Почитувани сограѓани,

Во рамките на мојот професионален ангажман и како професор во средното општинско училиште и како градоначалник на Општина Богданци, никогаш не сум се плашел од предизвици, напротив, секогаш се трудам да ги претворам во победа. Дали се работи за учество со децата во некој спортски натпревар или за решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, мојот ангажман е секогаш ист: професионален, одговорен и спремен за борба за решавање на сите проблеми. Тоа, секако, не би можел да го постигнам без ваше учество и професионален ангажман од страна на општинската администрација. Во изминатиот период од мојот ангажман како градоначалник решивме многу проблеми што беа присутни во нашата општина, за кои сте сите вие сведоци. Дали успеавме во сѐ? Не. Чувствувам голема тежина што не успеавме да го завршиме процесот на донесување на урбанистичката документација за сите населени места, проблем, кој иако не е целосно по наша вина, јас го сметам за приоритетен и ќе сторам се истиот конечно да се реализира. Сепак, во Богданци и сите населени места ја средивме патната инфраструктура, како услов за натамошен развој на општината. Во рамките на комуналната инфраструктура започнавме со огромен капитален проект за решавање на проблемот со водоснабдување на Богданци. Тоа го подготвуваме и за населеното место Стојаково. Со иста визија работиме и во областа на спортот, културата, образованието и социјалната сфера. Правиме сѐ затоа што Општина Богданци е нашето место за живеење, каде што секојдневно се среќаваме и сосема е природно да се грижиме за неа. Сепак тоа мора да е плански со однапред подготвена стратегија за дејствување и со јасна визија за тоа каде сме и каде сакаме да стигнеме. МОЈАТА ВИЗИЈА ЗА ОПШТИНА БОГДАНЦИ Е ОПШТИНА СО МОДЕРНА УРБАНА И РУРАЛНА ИНФРАСТРУКТУРА, СО ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИТОРИТЕ И РАЗВОЈ НА ТУРИСТИЧКА ПОНУДА СО ПОСЕБЕН АКЦЕНТ НА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА.

Одговорноста за иднината на Општина Богданци е кај сите нас, затоа БАРАМ ОД ВАС ДА МИ ДАДЕТЕ ДОВЕРБА ДА СОЗДАДЕМЕ УСЛОВИ НАШИТЕ НАЈМЛАДИ ТУКА ДА ПУШТАТ КОРЕНИ, ДА СЕ РАДУВАМЕ ЗАЕДНО НА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ СО ЗАЕМНО ПОЧИТУВАЊЕ И АНГАЖМАН ЗА ПОВИСОКИ СТАНДАРДИ.

Тоа и во овој мандат ќе го правиме со голема посветеност и ангажман во служба на граѓаните и решавање на утврдените приоритети во општината, чекор по чекор со наши средства и со финансиска помош од нашите ПАРТНЕРИ И ПРИЈАТЕЛИ, странски и домашни донатори кај кои оставивме силен впечаток во изминатиот период.

Успехот што го остваривме во претходните мандати, за мене преставува обврска и дополнителен мотив да продолжам со исто темпо е дополнителен мотив и обврска за остварување нови вредности и подобар квалитет на живот за сите граѓани во Општина Богданци.

Mоите приоритети се:

• Да започнеме со реконструкција на секундарна водоводна мрежа во Стојаково (замена на азбестни цевки) за што обезбедивме комплетна проектна документација;

• Да изградиме нов потисен цевовод за Селемли;

• Да ја финализираме изработката на урбанистичките планови за сите населени места;

• Да започнеме со реконструкција на улицата „Маршал Тито“ во Богданци;

• Етапно да го решаваме проблемот со атмосферската и фекалната канализација, за што исто така обезбедивме комплетна проектна документација;

Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба, вашата поддршка и вашиот глас!

Со почит и благодарност,

Блаже Ш.

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА БОГДАНЦИ

  • 1. Никола Стратров
  • 2. Росица Шабанова
  • 3. Богомил Марков
  • 4. Марија Гогова
  • 5. Митко Мурџев
  • 6. Рахела Јовановиќ
  • 7. Митко Киров
  • 8. Наташа Џиџева
  • 9. Маринчо Пубреклиев
  • 10. Александра Николова
  • 11. Камелија Младеновска

Почитувани,

Ние, членовите на советничката група, ја вложуване нашата чест,знаење и искуство во служба на нашата општина и сите нејзини жители. Влегуваме во оваа трка со јасна цел- да изградиме подобра иднина за секое семејство, за секое дете и за секој млад човек кој верува дека вреди да остане и да живее тука.

Веруваме во чесна работа, транспарентност и вистински резултати. Не ветуваме празни зборови, туку реални проекти и решенија- во образованието, инфраструктурата, здравиот живот, економскиот развој и грижата за сите граѓани.

Нашата сила е во заедништвото. Заедно со Вас, со вашата подршка,можеме да направиме повеќе и подобро. Секој Ваш глас е глас за сигурност,напредок и иднина со која ќе се гордееме.

Да ја направиме нашата општина место на кое сите ќе сакаме да останеме и да градиме иднина!!!

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

Дел од проектите и активностите реализирани во претходниот мандат:

  • Реконструкција на партерно уредување со поставување урбана опрема во дворно место на Домот на култура во Стојаково, фаза 1 - Партерно уредување;
  • Реконструкција на партерно уредување со поставување урбана опрема во дворно место на Домот на култура во Стојаково, фаза 2 – Поставување детски реквизити, фитнес-справи, урбана опрема и електротехника;
  • Подобрување на сообраќајната инфраструктура преку реконструкција на улици во село Стојаково;
  • Санација на полски пат - м.в. Бозелот;
  • Реконструкција на водоводна мрежа во Богданци;
  • Развој на социјалната услуга – Лична асистенција и нега и помош во домот - континуирано;
  • Подобрување на квалитетот на животот на жителите во село Селемли преку реконструкција на улици;
  • Изработка на техничка документација за изградба на фекална и атмосферска канализација во Богданци;
  • Е-полначи за електрични возила: Техничка документација;
  • Изработка на Стратегија за развој на туризмот во Општина Богданци;
  • Реконструкција на мост на реката Луда Мара;
  • Реконструкција на улица „Петар Мусев“ во Богданци;
  • Сообраќајното решение за утврдување режим на сообраќај на локални патишта и улици во Општина Богданци;
  • Реконструкција на улици во Богданци;
  • Реконструкција на дел од зграда на Домот на култура (фаза 1) во село Ѓавато;
  • Изработка на Анализа за дислокација на привремена депонија за комунален отпад;
  • Набавка на ново возило за собирање смет
  • Поставување бесплатна Wi-Fi мрежа во централното градско подрачје.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Охрабрен од резултатите во претходните мандати се одлучив за повторна кандидатура од причини што сметам дека поставив основа со подготвена техничка документација и создадени партнерства во наши и странски институции и организации што ќе ни помогнат на сите предизвици што ги чувствуваме како жители на Општина Богданци. Многу е важно за да се постигнат поставените цели, да се има визија за тоа каде се наоѓате, каква е реалната состојба во моментот на теренот, кои се проблемите со кои се соочуваат граѓаните и кој е најдобриот пат за нивно надминување. Јас имам визија за модерна и ефикасна општина со услови за развој и останок на секој поединец, посебно младите. Затоа треба да создадеме што подобри услови во образованието, инфраструктурата, да обезбедиме социјални и безбедни услови за живот, да привлечеме инвеститори и да обезбедиме работа за нашите деца и да промовираме културни и други настани. Општина Богданци да биде препознаена не само декларативно, туку со вистинските услови за да ги убедиме младите да останат и тука да ја градат сопствената иднина.

Планирањето на просторот е еден од условите за обезбедување на сето ова, дури и да се забрза и мора по секоја цена да го надминеме проблемот со недонесената урбанистичка документација. Зачувувањето на чиста и здрава животна средина е предизвик на кој треба да се работи постојано, не постои можност за паузирање на тие активности и затоа подготвуваме изработка на Анализа за дислокација на привремена депонија за комунален отпад, да обезбедиме соодветна локација за нова депонија. Другите форми на загадувања се исто така значајни, особено во зимските месеци, кога постои опасност за загадување на воздухот, каде што како општина имаме предност поради постојаните струења на воздухот – ветрови, што не значи дека е тоа решение, затоа бараме и вршиме кампањи за користење алтернативни извори на енергија, кога и каде што е можно повеќе. Сите активности што ги преземаме се во рамките на нашите надлежности и се однесуваат на сите жители на општината, без разлика на нивната припадност по одредени категории. Сепак, посебен акцент имаат младите, бидејќи тие се иднината и треба да бидат главната локомотива на развојот на општината, за што се трудиме преку воведување нови образовни профили и други активности да го обезбедиме нивното внимание и да ги убедиме да останат тука.

Во изминатите два мандата, низ професионален и транспарентен однос во работата, успеав да внесам многу промени во општината преку реализација на многу конкретни проекти. Сметам дека граѓаните се свесни за тоа и го одобруваат, што претставува посебен мотив за мене да продолжам и во наредниот период за да завршиме со реализација на повеќе планирани проекти и активности.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Подобрување на квалитетот на живот и рестарт на системот

Подобрување на квалитетот на живот, задржување во заедницата, подобрување на институциите и системот, учество во одлучување, пристап до култура, образование и спорт, поддршка за стартапи, социјална инклузија и добросостојба, здрави индивидуи преку образование и култура, вклученост на младите во обликување на иднината, хумано планирање со нови хабови, локален економски развој и работни места, дигитализација, енергетска транзиција и зелена агенда.

Каква е состојбата?

  • Намалена безбедност: Кучиња скитници, сообраќајна некултура, загадување и здравствени ризици, инфраструктурни проблеми, кражби и инциденти.
  • Системски пропусти: Корупција и клиентелизам, недоволна институционална поддршка, урбанистички и инфраструктурни проблеми, еколошка деградација, недоволна поддршка за младите.
  • Корумпирани јавни услуги: Корупција во администрацијата, слаб институционален капацитет, нефункционален здравствен систем, потребна дигитализација.
  • Масовно иселување: Економски причини, недоверба во системот, слаб квалитет на јавни услуги, проблеми со животна средина и инфраструктура.

Наш пристап

  • Функционален и безбеден јавен простор: Хуман урбанизам со резиденцијални и културни/социјални хабови, сообраќајна безбедност, модерен јавен превоз, зголемена мобилност.
  • Чиста и здрава животна средина: Комунална хигиена, чист воздух преку справување со загадувањето, расчистување на диви депонии.
  • Општини по мерка на граѓаните: Отворени и отчетни општини, нулта корупција, услужни и ефикасни институции, гласот на граѓаните да се слушне.
  • Младите во фокусот: Градење здрави и демократски свесни индивидуи, одржлив развој дома наместо иселување, младите како иднина и надеж.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Реконструкција на улица „Маршал Тито“ во Богданци

Опис на проектот

Подобрувањето на квалитетот на животот, низ подобрување на физичката инфраструктура, вклучувајки ја и изградбата и реконструкцијата на локални улици е стратегиски приоритет на кој Општина Богданци обрнува големо внимание. Главната улица, „Маршал Тито“ во Богданци е најважниот сегмент од мрежата на улици во Богданци чија реконструкција во значителна мера ќе ја подобри патната инфраструктура во Богданци и ќе го подигне нивото на квалитет на животот на повисоко ниво. Улицата е изградена пред повеќе децении, со камена коцка, без современи елементи. На улицата се предвидува нова коловозна конструкција, уредување на тротоарските површини, решавање на одведувањето на атмосферските води и поставување цевки за електрична и друг вид инсталација. За овој проект е обезбедена комплетна техничка документација

Влијание на проектот:

Овој проект ќе овозможи зголемување на квалитетот на животот на жителите во Богданци, зголемување на безбедноста во сообраќајот за сите учесници.

Целна група: Жители на Богданци, туристи, посетители на Богданци

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

Проценета вредност на проектот: 185.000.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

• Надлежни министерства

• Донаторски средства

Изградба на атмосферска и фекална канализација во Богданци

Опис на проектот

Конфигурацијата на теренот во Богданци е таква што за време на обилни врнежи од дожд во поголем дел од градот се собираат води од околните висини, кои создаваат проблеми во нормалното движење на граѓаните, предизвикуваат застој во сообраќајот, а не ретко и штети на деловни, станбени и јавни објекти во градот. Пронаоѓањето соодветно решение за овој проблем е цел со која новата локална власт најсериозно ќе се занимава во текот на својот мандат до конечно функционално решавање на проблемот. Истовремено, современите услови за живот и повисокиот квалитет бара соодветно димензионирање и подобрување на условите за прибирање и одвод на фекалните води. Обезбедена е комплетна техничка документација за реализација на овој проект.

Влијание на проектот:

Овој проект ќе овозможи намалување на сите ризици за квалитетот на земјоделските производи и преработки, со што производителите ќе го задржат континуитетот во производство на еколошки чиста и здрава храна. Истовремено ќе се намалат и ризиците за здравјето на жителите на Богданци и ќе се обезбеди заштита од оштетување на имотите и добрата на граѓаните со што ќе се подигне квалитетот на животот.

Целна група: индивидуални земјоделски производители, потенцијални инвеститори, граѓани од Богданци

Рок на реализација: поради високата финансиска конструкција, реализацијата ќе се одвива во етапи.

Буџет

Проценета вредност на проектот: 954.000.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

• Министерство за животна средина и просторно планирање

• Министерство за транспорт и врски

• Донаторски средства

Изработка на урбанистички планови

Опис на проектот

За жал, во изминатиот мандат не успеавме во целост да го заокружиме решавањето на ова важно прашање. Во овој момент изработката на урбанистичката документација за сите населени места е во завршна фаза и очекуваме дека во најкраток рок до крајот на оваа или почетокот на идната година тие да се донесат. Важноста на решавање на овој проблем е очигледна бидејќи недостигот од урбанистички планови и употребата на стари го попречуваат развојот на општината на сите полиња. Со неговото донесување ќе им се излезе во пресрет на сите потенцијални инвеститори, без разлика дали се работи во инвестирање во деловни објекти или во објекти за станбена или друга намена. Истовремено се овозможува нормална и скратена постапка за издавање градежна дозвола со што се штитат интересите на сите потенцијални градители, а се обезбедува соодветна институционална сигурност и за изградените објекти (евиденција во катастар, осигурување, решавање на имотни и други правни односи).

Влијание на проектот:

Со изработка на урбанистичката документација ќе се намали рокот за добивање дозвола за градба, ќе се зголеми квалитетот на изработката на техничката документација, објектите што се градат ќе бидат легални, а со тоа ќе се олеснат и сите имотноправни односи.

Целна група: потенцијални инвеститори, сите граѓани на Општина Богданци

Рок на реализација: 2028 година

Буџет

Проценета вредност на проектот: 7.000.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

• Министерство за животна средина и просторно планирање

Изработка на техничка документација за гасоводна мрежа за Општина Богданци

Опис на проектот

Главната траса на водот за гасификација на РС Македонија од соседна Грција на наша територија влегува во близина на населеното место Стојаково. Ова претставува огромна предност за нашата општина што поскоро да се приклучи на оваа мрежа. Бенефициите за стопанството за земјоделците како и за јавните институции и граѓаните од ползување евтин и поеколошки извор на енергија се големи. Препознавајќи го овој момент, се подготвуваме за изработка на неопходната документација за изградба на секундарната и терцијарната гасоводна мрежа во нашата општина, со што можноста за приклучување на гасоводот ќе стане реалност.

Влијание на проектот:

Намалување на трошоците за електрична и друга енергија има придонес во зачувувањето на човековата животна средина.

Целна група: Бизнис-заедница; Земјоделци; Јавни институции; Граѓани

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

Проценета вредност на проектот: 3.500.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

• Донаторски средства

Изградба на спортска сала во ООУ „Петар Мусев“, Богданци

Опис на проектот

Согласно со годишната програма за работа на МОН, за 2022година се обезбедени средства за изградба на спортска сала во ООУ „Петар Мусев“ во Богданци.

Влијание на проектот:

Проектот ќе придонесе за подобрување на воспитно-образовниот процес низ мерки за подобрување на физичките и материјално-техничките услови за негова реализација

Целна група: Редовни ученици од ООУ „Петар Мусев“; Наставници и друг персонал; Родители; Локалната самоуправа; НВО што го користат училиштето за свои активности

Рок на реализација: 2026 - 2027 година

Буџет

Проценета вредност на проектот: 3.500.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• МОН

ПРОЕКТИ

Изградба на улица во индустриска зона „Барта“

Буџет

Проценета вредност на проектот: 7.500.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

Осветлување на патеката до Шесте јавори

Буџет

Проценета вредност на проектот: 3.500.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

Изработка на комплетна техничка документација со изведба на потисен цевовод до Паљурци

Буџет

Проценета вредност на проектот: 10.000.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

Реконструкција на улица Васил Главинов во Богданци

Буџет

Проценета вредност на проектот: 5.000.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

Експропријацијата на земјиштето е во тек.

Изработка на комплетна техничка документација со изведба на потисен цевковод до Паљурци

Буџет

Проценета вредност на проектот: 10.000.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

Реконструкција на улица 25 Мај во Богданци

Буџет

Проценета вредност на проектот: 6.000.000 ден.

Извор на финансиски средства:

• Буџет на Општина Богданци

Експропријацијата на земјиштето е во тек.

МЕСНИ ПРОЕКТИ

МЗ: Стојаково

Главни проекти:

    • 1. Изградба на водоводна мрежа во населено место Стојаково. Изградбата опфаќа замена на азбестно-цементните цевки со современи поливинилни за водоснабдување на домаќинствата за сите домаќинства во населеното место Стојаково. Обезбедени се средства во висина од 30.000.000,00 ден., додека вкупната вредност на проектот е 90.000.000,00 ден.
    • 2. Изградба и реконструкција на главна улица. Проценета вредност на проектот: 30.000.000 мкд. Извор на финансиски средства: Буџет на Општина Богданци, АФПЗРР

Други проекти:

  • 1. Реконструкција на улица „29 Ноември“ (дел до нови гробишта);
  • 2. Изградба на капела на новите гробишта;
  • 3. Уредување на фонтаната во централното подрачје на населеното место;
  • 4. Финализација на реконструкција на локалните улици преку уредување на преостанатите сокаци во населеното место;
  • 5. Поддршка на локални манифестации и настани

МЗ: Селемли

Главни проекти:

    • 1. Изградба на нов потисен цевковод до резервоар за c. Селемли, проектот се реализира заедно со изградбата на нова улична мрежа за водоснабдување за Стојаково. Обезбедени се средства во висина од 30.000.000,00 ден., додека вкупната вредност на проектот е 90.000.000,00 ден.
    • 2. Поставување урбана опрема со партерно уредување на просторот околу новоизградената црква во Селемли – СРЕДСТВАТА ЗА ОВОЈ ПРОЕКТ СЕ ОБЕЗБЕДЕНИ, СЕ ЧЕКА ЗАВРШУВАЊЕ НА ТЕНДЕРСКАТА ПОСТАПКА И ИЗБОР НА ИЗВЕДУВАЧ.

Други проекти:

  • 1. Уредување на сите други улици во населеното место;
  • 2. Изградба и опремување на детско игралиште на просторот пред училиштето;
  • 3. Поддршка на локални манифестации и настани;