Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Далеку од тоа. Секој поединец може да придонесува за почиста и поздрава животна средина, а до решението ќе се стигне преку системско управување со отпадот, грижа за јавната чистота и инвестирање во праведна енергетска ефикасност.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?
Ќе бидам нескромен, па ќе кажам дека Чашка е позитивен пример за подобрување на општинските услуги, транспарентност и отчетност во изминатите 8 години. Довербата се гради со доследна работа, транспарентност и личен пример. Ако сакаме вистинска промена, мораме да ја почнеме токму локално.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?
Луѓето заминуваат во потрага по подобри можности и единствено ако работиме на создавање на тие можности дома, ќе може да се надеваме дека ќе ги задржиме луѓето и идните генерации тука.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?
Како кандидат за градоначалник по трет пат, зад мене стојат реални резултати, видлива работа и посветеност. Пред граѓаните стојам како некој што во два мандата покажа одговорност, работа и резултати, затоа верувам дека ќе ми ја дадат довербата повторно, не по навика, туку по заслуга.
