓаните.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите се срцето на секое општество, а за мене, како наставник тие се мојата најголема инспирација. Ќе направам сè за да создадеме услови младите да останат тука и да го реализираат својот потенцијал.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните?

Сообраќајниот хаос во центарот на Неготино бара кружен тек за безбеден сообраќај. Кејот мора да се санира поради непријатната миризба и здравствените ризици. Пожарната служба бара нова опрема и услови. Потребна е стратегија за заштита од природни непогоди и грижа за кучињата скитници.

Дали доброто планирање и мобилноста се клуч за развој?

На Неготино му се потребни обиколници, постои техничка документација уште од 2019 година, но актуелната власт не делува. Со обиколници ќе го растеретиме градот и ќе намалиме загадување. Ќе воведам јавен општински автобус, бесплатен за целни групи и институции.

Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Решенија постојат, но потребна е волја. Подигањето на јавната чистота е најчесто барања од граѓаните на Неготино. Депонијата „Бучето“ и загадувањето на кејот мора да се решат.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали можеме да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Транспарентноста и професионалноста се клучот. Потребна е нова методологија за оданочување, посветена администрација, а ќе се залагам за вистинска контрола и отчетност во сите сектори - од урбанизам до инспекциски надзор. Ќе ја вратиме довербата кај граѓаните!

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Мора да им понудиме перспектива. Со модерно образование поврзано со пазарот, со поддршка за младите земјоделци, со развој на туризмот и повисоки плати, ќе покажеме дека вреди да се остане и да се создава тука.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Јас сум човек кој стои зад својот збор. Со години сум активен, чесен и посветен граѓанин на Неготино. Мојата визија е реална, моите цели се јасни, а мојата енергија е неисцрпна. Верувам во Неготино и ќе се борам со срце и разум за да го направам подобро место за сите нас!

Заедно да ги менуваме состојбите!

Заедно ги менуваме состојбите!

  • Меки политики за младите и животната средина

    Во општина Неготино потребно е ставање во функција на Локален младински совет и буџет за млади со што Локалниот младински совет ќе може програмски да ги спроведува активностите што се во интерес на младите. Потребно е поттикнување на младинскиот волонтеризам преку активно вклучување во граѓанскиот сектор и финансиска поддршка на младинските организации. Преку отворање на канцеларија за млади во општината, младите ќе добијат точка за информирање на територијата на Општина Неготино. Оваа канцеларија ќе се координира со другите институции и ќе води грижа за професионалната ориентација на младите. Преку екомладински патроли ќе организираме редовни еколошки акции, кампањи и активности за пошумување.

  • За жените во општина Неготино

    Реализацијата на Акцискиот план за родова еднаквост на општина Неготино значи редовно годишно издвојување на финансиски средства од буџетот на општината. Потребите за жените во општина Неготино главно ги фокусираме на зајакнување на родовата еднаквост, отворање на сервиси за жртвите на семејно насилство кое е присутно во општината, економско јакнење на жените и вклучување на жените во иновативни услуги од социјален карактер. Жените претприемачки ќе бидат вклучени во разни проекти на општина Неготино (на пример: поддршка на жените пчеларки). За жените од руралните средини најважно е згрижувањето и организиран опфат на предучилишните деца, а ќе ги вклучиме и во разни настани и манифестации заради нивна поголема промоција и афирмација. Ќе организираме кампањи, активности и проекти за превентивна здравствена заштита за жените и за женското здравје. Ќе се планира и еднократен паричен надомест за секое новороденче.

  • За пензионерите

    Како резултат на демографската слика и иселувањето на младите, за сите категории пензионери мораме да изнаоѓаме соодветни решенија, особено за оние со ниски пензии. Општината ќе продолжи да поддржува микропроекти со различни социјални служби за организирана грижа и сервиси за старите, поддршка преку разни форми на здравствена заштита и пред сѐ ментална поддршка на старите лица. Активното стареење значи да ги вклучиме пензионерите во носењето на одлуките, да им овозможиме активно да придонесат во општествено-културниот живот и во негувањето на традициите.

  • За образованието, културата, спортот во општина Неготино

    Како човек од образованието ја продолжуваме традицијата за мотивирање на талентираните ученици и спортисти и на нивните ментори - наставниците/професорите. За дечињата од социјално ранливи семејства ќе обезбедиме разни дидактички материјали и паричен фонд за првоодделенчињата. За средното образование на Неготино потребно му е интернатско сместување, модернизација на наставата и воведување нови, атрактивни наставни програми во согласност со потребите на пазарот. За секој запишан средношколец во Неготино ќе следува еднократен паричен фонд. Секаде во сите образовни установи мораме да обезбедиме непречен пристап и образовна асистенција за лицата/учениците со посебни потреби кои ќе работат професионално, без политички притисоци. Локалните културни установи ќе ги преземат сите потребни мерки за нивно поактивно програмско дејствување во организирањето на настани, манифестации и за одбележување на значајни годишнини. Мојата силна страна ја гледам во развојот, заживувањето и поддршката на спортот и на младите спортисти во Општина Неготино. Со владините политики на СДСМ во голема мера се подобрија условите за спорт, но одделни инфраструктурни активности во овој домен ќе бидат преземени и во следниот период. Заживување на младинските спортови и нивна поддршка ќе бидат мој главен предизвик.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Реконструкција на градскиот плоштад, сообраќајно решение со кружен тек во централното градско подрач

Опис на проектот

Проектот се планира да опфати целосна реконструкција на градскиот плоштад, преку замена на постојните плочки со нови, поставување нова урбана опрема и оградување на постојната фонтана. Проектот предвидува и сообраќајно решение со кружен тек кој ги опфаќа улиците „Маршал Тито”, „Даме Груев”, „Партизанска” и „Христо Ботев”. Ќе се планира и покривање на градскиот кеј од центарот до ООУ „Страшо Пинџур”. Ваквото проектно решение ќе придонесе за поурбан изглед, за функционално сообраќајно решение, за обезбедување на дополнителни паркинг-места во центарот на Неготино и истовремено решавање на проблемот со ширење на непријатна миризба од градскиот кеј, како реален причинител на разни зарази.

Влијание на проектот:

Со целосната реконструкција на градскиот плоштад, Неготино ќе добие современ плоштад и безбедно и функционално сообраќајно решение.

Целна група: Целна група се сите граѓани на општина Неготино, но и посетители кои доаѓаат во Неготино.

Рок на реализација:Шест (6) месеци во текот на 2026 година.

Буџет

Проценета вредност во согласност со проектна документација.

Рекреативно и хортикултурно уредување на просторот во близина на СРЦ „Младост“

Опис на проектот

За уредување на просторот во близина на СРЦ „Младост“ во периодот до 2021 година општина Неготино располагаше со прифатливи идејни решенија, со кои се предвидува целосно уредување преку можност за изградба на паркови површини, велосипедски патеки, скејт-парк, поставување спортски реквизити и сл., преку кои овој простор ќе израсне во модерен комплекс за секојдневна рекреација на локалното население, како и за развој на туризмот. Со новите содржини се планира програма што ќе го раздвижи просторот анимирајќи го и во полето на гастрономијата, културата и алтернативните спортски активности. Во првата фаза се предвидува и изработка на комплетна проектна документација во која детално ќе бидат уредени сите содржини што би се опфатиле во овој проект. Дел од проектната документација е расположлива во општина Неготино. Потребно е да бидат обезбедени извори на финансирање до конечна реализација.

Влијание на проектот:

Проектот е од голем интерес за младите, што е наша основна цел, во правец на здрав, правилен и сестран развој.

Целна група:

Млади и останати генерации кои често се присутни тука за одмор и рекреација.

Рок на реализација:

Потребна е комплетна техничка документација за реализација на овој проект. Временска рамка 2026 – 2028 година.

Буџет

Проценета вредност во согласност со техничка документација која треба да биде дополнително подготвена.

Зајакнување на капацитетите на службата на ТППЕ во Општина Неготино преку изградба на нов објект, об

Опис на проектот

Со промена на ДУП е утврдена локација за изградба на нов објект на ТППЕ Неготино. Исто така Општина Неготино во изминатиот период 2017 - 2021 година има подготвено проектна апликација со цел осовременување на службата за ТППЕ Неготино преку набавка на нови возила и современа опрема, но и размена на меѓународни искуства во овој домен со соседна Грција. Покрај тоа, проектот ќе опфати обезбедување на обуки, опрема и услови и за доброволните друштва кои помагаат за време на пожари и други катастрофи. Со проектот се планира комплетно опремување и екипирање за навремено и побезбедно делување и справување со пожари и други природни катастрофи. Се планира проверка и ставање во целосна функција на поставените градски хидранти, а ќе се планира и поставување на нови.

Влијание на проектот:

Проектот обезбедува делување на службите за ТППЕ преку нови, современи услови за работа, нови возила и опрема преку размена на меѓународни искуства. Проектот ќе има огромно влијание за подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на општина Неготино и пошироко.

Целна група:

Службата на ТППЕ Неготино и други доброволни друштва за ТППЕ.

Рок на реализација:

Планиран период на реализација 2026 - 2028 година

Буџет

Средства за оваа намена ќе се бараат од меѓународни фондови, ко-финансирање од општинскиот буџет, но и со средства од владините институции.

ПРОЕКТИ

Сообраќајно решение на влезот во Неготино од Кавадарци

Опис на проектот

Со проектот се поврзуваат регионалниот пат Неготино - Кавадарци со улиците „Индустриска“ и „Маршал Тито“. Преку реализација на овој проект на овој дел од градот Неготино се предвидува ново сообраќајно решение што ќе предизвика позитивен импакт и ефекти врз целото непосредно опкружување од аспект на повисока организација и инфраструктурна опременост.

Влијание на проектот:

Со проектот ќе се постигне повисок стандард и сообраќајни услови за проточност и безбедност на сообраќајот.

Целна група:

Целна група се сите учесници во сообраќајот, во градот Неготино, во населените места, посебно за учесниците во сообраќајот кои секојдневно сообраќаат на релација Неготино-Kавадарци-Неготино.

Рок на реализација:

Три (3) месеци во период 2026 - 2027 година

Буџет

Проценета вредност во согласност со проектна документација.

Изградба на јужна и северозападна обиколницa

Опис на проектот

Опфаќа 3 делници од јужна обиколница (ул. „Новопроектирана 1, 2 и 3“ со сите потребни детали) со должина од 3400 метри. Северозападна обиколница е во должина од 3800 метри со приклучни патишта до постојна сообраќајна мрежа во должина од околу 2500 метри. Техничката документација е од 2019 година, а средствата ќе се планираат во соработка со ЈПДП.

Влијание на проектот:

Проектот е од посебна важност заради растеретување на сообраќајот во градското подрачје. Проектот е од регионално значење.

Целна група:

Целна група ќе бидат разни учесници во сообраќајот, посебно корисници на земјоделска механизација, корисници на тешки товарни возила и други.

Рок на реализација:

2027 - 2029 година

Буџет

Проценета вредност на проектот во согласност со подготвена техничка документација со евентуално потребно ревидирање. Со оглед на тоа што обиколниците се од локална, но пред сè, од регионална важност, проектот се планира со средства од годишните програми на Јавното претпријатие за државни патишта.

Реконструкција на тротоари и велосипедски патеки на делницата од регионалниот пат R1103

Опис на проектот

Проектот опфаќа реконструкција на тротоарите и велосипедските патеки на делницата од регионалниот пат Р1103, на потегот од спојот со улица „Индустриска“ до крстосницата со регионалниот пат, во должина од околу 1 650 м, со сите потребни конструктивни елементи.

Влијание на проектот:

Со вака дефинирана, реализирана и обележана пешачка патека се обезбедува поголема сигурност и безбедност.

Целна група:

Целна група се млади, велосипедисти, пешаци од цела општина и пошироко.

Рок на реализација:

Од 3 - 6 месеци. Период 2027 – 2028 година

Буџет

Проценета вредност во согласност со проектна документација.

Изградба на туристички комплекс на локалитетот Тимјаничка цуцка

Опис на проектот

Локалитетот „Тимјаничка цуцка” е лоциран во јужниот дел од градот и зафаќа површина од околу 60 км2. Со проектот се планира пешачка патека, партерно уредување и поставување урбана опрема на местото викано „Солена вода” кое е посетено и користено од многу жители од општината и пошироко кои што овде доаѓаат и полнат од водата за пиење.

Влијание на проектот:

Уредување на локацијата како туристички комплекс, преку изградба на пешачки и велосипедски патеки.

Целна група:

Целна група се граѓаните на Општина Неготино, млади, велосипедисти, спортисти, посетители и туристи.

Рок на реализација:

За реализација на проектот потребна е комплетна техничка документација и сите неопходни одобренија. Проценето време за реализација е од 6 – 12 месеци во зависност од временските услови. Период за реализација 2028 – 2029 година.

Буџет

Проценета вредност во согласност со проектната документација ќе биде утврдена дополнително.

Исклучок од автопат А1/Е75 (делница Велес – Неготино) и поврзување со регионалниот пат Р1102 (Р103,

Опис на проектот

Овој проект е изработен во 2021 година на основа на приватна иницијатива на бизнис секторот кој е директно засегнат со оваа потреба. Со оглед на тоа што се работи за проект кој третира активности и поврзувања со Регионален пат, реализацијата ќе биде под директна надлежност на ЈПДП со дополнително потребно учество од буџетот на општина Неготино.

Влијание на проектот:

Проектот влијае врз локалниот економски развој. Ги решава проблемите со транспортот на засегнатите страни.

Целна група:

Посебно засегната целна група за овој проект се повеќе од 20 компании кои гравитираат на овој потег.

Рок на реализација:

Период за реализација 2026 – 2028 (во согласност со проекциите и во координација со ЈПДП)

Буџет

Бидејќи проектот има регионално значење и важност истиот ќе се реализира во соработка и со средства преку годишните програми на ЈПДП и општинскиот буџет.

Реконструкција на трибините на градскиот стадион и поставување на вештачки терен на поранешното рак

Опис на проектот

Општина Неготино во соработка со ФФМ и УЕФА планира комплетна реконструкција на градскиот стадион. Исто така, во склоп на градскиот стадион ќе биде поставен вештачки терен со соодветни трибини на местото на поранешното ракометно игралиште кое денес е во запуштена состојба.

Влијание на проектот:

Со проектот се влијае врз развојот на спортот кај младата популација и се зголемува безбедноста при спортувањето.

Целна група:

Целна група се млади, спортисти, ученици од ООУ „Гоце Делчев“ Неготино, но и други посетители за време на спортски и други културно-забавни настани.

Рок на реализација:

Потребна е соодветна техничка документација. Период за реализација 2026 – 2027 година.

Буџет

Буџетот за овој проект ќе го обезбеди Општина Неготино во соработка со ФФМ и УЕФА.

Целосна изградба на патен правец од с. Калањево до излетничкиот локалитет „Бела Вода“ во должина од

Опис на проектот

Овој патен правец е интересен и потребен за граѓаните на општина Неготино бидејќи с. Калањево во согласност со местоположбата е одлична воздушна бања и е потенцијално место за развој на ловен и викенд туризам. Изградени се повеќе од 200 нови викенд куќички и за пристап до истите неопходна е соодветна патна и друга инфраструктура.

Влијание на проектот:

Со проектот се поттикнува викенд туризам, ловен и друг планински и рекреативен туризам.

Целна група:

Целна група се корисници на повеќе од 200 викенд куќи во Калањево, ловни и планинарски друштва, ученици, и други граѓани на општина Неготино и пошироко.

Рок на реализација:

Рокот на изведба е детерминиран во согласност со проектната документација. Општина Неготино располага со проектна документација, за која ќе биде потребно евентуално ревидирање.

Буџет

Средства за оваа намена ќе се бараат преку ИПАРД програмите наменети за подобрување на јавна инфраструктура со делумно учество на општинскиот буџет. Проценета вредност е во согласност со проектна документација, со евентуално ревидирање во делот на цените и другите потребни одобренија за градење.

Санација и доградба на водовод и канализација во дел од Индустриска зона - УЗ 8

Опис на проектот

Индустриска зона УЗ.8 се наоѓа на влезот во Неготино од Кавадарци. Реална имплементација на истиот е започната во минатиот период, но истата не е реализирана до крај поради проблеми со изведувачот и настанатите штети при реализацијата. Потребна е итна корекција и изнаоѓање на соодветно решение.

Влијание на проектот:

Со проектот се излегува во пресрет на поголем дел од бизнис секторот кој стопанисува во оваа ИЗ УЗ 8.

Целна група:

Целна група е приватен бизнис сектор од општина Неготино и од регионот.

Рок на реализација:

Рокот на изведба е детерминиран во согласност со проектната документација за која е потребно ревидирање. Планиран период 2026 – 2027 година.

Буџет

Во однос на вредноста на проектот потребно е дополнително ревидирање во однос на цените, во согласност со актуелните пазарни вредности. Средства за оваа намена ќе се бараат преку МЖСПП и со кофинансирање од буџетот на општина Неготино.

Изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа во Општина Неготино

Опис на проектот

Општина Неготино е опфатена со магистралниот гасовод Клечовце – Штип − Неготино − Битола. За градот Неготино, на овој магистрален гасовод е поставен приклучок и Главната мерно-регулациска станица (ГМРС) со соодветен капацитет (7 000 m3/h). Во општина Неготино постои техничка документација за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа.

Влијание на проектот:

Проектот влијае врз зголемување на конкурентноста на локалната економија преку овозможување пристап на сите корисници до најевтиниот енергенс, природниот гас.

Целна група:

Како целна група се корисниците во јавните институции во Општината и некои поголеми индустриски потрошувачи.

Рок на реализација:

Техничка документација постои од 2021 година. Потребна е само нејзина ревизија. Проектот треба да се реализира во тесна корелација со Министерството за енергетика и други релевантни чинители. Проценето време на реализација 2026-2029 година.

Буџет

Проценета вредност во согласност со комплетна техничка документација.

Изградба на нов објект со концертна сала на општинското основно музичко училиште ООМУ „Владимир Арс

Опис на проектот

Музичкото училиште работи во стара дотраена зграда. Постои интерес и посетеност за настава со повеќе од 100 ученици, за што е неопходно и соодветно, безбедно просторно решение. Се планира изградба на нов, модерен објект со концертна сала. Просторните услови за реализација се во согласност со ДУП. Проектот ја афирмира музичката култура и образование.

Влијание на проектот:

Ќе се создадат нови, современи и безбедни услови за образование и ќе се влијае врз подигање на музичката култура.

Целна група:

Целна група се наставници и повеќе од 100 ученици, како и граѓани и посетители на културни настани.

Рок на реализација:

Проценета изведба за 6 до 12 месеци (2027 – 2028). Дополнително ќе се прецизира преку проектна документација.

Буџет

Средства за оваа намена ќе се обезбедат преку општината и годишните програми на МОН во делот на капиталните инвестиции.

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Криволак

  • Реконструкција на подрачното училиште во населено место Криволак.
  • Комплетна реконструкција и одржување на детското игралиште во центарот на Криволак.
  • Асфалтирање на улици во согласност со потребите на месното население.
  • Обезбедување дневна асистенција на стари, изнемоштени лица.
  • Пошумување на површини кои беа зафатени со пожарите од летото во 2024 година, со цел обновување на шумскиот фонд, како основа за заштита и справување со климатските промени на подолг рок.

Долни Дисан

  • Организиран опфат на деца од предучилишна возраст во други адаптирани просторни услови.
  • Изградба на спортска училишна сала со помал капацитет, санирање на спортските терени во Долни Дисан, оградување на училишниот двор и обезбедување на дополнителни контејнери за собирање на отпад за почиста околина.
  • Асфалтирање на улици во согласност со потребите на месното население.
  • Целосна санација и промена на водоводната мрежа која е изградена од месното население пред 50 години.(Потребно е да се врши редовна анализа на водата за пиење во селото кое се снабдува од недоволно заштитен извор кој е изложен на атмосферски влијанија и пристап на шумски животни до него, а често во негова близина се расфрла и секаков вид на отпад).
  • Поддршка на DISAN OPEN FEST.

Војшанци

  • Организиран опфат на деца од предучилишна возраст во други адаптирани просторни услови.
  • Санирање на речното корито на Војшанска Река и негово уредување.
  • Асфалтирање на улици во согласност со потребите на месното население.
  • Обезбедување на пристап до земјоделско обработливо земјиште преку подобрување на полските патишта и пошумување на голите површини во близина на населено место Војшанци, заради справување со климатските промени.
  • Финансиска поддршка на музички фестивал (VILLAGE FESTIVAL) кој се одржува во Војшанци, заедно со традиционалниот турнир во мал фудбал за време на верскиот празник Илинден кој се празнува и се чествува како селска слава.

Тимјаник

  • Организиран опфат на деца од предучилишна возраст во други адаптирани просторни услови.
  • Асфалтирање на улици во согласност со потребите на месното население.
  • Обезбедување на пристап до земјоделско обработливо земјиште преку подобрување на полските патишта и пошумување на голите површини во близина на населено место Тимјаник, заради справување со климатските промени.
  • Обезбедување и поставување на сеопфатна информативна карта на винските предели и винарии, посебно семејните бутик винарии кои се многу актуелни и гравитираат на опфатот од село Тимјаник до село Вешје, но и на ниво на цела општина.
  • Поддршка на турнир во мал фудбал.

Пепелиште

  • Асфалтирање на улици во согласност со потребите на месното население.
  • Изградба на патниот правец Војшанци – Пепелиште.
  • Обезбедување на пристап до земјоделско обработливо земјиште преку подобрување на полските патишта. Истовремено, ќе се планира пошумување на површини кои беа зафатени со пожарите во летото 2024 година, со цел обновување на шумскиот фонд, како основа за заштита и справување со климатските промени на подолг рок.
  • Поправка на училишните простории во локалното училиште-енергетски ефикасно училиште.
  • Реконструкција и разубавување на централното подрачје во Пепелиште кое беше целосно реконструирано во 2020 година, обезбедување на дополнителен број на нови контејнери и изградба на мулифункционално игралиште на просторот до старата училишна зграда.

Црвени Брегови

  • Изградба на канализационен систем.
  • Асфалтирање на една улица и тампонирање на две улици во селото.
  • Набавка на дополнителен број контејнери заради поуспешно справување со отпадот.
  • Решавање на проблемот со превоз на патници на релација Неготино – Црвени Брегови со минимум две воспоставени линии во текот на денот.
  • Образовен попис на ромското население во селото, со цел да се насочат на соодветна едукација, квалификација, преквалификација, како би добиле основно познавање за потребите на работодавачите во нашата општина.

Тремник

  • Довршување на изградбата на потисниот цевковод и резервоарот за вода. Овој проект започна да се гради во 2024 година со обезбедени средства од централната власт на СДСМ. Со проектот планирана е изградба на потисен цевковод (со должина од 3300 м, мерено од бунарот до новиот резервоар) и резервоар за вода за пиење со капацитет од 250 м3 во населено место.
  • Доопремување на паркот со урбана опрема, уредување на патеки и уредување на мултинаменско игралиште.
  • Набавка на дополнителен број контејнери заради поуспешно справување со отпадот.
  • Асфалтирање на улици во согласност со потребите на месното население.
  • Пошумување на голи површини во близина на населено место Тремник заради збогатување на шумскиот фонд и за заштита од климатските промени.

Курија

  • Тампонирање на две улици.
  • Асфалтирање на една улица во согласност со потребите на месното население.
  • Набавка на дополнителен број контејнери заради поуспешно справување со отпадот.
  • Обезбедување на пристап до земјоделско обработливо земјиште и подобрување на полските патишта.
  • Пошумување на голи површини во близина на населено место Курија заради збогатување на шумскиот фонд и за заштита од климатските промени.

Дуброво

  • Изградба на канализациска мрежа.
  • Тампонирање и асфалтирање на две улици.
  • Пошумување на голи површини во близина на населено место Дуброво заради збогатување на шумскиот фонд и за заштита од климатските промени.
  • Реконструкција на патот Дуброво – ТЕЦ Неготино околу 400м.
  • Санација и соодветно оградување на градската депонија „Бучето” која е во близина на селото. Заштита од ширење непријатна миризба и други опасности од кучињата скитници кои ги демнат пешаците, земјоделците, велосипедистите и останатото месно население.

Вешје

  • Целосно ставање во функција на опремата за пчелниот парк во с. Вешје во соработка со здруженија на граѓани од областа на екологијата и пчеларството.
  • Пошумување на голи површини со багремови насади заради подобрување на условите за пчеларство и за заштита и одржување на екосистемите.
  • Организирање на настани во правец на еко, апи и вински туризам со здруженија на граѓани од општината и пошироко. Градење на интегриран систем за развој на алтернативни туристички рути во регионот во текот на цела година.
  • Покренување на иницијативи за реставрација и за заштита на археолошкото наследство во овој крај преку активности иницирани од Музеј на град Неготино.
  • Довршување на патниот правец од с.Долни Дисан до с. Вешје.