Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?
За наша среќа општина Дојран изобилува со доста чист воздух, меѓутоа неопходно е да се преземат конкретни мерки за подобрување на хигиената и нејзино подигнување на едно повисоко ниво на територијата на целата општина.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?
Транспарентната, отчетна и отворена општина, која работи во интерес на сите граѓани и институции, има потенцијал да ја врати довербата во институциите. За тоа да се случи, потребно е само принципиелно и законско работење, без примена на протекции и привилегии.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?
Иселувањето е еден од најголемите проблеми кој најизразено се чувствува во помалите општини. Затоа, неопходно е да се преземат мерки за субвенционирање на младите и младите брачни парови, за да останат да живеат и работат во своите родни места. Ова може да се постигне преку отворање нови работни места на пазарот на трудот, што ќе го зголеми економскиот капацитет и стабилност на младите.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?
Чесноста, посветеноста и трудољубивоста се главните вредности по кои луѓето можат да ме препознаат. Тоа се основните карактеристики што ги водат моите постапки и токму затоа и ја барам довербата од моите сограѓани.
