Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот.
Не сме осудени да живееме во ѓубре и загаден воздух. Загадувањето и депониите се резултат на неодговорност, неорганизираност и недоволна грижа. До решението се стигнува преку системско управување со отпадот, грижа за јавната чистота и инвестирање во праведна енергетска ефикасност. Но секој граѓанин може да придонесува кон почиста и поздрава животна средина.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво.
Тоа е и моја цел. Довербата се гради со чесно и транспарентно работење. Општината мора да биде отворена за граѓаните. Сѐ што општината ќе работи мора да биде јавно и достапно. Кога граѓаните гледаат отчетност, тогаш знаат дека општината работи за нив, а не за поединци.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми.
Иселувањето е тренд што во континуитет расте, а тоа значи дека ние како општество сме потфрлиле. Не смееме да дозволиме да живееме во општина без луѓе, особено млади. Затоа, мора да обезбедиме економски услови, работни места, поддршка за млади претприемачи, квалитетно образование и здравство. Ако граѓаните почувствуваат перспектива и сигурност тука, тогаш на Демир Хисар ќе гледаат како на свој дом и иднина.
Зошто граѓаните да гласаат за вас?
Јас сум човек на народот и човек со вредности и принципи. Јас сум чесен, посветен и подготвен да работам за доброто на нашата општина. Не ветувам невозможни чуда, туку чесна работа, партнерство и сојузништво со граѓаните. Ветувам дека вашиот глас ќе се слуша, а вашите потреби и идеи ќе бидат во суштината на секоја моја одлука. Ветувам многу работа и истрајност.
