„СКОПЈЕ ЗА СИТЕ“ – одржливо, паметно, солидарно

Изборна програма 2025 ‒ 2029

КАЈА ШУКОВА
кандидатка за градоначалник на Град Скопје

Почитувани сограѓани, Скопје не е само град, тоа е нашиот дом. Секој од нас секое утро го вдишува истиот воздух, чекори по истите улици и се надева дека неговото семејство ќе има подобар живот. Верувам дека Скопје заслужува повеќе – заслужува да биде чисто, безбедно, функционално и полно со живот.

Јас не ветувам чуда, туку чесна и посветена работа. Ветувам градска администрација што ќе биде отворена кон вас, транспарентна во одлуките и отчетна за секој потрошен денар. Ветувам дека нема да бидам градоначалничка од кабинет, туку со вас, на терен, во маалата и улиците каде што се решаваат вистинските проблеми.

Сакам заедно да го изградиме Скопје во кое младите ќе сакаат да останат, во кое родителите ќе се чувствуваат сигурни, а повозрасните почитувани. Скопје во кое секој граѓанин ќе може да каже: „Ова е мој град, тука ми е иднината.“ Затоа, ве повикувам да ја дадете својата поддршка, не само за мене како кандидатка за градоначалник туку за оваа заедничка визија – за модерно, европско, зелено и хумано Скопје.

Време е да ја вратиме надежта и да докажеме дека Скопје може и мора подобро!

Скопје е град на солидарноста, но и град на можности, разновидност и надеж. Нашата престолнина носи тешка историја, но и неверојатен потенцијал да стане современ европски град, кој ги турка границите на иновацијата, одржливоста и инклузивноста. Оваа програма претставува сеопфатен план за трансформација на Скопје во град што работи за сите свои жители – град што е еколошки одржлив, економски просперитетен, социјално правдољубив и културно жив

КајаШ.

Како кандидатка за градоначалник на Град Скопје, ја замислувам престолнината како:

Еколошки одржлив град

со чист воздух, зелени површини во градот и зелени појаси околу градот што го прочистуваат воздухот, енергетски ефикасни згради и индустрија под строга контрола.

Град за луѓето, не за автомобилите

со велосипедски патеки, пешачки зони, ефикасен јавен превоз што функционира и значително помалку сообраќаен метеж.

Град на еднакви можности

пристап до квалитетни јавни услуги, секое дете во квалитетно училиште, секое семејство со пристап до здравствена и социјална грижа, младите со можност да изградат кариера и живот тука, а не надвор, економска сила што поттикнува иновации, поддржува мали бизниси и создава квалитетни работни места.

Град за сите

со спортски и културни центри што ја слават разновидноста и богатото наследство, детски игралишта и паркови каде што граѓаните се чувствуваат безбедно и блиску едни со други.

Град со институции што инспирираат доверба

транспарентни, ефикасни и секогаш отчетни пред граѓаните, на кои одговорно им служат.

Град без отпад!

Оваа програма е резултат на повеќемесечни консултации со експерти, уметници, спортисти, млади, граѓански организации, стопанственици и илјадници скопјани, кои ги споделија своите предлози и идеи, својот сон за подобро Скопје. Таа ги вклучува најдобрите глобални практики приспособени кон нашиот локален контекст и предизвици.

Без вас, драги мои скопјани, оваа програма немаше да биде инклузивна, транспарентна и модерна и затоа на сите ВИ БЛАГОДАРАМ од срце!

Спроведувањето на оваа програма ќе бара посветеност, експертиза и ресурси, но најмногу ќе бара заедничка волја и соработка на сите заинтересирани страни – граѓани, стопанственици, граѓански организации и јавни институции. Само заеднички можеме да го изградиме Скопје што го заслужуваме – град на солидарност, можности, разновидност и надеж.

Оваа програма не е конечен документ, туку почеток на патот кон подобро Скопје. Таа ќе се развива и ќе се адаптира во текот на времето, секогаш отворена за нови идеи и предлози. Ве повикувам — не како политичар, туку како сосед, ајде да престанеме да ја градиме омразата и да почнеме повторно да го градиме нашиот град, како пример за светот. Ајде да бидеме генерацијата што ќе каже: „Доста е!“ – и ќе ја замени неслогата со заедничка работа.

Заеднички можеме да го направиме Скопје град за кој ќе кажеме: „Да, ова е дом каде што вреди да останеме, каде што нашите деца ќе растат здраво и ќе имаат иднина“.

КАНДИДАТИ ЗА СОВЕТНИЦИ

  1. 1. КАТЕРИНА ЦАНЕВСКА - АРСОВСКА
  2. 2. ЃОРЃИ ГАЛЕТАНОВСКИ
  3. 3. ГОРАН СИМОНОСКИ
  4. 4. КЕТИ ШТЕРЈОВА
  5. 5. ГОРАН АРСОВ
  6. 6. ЕМИЛ НИКОЛОВСКИ
  7. 7. АЈСЕЉ СЕЈФУЛА
  8. 8. СТЕФАН ВАСЕВ
  9. 9. МАЈА СТАРОВА
  10. 10. ФИЛИП ТОРБАКОВ
  11. 11. БИЛЈАНА МИХАЈЛОВСКА
  12. 12. ПЕТАР ОГЊЕНОВИЌ
  13. 13. САМИЛ АХМАТОВИЌ
  14. 14. РАХАЕЛА АЦКОВСКА
  15. 15. МЕДО БАЛИЌ
  16. 16. АЈХАН АВДИЌ
  17. 17. ДАВОР КРСТЕСКИ
  18. 18. КАТАРИНА ИЛИЕВСКА - СИЛЈАНОВСКА
  19. 19. РОЗАЛИЈА АНГЕЛОВСКА
  20. 20. СТЕФАН ДИМОВСКИ
  21. 21. ТИАНА ДИМИТРИЕВСКА АНГЕЛОВ
  22. 22.ФАЗЛИЈА МУСТАФИ
  1. 23. БИРАНЕДИ АДИЛ
  2. 24. ИРЕНА ЦЕЛЕСКА
  3. 25. СТЕФАН КОСТОВСКИ
  4. 26. БЕСИР ИДРИЗИ
  5. 27. СВЕТЛАНА РАДЕСКА
  6. 28. МИХАИЛО КОСТОВСКИ
  7. 29. АНГЕЛА ТОРТЕВСКА
  8. 30. ГАБРИЕЛА КИТАНОВИЌ
  9. 31. ПРЕДРАГ СТАНИСАВЛЈЕВИЌ
  10. 32. ДИМИТАР ШОШЕВ
  11. 33. СИМОНА ЈОРДЕВА
  12. 34. АНДРЕЈА ЈОВАНОВСКИ
  13. 35. КАМЕНКО МИНЧЕВ
  14. 36. АНГЕЛА ПЕТРЕВСКА
  15. 37. ТОДОР ТАЛЕВСКИ
  16. 38. АНДРЕЈ АНДРЕЕВСКИ
  17. 39. СЛАВИЦА ДИМОВСКА
  18. 40. ГОЦЕ НАУМОВСКИ
  19. 41. МИОДРАГ ПЕРОВСКИ
  20. 42. КАРОЛИНА КАЛЕОВСКА
  21. 43. ДЕЈАН ДИМИШКОВСКИ
  22. 44. МАРИО АНДРЕЕВСКИ

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ ЗА ГРАДОТ

Во изминатите четири години СДСМ ја немаше честа и одговорноста да управува со Градот Скопје, ниту имаше сериозна можност да влијае врз работата, бидејќи Советот на Градот го контролираше ВМРО-ДПМНЕ, која ниту сакаше да комуницира ниту да поддржи каков било проект, кој го поднесовме, во интерес на градот и граѓаните.

Затоа, во оваа пригода, ве потсетувам што беше реализирано во периодот 2017 – 2021 година, кога СДСМ ја управуваше централната и локалната власт.

Возниот парк на ЈСП е зголемен со 33 еколошки автобуси (21 нископоден автобус со капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со капацитет од 149 патници), со Euro 6 стандард за емисија на СО2, и речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

Изградени, обновени и обележани над 40 км велосипедски патеки и велоленти, во сите делови од градот, со што велосипедската мрежа во Скопје надмина 100 км должина.

Отстранети се 240 рекламни објекти – билборди и ситилајти од јавните површини и ослободен е голем број простори за потребите на пешаците и на велосипедистите, за подобар проток на воздух во урбаната средина и за повеќе зеленило.

Изградени се адреналински патеки на памптрак полигоните пред Олимпискиот базен и во Градскиот парк, наменети за вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите.

Пет запуштени јавни зелени површини (во Карпош 2, кај поликлиниката „Идадија“, во Тафталиџе и на две локации во Аеродром), се претворени во уредени зелени скверови како дел од иницијативата на Град Скопје и Центарот за иновации Скопје Лаб, во рамките на проектот „Отпорно Скопје“.

Изведени се две рекреативни тартан-патеки во најживописниот дел на Градски парк, во должина од 1.000 метри.

Изграден е првиот ВЕЛОШТАД - плоштад за велосипеди во Скопје, кај Железничката станица, каде што има држачи за паркинг и сервисна станица за велосипеди, гардеробер за брзо пресоблекување, кабини за долготрајно паркирање на велосипедите, фонтана за вода за пиење и урбана опрема.

Изведена е првата нагорна велопатека на Водно, како дел од проектот „Велосипедски парк Водно“, со должина од 3.432 метри.

Преку обновување и подигнување на нови зелени површини во Скопје, нивната вкупна површина надмина 100.000 м2 годишно. Примери се паркот „Ибни Пајко“ во Центар (11.000 м2, паркот во Кисела Вода кај железничката пруга, паркот во Мичурин (6.000 м2).

Како една од мерките на Град Скопје во борбата против аерозагадувањето е доделувањето на околу 7.500 субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди, со поединечен износ во висина на реалната цена на чинење, но не повеќе од 62.000 денари во нето-износ.

Доделени се над 15.000 субвенции за граѓаните за купување велосипед и 750 субвенции за купување електрични тротинети. Износот на поединечната субвенција беше 50 % од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30 % од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Реализирана e првата фаза od SMART Скопје, со воведување на системот за паметно осветлување и поставување 10.000 ЛЕД-светилки на сите градски булевари, изведување пилот-проекти за паметно паркирање и паметни водомери. Благодарение на ЛЕД-осветлувањето, потрошувачката на електрична енергија за оваа намена е намалена за 80 %, што му овозможи на градот без финансиски тешкотии да ја преброди енергетската криза и високите цени на електричната енергија во тој период.

ЈП „Дрисла“ е вратена под надлежност на Градот, по што е набавен нов стерилизатор за третман на медицински отпад, кој веќе не претставува потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето.

Улицата „Босна и Херцеговина“ прерасна во булевар со шест сообраќајни ленти и комплетна инфраструктура, со вкупна должина од околу 1.700 метри.

Изведен е булеварот Христијан Тодоровски Карпош со 6 коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки од двете страни и простор за средишно зеленило и зелен појас од двете страни на булеварот. Поставена е нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, како и целосно ново улично осветлување со 140 столбови.

Реконструиран и проширен на 4 сообраќајни ленти, е дел од Булеварот Никола Карев, од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток, во должина од 980 м, што ќе се надоврзе на новата клучка кај Момин Поток.

Проширен е влезот во Клиничкиот центар, отворена е траса за интервентни возила до Ургентниот центар, како и посебен влез кон Инфективната клиника. Проширени се и влезовите кај Клиниката за стоматологија и кај улицата Белградска. Реконструирани и проширени од 6.000 на околу 20.000 м2, се двата постојни паркинзи кај клиниките за хирургија и за гинекологија и акушерство.

Изграден е нов мост „Михаило Апостолски“ на реката Вардар во Аеродром, на булеварот АСНОМ, кој ги поврзе улицата Васко Карангелевски во Аеродром, со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри, а самиот мост е долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни.

Започната е изградбата на клучката кај Момин Поток, што вклучува изградба на два кружни тека, првиот кај Булеварот 8.Септември и улицата Скупи, а вториот кај Булеварот Никола Карев и улицата кон Визбегово, обиколницата и косовската граница.

Изведени се нови енергетски ефикасни фасади на 14, од вкупно 23, градски средни училишта, а обновени се и подовите, вратите, електриката, греењето и санитарните јазли во училишните објекти.

Поставени се вкупно 572 пречистувачи на воздух во сите училници на сите 23 градски средни училишта.

Набавено е ново специјализирано возило – 45 метарска противпожарна скала за потребите на Бригадата за противпожарна , со која ќе може ефикасно да се интервенира и во објекти над 5 катови.

Обновен е коловозот на 40-тина градски улици и булевари, во сите десет скопски општини, вклучувајќи ги Булеварот Александар Македонски – источен влез во Скопје, Булеварот 8.Септември, Булеварот Крсте Мисирков и улиците Никола Карев, Лазар Личеноски, Никола Парапунов, 11 Октомври, Благоја Стефковски, Џон Кенеди, Македонско – косовска бригада, Индира Ганди, Антон Димитров и Борис Сарафов.

Целосно е партерно уреден Кејот „13 Ноември“, од градскиот плоштад до улицата Стив Наумов, со површина од околу 12.500 м2, со ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, смарт клупи, корпи за џебен отпад, канделабри, рефлектори за осветлување.

Воведен е нов концепт за третман на комуналниот отпад и хигиената на јавните површини, со набавка на 540 контејнери со голем капацитет и четири нови комунални возила за собирање и транспорт на отпадот од овие контејнери. Набавени се и 950 корпи за џебен отпад, 12 електрични машини за вакуумско чистење и 10 електрични возила за чистење и миење на јавните површини.

Целосно се реконструирани сите 19 пешачки мостови во вториот дел на Градскиот парк, а на дел од мостовите се поставени рампи за велосипедистите и лицата со отежнато движење.

Обновена и ревитализирана е Зоолошката градина во Скопје, каде се набавени нови животни, нови живеалишта, нови содржини, вклучувајќи го катчето за најмладите Бејби ЗОО и Дино паркот, со површина од 2.000 м2 (еден од најзелените тематски паркови во Европа).

Младинскиот културен центар стана полноправна членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа, Liveurope.

Се организираше меѓународниот фестивал на светлосната уметност Skopje Light Art District, а во Градски парк беше организирано отворено кино во летниот период, но и манифестацијата „Градски летен парк” со настапи на отворено на Националната филхармонија со познати странски и домашни изведувачи.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

За жал, општа е констатацијата дека досегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно е најлошата градоначалничка во историјата на градот. Во нивната изборна програма имаше премногу ветувања, кои на крајот се покажаа како „шарени лаги“. Главните проекти со кои ги добија изборите – бесплатен автобуски превоз и 250 нови еколошки автобуси, не се реализирани.

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска имаше 15+1 приоритетни проекти за Скопје, но од нив е реализиран само еден, своевремено ја намали цената за паркирање за 25 отсто. Арсовска вети дека ќе ги исчисти и дивите депонии уште во првите 82 дена, но не само што не го направи тоа туку во Скопје има повеќе диви депонии, а градот никогаш не бил повалкан и позатрупан со ѓубре.

ВМРО-ДПМНЕ ги доведе јавните градски претпријатија и институции во долгови, нефункционални, пред тотален колапс, а со тоа граѓаните на Скопје се оневозможени да ги остварат своите права и да добијат соодветни услуги.

СО ВМРО-ДПМНЕ УСЛОВИТЕ ЗА ЖИВОТ НА СИТЕ, ОСОБЕНО НА МЛАДИТЕ, НЕ БИЛЕ НИКОГАШ ПОЛОШИ.

Што сѐ не реализираа ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска

5 нови мегапаркови во Скопје – Изведен е само еден парк во населба Даме Груев, но по својата површина не е ниту приближно голем колку Градски парк.

Бесплатен јавен автобуски превоз за сите – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО, а јавниот превоз е во постојан хаос.

5 нови булевари во Скопје – Не е реализирано.

Сообраќаен коридор Мавровка – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Најдобар лунапарк на Балканот и два нови забавни парка – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО. Не е ревитализиран ниту постојниот лунапарк, за кој имаше проект од претходното раководство, а камоли изградба на уште два други забавни парка.

Зелен спортски кеј од Ѓорче до Долно Лисиче – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Технолошки парк – Скопје Инопарк – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

SMART Скопје – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Скопје - Град на велосипеди – Делумно реализирано

Нови автобуски линии и продолжување на постојните – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Изработка на Генерален урбанистички план ГУП на Град Скопје 2022 ‒ 2032 – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Центарот на градот – нова пешачка зона – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Жичница од Скопје до Средно Водно – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Изградба на јужен коридор – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Изградба на источната порта на Скопје – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Проширување и реконструкција на бул. „Цветан Димов“ – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Нова гимназија во Аеродром – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Нови објекти за СУГС „Браќа Миладиновци“ и СУГС „Лазар Танев“ – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Европски центар Скопје – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

100 илјади новозасадени дрва годишно – Не е реализирано.

Решавање на проблемот со бездомните кучиња во Град Скопје – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Нов објект на Универзална сала – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

Центар за алтернативна уметност – НЕ Е РЕАЛИЗИРАНО.

ИНТЕРВЈУ

Зошто се кандидирате? Што е мотивот?

Се кандидирам затоа што верувам дека Скопје заслужува нова енергија и јасна визија за развој што ќе биде во служба на граѓаните. Моја главна мотивација е секојдневието на скопјани – од чист воздух, подобар јавен превоз и уредени маала, до функционална администрација што работи за луѓето и со луѓето, а не обратно.Во изминатите години видовме како заради неспособност, корупција, немање визија и политички калкулации, се закочи иднината на градот. Јас сакам да ја вратам довербата дека градската власт може да биде транспарентна, отчетна и човечна, а партиските интереси да ги тргнат рацете од градот. Мојот мотив е јасен: да го изградиме Скопје како модерен, зелен и европски град, во кој луѓето ќе сакаат да останат, а не да заминуваат.

Колку е важно да се има визија за градот, за негово подобро функционирање и за развој. Дали во тој контекст е потребно да се има и визија за општеството во целина?

Визијата е основата врз која се градат сите политики – без јасна визија, и најдобрите поединечни проекти остануваат изолирани и недовршени. Кога зборуваме за град како Скопје, мораме да размислуваме долгорочно: каде сакаме да биде за десет-дваесет години? Дали ќе биде град со чист воздух, одржлив сообраќај и зелени површини или ќе продолжиме со хаотична изградба и сообраќаен метеж? Тоа е визија за градот.

Но таа визија не може да биде одвоена од визијата за општеството во целина. Ако сакаме Скопје да биде европски град, тогаш мора и нашето општество да гради вредности на солидарност, инклузивност, почит кон човековите права и владеење на правото. Секој граѓанин треба да се чувствува дека има еднаква шанса и дека неговиот глас се слуша. Со други зборови, визијата за градот е практична и конкретна, но таа секогаш е дел од поголема слика – визија за општество во кое луѓето живеат достоинствено и без поделби.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Она што мора да се направи во периодот пред нас е враќање на довербата – довербата дека градската власт работи за граѓаните, а не за тесни интереси. За мене тоа значи три клучни промени:

1. Системски пристап кон загадувањето и транспортот – не само нови булевари или мостови, туку вистинска реформа на јавниот превоз: имплементација на БРТ-системот, повеќе еколошки автобуси, интеграција со велосипедски и пешачки мрежи. Тоа ќе му овозможи на секој побрзо и поефикасно да стигне до своето училиште или работно место и директно ќе придонесе за почист воздух.

2. Транспарентност и отчетност – граѓаните мора да знаат каде оди секој денар од нивните пари. Ќе воведам алатка за „отворен буџет“, каде што секој ќе може да види проекти, рокови и трошоци.

3. Квалитет на живеење во маалата – повеќе зелени површини, безбедни улици, културни и спортски содржини блиску до луѓето. Градот не е само инфраструктура; тој е заедница. Значи, не е доволно да се нудат само инфраструктурни проекти. Потребна е визија што ќе ги поврзе тие проекти со подобрување на животот на луѓето. Мост или булевар е важен, но ако не носи реална промена во секојдневието на граѓанинот – тогаш е само бетон, а не вистински развој.

Колку се важни младите за нашиот град?

Младите се клучни за иднината на секој град – тие се двигателот на промените, носители на нови идеи и најголем ресурс со кој располага едно општество. Ако ги изгубиме младите, ако тие не гледаат перспектива овде, тогаш сите наши планови за развој стануваат празни.

За мене, младите се важни на три нивоа:

1. Образование и можности – градот мора да вложува во квалитетни училишта, современи програми и поддршка за вештини што одговараат на новото време.

2. Културен и спортски живот – младите мора да имаат каде да го трошат своето време на креативен и здрав начин. Скопје треба да понуди повеќе простори за култура, спорт и младински иницијативи.

3. Вклучување во одлуки – не можеме да зборуваме за иднината на градот без младите да бидат дел од процесот. Затоа ќе направам Младинскиот совет при Град Скопје да функционира, така што младите ќе даваат идеи, ќе следат политики и ќе предлагаат решенија. Младите не се само „целна група“ – тие се партнери. Ако им дадеме шанса и обезбедиме услови, тие ќе го променат градот на подобро.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?

Безбедноста на граѓаните е темел за квалитетен живот – ако луѓето не се чувствуваат сигурни, сите други проекти губат смисла. Под „безбедност“ не мислам само на полиција и ред, туку на поширока слика: сообраќајна безбедност, јавни простори без насилство, заштита од загадување и кризни ситуации.

Гледам неколку главни проблеми:

1. Сообраќајни незгоди – чести се поради лоша инфраструктура и недоволна култура во сообраќајот. Решение: безбедни пешачки премини, велосипедски патеки, камери за контрола на брзината и образовни кампањи.

2. Недоволно осветлување и небезбедни маала – многу населби навечер се мрачни и празни. Решение: современо паметно управувано улично осветлување и присуство на маалски полицаец – позорникар, кој ќе биде блиску до граѓаните.

3. Загадување и климатски ризици – здравјето е исто така прашање на безбедност. Решение: инвестиции во зеленило, мониторинг на воздухот, добро управување со отпадот и посебни мерки за загадени денови.

4. Млади и ризици од насилство – потребни се програми за превенција, спорт и култура, кои ќе ги насочат енергијата и талентот на младите во позитивен правец. Со еден збор: безбедноста мора да се гледа системски и превентивно. Тоа значи соработка со полицијата, но и со граѓаните, училиштата, спортските клубови и културните центри. Безбедноста не е само „контрола“, таа е и грижа.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?

Да, доброто планирање на просторот и мобилноста се едни од клучевите за забрзан развој, но уште повеќе за поквалитетно живеење. Без јасен урбанистички концепт, градот се претвора во хаос: метеж, загадување, бетон без зеленило, небезбедни улици. Јас го гледам тоа вака:

1. Интегрирана мобилност – градот мора да има систем каде што автобусите, велосипедите, пешаците и автомобилите се поврзани. Тоа значи: нов концепт на јавен превоз со нови, еколошки, брзи автобуски линии со посебни коридори, паркинг-системи на периферија и безбедни велосипедски маршрути.

2. Хуманизација на просторот – секој нов проект мора да обезбеди простор за пешаци, зеленило и јавни содржини. Интересот на граѓаните мора да биде пред интересот на инвеститорите!

3. Јавни консултации – плановите мора да се носат транспарентно и со учество на граѓаните. Ако скопјани не се согласуваат со нови згради или булевари, нивниот глас мора да биде слушнат.

4. Дигитални алатки за планирање – ќе воведам онлајн систем каде што секој граѓанин ќе може да ги види тековните урбанистички планови, да предложи измени и да ја следи реализацијата.

Во следниот период е неопходно да го прекинеме моделот на ад хок урбанизам и да воведеме стратегија за градот барем за следните 20-30 години. Само така Скопје ќе биде град што се развива брзо, но и одржливо и во кој луѓето ќе уживаат да живеат.

Особено во зимските месеци Скопје е меѓу најзагадените во светот. На многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во нај урбаните населби. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Не, не сме осудени – но ќе бидеме ако продолжиме со истите политики и со истиот однос кон проблемот. Загадувањето и нечистотијата во Скопје не се „судбина“, туку резултат на лошо управување, недоволна контрола и незаинтересираност за системски решенија. Јас верувам дека со јасна стратегија може да се направи пресврт. Тоа значи:

1. Воздух – забрана на нееколошки горива, субвенции за замена на нееколошките системи за затоплување, брза модернизација на јавниот превоз и зголемена инспекциска контрола врз индустриски и индивидуални загадувачи.

Јавна чистота – системски пристап во управувањето со отпадот, со цел што помалку отпад на Дрисла, е преку селекција и реупотреба. Комплетна реорганизација на „Комунална хигиена“, со модерна механизација, нови возила, повеќе претоварни станици, паметни контејнери со сензори и со јасен распоред за собирање на отпадот, по денови и видови отпад, вклучувајќи кабаст или опасен отпад. Отпадот го третираме како ресурс. Еден од најважните чекори кон чиста и здрава животна средина е да го прифатиме рециклирањето како наша секојдневна навика, бидејќи тоа не е само собирање отпад, туку процес на давање нов живот на материјалите, како што се стакло, хартија, пластика, текстил и метал, но и заштеда на драгоцени природни ресурси. Како идна градоначалничка, мојата цел е Скопје да биде лидер во регионот по одржливост и грижа за околината. Со добри програми и ефикасни системи за селектирање отпад, ќе покажеме дека рециклирањето е лесно и достапно за сите.

3. Диви депонии – целосно отстранување на дивите депонии и уредување на критичните црни точки со постојана контрола и казни за несовесните граѓани и компании, но и едукација и јавни кампањи за одговорност.

4. Зелени појаси – масовно пошумување на периферијата и зеленило во секоја населба за да се апсорбираат штетните честички и да се подобри микроклимата. Значи, не сме осудени да живееме во ѓубре и во загаден воздух – но мораме да признаеме дека борбата против загадувањето бара и политичка волја, и организација, и партнерство со граѓаните. Ако го има тоа, за неколку години може да се види драстична разлика.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја вратиме таа доверба? Дали подобрувањето на градските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на градот кон граѓаните може да даде нова надеж?

Да, довербата може да се врати – но тоа не е прашање на убави зборови или предизборни ветувања, туку на конкретни дела и континуирана отчетност. Корупцијата, неефикасноста, партизацијата и клиентелизмот во институциите ја изедоа врската меѓу институциите и граѓаните. Луѓето со право се скептични, затоа што премногу често виделе како политичките интереси се ставаат пред јавниот интерес.

Рецептот за враќање на довербата е троен:

1. Транспарентност во секој чекор – дигитализација на услугите, јавни набавки достапни онлајн, отворен буџет, каде што секој граѓанин може да види колку и за што се троши.

2. Подобрување на услугите – ако граѓанинот може брзо, едноставно и без врски да заврши работа во градот, тој веднаш гледа разлика. Тука ќе воведеме едношалтерски систем и онлајн услуги за најчестите барања.

3. Вистинска отчетност – редовни средби со граѓаните, годишни извештаи за сработеното и независна ревизија на градските проекти. Да, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста може да даде нова надеж. Но важно е граѓаните да почувствуваат дека нивниот глас има тежина и дека институцијата не е туѓа или затворена, туку нивна. Тоа е патот кон обновена доверба.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во Скопје, да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Ова е едно од најтешките, но и најважни прашања – бидејќи ако продолжи трендот на иселување и пад на наталитетот, тогаш навистина ќе се соочиме со иднина без луѓе. А без луѓе нема ни развој, ни град, ни држава.

Сметам дека решението е во тоа да создадеме услови луѓето да гледаат перспектива токму тука, а не во странство. Тоа значи:

1. Работни места со достоинствена плата – ако млад човек не може да најде стабилна и добро платена работа, природно е да замине. Градот мора да креира услови за нови инвестиции, стартап-поддршка и инкубатори за млади претприемачи.

2. Квалитет на живот – чист воздух, функционален превоз, здравствени и образовни услуги блиску до граѓанинот. Луѓето не се селат само заради плата, туку и заради квалитетот на секојдневието.

3. Сигурност и правда – ако граѓанинот чувствува дека системот не го штити и дека „успехот“ зависи од врски и корупција, тој губи верба. Затоа мора да изградиме институции што функционираат еднакво за сите.

4. Поддршка за младите семејства – програми за прво живеалиште и поддршка за родители се директни мерки што можат да ја охрабрат одлуката да се остане и да се гради иднина тука. Значи, имаме иднина – но само ако свесно ја изградиме. Луѓето ќе останат ако видат дека трудот им се исплаќа, дека можат достоинствено да живеат и дека нивните деца ќе имаат подобра иднина во својата татковина. Тоа е нашата најголема одговорност.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Граѓаните треба да гласаат за мене ако веруваат дека Скопје конечно заслужува градска власт што е блиску до луѓето, транспарентна и одговорна. Она што ме прави различна е тоа што не нудам само проекти на хартија, туку модел на работа што ќе ја врати довербата и надежта дека институциите функционираат во интерес на сите, а не на малкумина.

Еве по што мислам дека се разликувам:

1. Слушам, не наметнувам – наместо однапред спакувани решенија, ќе водам градска политика во дијалог со граѓаните. Ќе има јавни консултации и отворени седници за најважните прашања.

2. Транспарентност без компромис – секој трошок на градот ќе биде видлив онлајн. Така, довербата нема да се бара со зборови, туку ќе се гради со дела.

3. Фокус на квалитетот на живот – не ми се цел „споменици од бетон“, туку повеќе инвестиции за подобро секојдневие: чист воздух, функционален јавен превоз, безбедни улици и повеќе зеленила, град без отпад, модерна културна сцена.

4. Визијата е долгорочна – мислам на град кој не само денес, туку и за 20 години ќе биде добар за живеење. Не краткорочни потези за избори, туку стратегија за иднината.

Затоа, не барам граѓаните да гласаат за мене „против некого“, туку за себе и за своето подобро секојдневие. Моја задача е да бидам гарант дека тоа подобро секојдневие ќе стане реалност.

Заедно ќе ги менуваме состојбите!

1. Чист воздух и еколошка одржливост

1.1. Борба против загадувањето на воздухот

Сите анализи покажуваат дека загадувањето на воздухот во Скопје е структурен проблем, чие решавање бара храбри политики, интерсекторска координација и долгорочна визија, но, пред сѐ, соработка на Град Скопје со општините, научниот, деловниот и граѓанскиот сектор.

Клучните области во кои е потребна итна интервенција се:

  • Греењето во домаќинствата со дрва, јаглен и отпадни материјали, што придонесува за 50 % од загадувањето на воздухот и за енормни емисии на PM10 и PM2.5.
  • Сообраќајот, кој е вториот најголем извор на загадување на воздухот во урбаната средина.
  • Индустријата и управувањето со отпад.
  • Енергетската ефикасност и урбанистичкото планирање.

Скопје е меѓу градовите во Европа со најзагаден воздух. Оваа здравствена и еколошка криза бара итни и решителни дејства:

Краток рок (0-1 година):

  • Засилување на инспекцискиот капацитет за спроведување на постојната регулатива за загадување, вклучувајќи строга контрола врз индустриските постројки и забрана за неовластено горење отпадни материјали, како и засилени кампањи за информирање на граѓаните за правилна употреба и одржување на грејните тела.
  • Воведување систем на смог-аларми и препораки за граѓаните, особено за чувствителните групи, за ризиците од аерозагадување и мерки за заштита.
  • Подобрување на координацијата со централната власт за зајакнување на мерките за намалување на загадувањето.
  • Бесплатни филтри за оџаци на цврсто гориво, за 5.000 домаќинства (за 4 години).
  • Забрана за греење на дрва и јаглен во реоните каде што е достапно централно греење.
  • Модернизација и автоматизација на системите за чистење на улиците и јавните површини и управување со отпад, особено во зимски и суви услови.

Среден рок (1-3 години):

  • Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот според европски стандарди, во реално време (индустрија, мали и средни компании, јавни објекти).
  • Идентификување и елиминирање на главните извори на загадување преку целосна студија на изворите.
  • Задолжително поврзување на новоизградени станбени згради на системот за централно греење.
  • Субвенционирање на социјално ранливи категории за замена на нееколошките системи за затоплување со почисти алтернативи, како што се клима-уреди, уреди на пелети или приклучување на централно греење.
  • Предвидување на инфраструктурата за еколошки извори на енергија уште во фазата на урбанистичко планирање.
  • Урбанистичко планирање согласно со принципите на енергетска ефикасност и користење зелена енергија.
  • Воведување зона со ниски емисии во центарот на градот.
  • Ограничување на сообраќајот на тешки товарни возила во градското подрачје.

Долг рок (3+ години):

  • Целосна транзиција кон одржливи системи за греење во јавните згради (соларни панели, геотермални пумпи, инвертори).
  • Развој на градска топлинска мрежа што користи обновливи или помалку загадувачки извори на енергија.
  • Создавање „зелени коридори“ низ градот за подобрување на циркулацијата на воздухот.

1.2. Зелени површини и биолошка разновидност

15 ПАРКОВИ ЗА 15 МЕСЕЦИ!10.000 НОВИ ДРВЈА (ВКЛУЧУВАЈЌИ И ОВОШНИ САДНИЦИ) ВО ПРВАТА ГОДИНА!

Зелените површини се клучни за квалитетот на животот во градот. Скопје има потреба од стратегија за заштита и проширување на своите зелени простори:

Краток рок:

  • Зачувување на постојните паркови и зелени површини од дополнителна урбанизација.
  • Засадување 10.000 нови дрвја низ градот.
  • Рехабилитација на запуштените градини и паркови.
  • Спроведување на институционални и технички реформи на ЈП „Паркови и зеленило“.
  • Повторно сопствено производство на цвеќиња и садници во ЈП „Паркови и зеленило“.

Среден рок:

  • Создавање нови паркови во густо населените области коишто моментално немаат доволно зелени површини.
  • Развој на зелен појас околу градот што ќе ги ограничи урбаното ширење и загадувањето.

Долг рок:

  • Поврзување на сите паркови и зелени површини во една мрежа на „еколошки коридори“.
  • Заштита на биолошката разновидност во и околу градот преку специјални програми за заштита на домашните видови.
  • Создавање урбани градини и земјоделски површини во соработка со локалните заедници.

1.3. Одржливо управување со отпад

НОВ ЦЕНТАР ЗА СЕЛЕКЦИЈА И РЕЦИКЛАЖА НА ОТПАД! РЕШЕНИЕ ЗА ДРИСЛА И ВАРДАРИШТЕ, ВЕДНАШ!

Состојбата со јавната чистота во Скопје е на многу незадоволително ниво. Одржувањето на чисто Скопје е заедничка одговорност и врвен приоритет. Целта на градот е да се спречи создавањето на отпадот, но и да почне да го третира како ресурс. Отпадот да се селектира колку што е можно повеќе за да може повторно да се користи. Ефикасното управување со отпадот е клучно за одржливиот развој на градот:

Краток рок:

  • Редовно собирање на комуналниот отпад со објавен распоред. кој е јавно достапен за граѓаните.
  • Редовно одржување и чистење на комуналната опрема, до набавка на нова.
  • Отстранување на отпадот од кејот и коритото на Вардар.
  • Редовни викенд-акции за чистење на нашето маало.
  • Воведување нови сервиси на ЈП „Комунална хигиена“, за справување со кабастиот отпад и градежниот шут.
  • Проширување на мрежата на контејнери за собирање комунален отпад и сепарирано собирање отпад.
  • Оградување и расчистување на дивата депонија Вардариште, воведување 24/7 надзор и забранет пристап за физички и правни лица, освен за ЈП „Комунална хигиена“.
  • Намалување на употребата на пластика во јавните институции и на настани.
  • Еден градски пазар без органски отпад.
  • Поднесување иницијатива до Собранието и до Владата за донесување Закон за комунална хигиена.
  • Кампањи за подигање на свеста за рециклирање и намалување на отпадот.

Среден рок:

  • Воведување нов систем за отпад во Град Скопје и набавка на нова опрема за повисоко ниво на комунален ред и комунални услуги.
  • Расчистување на дивите депонии и отстранување на стрништа врз основа на акциски план.
  • Изградба на модерен центар за рециклирање со висока стапка на ефикасност и повисоко ниво на соработка со колективните постапувачи со отпад.
  • Воведување нови сервиси за угостителите и другите приватни субјекти за одвојување на нивниот комунален смет, од оној на домаќинствата.
  • Спроведување институционални и технички реформи во ЈП „Комунална хигиена“.
  • Воведување на систем на „надоместоци за поврат“ на пластични шишиња и алуминиумски лименки
  • Развој на програма за компостирање на органскиот отпад од домаќинствата.
  • Активно учество во воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад во Скопскиот Регион.

Долг рок:

  • Целосна замена на опремата за отпад (канти, контејнери и возила).
  • Рехабилитација на Дрисла и изградба на современа претоварна станица во Вардариште.
  • Подготовка на проект за изградба на инсталација за енергетско искористување на отпадот.
  • Трансформација кон циркуларна економија каде што отпадот станува ресурс
  • Воведување мерки за постигнување на целта за нула отпад на депонија до 2040 година.

2. Ефикасен јавен превоз и сообраќајна инфраструктура

2.1. Модернизација на јавниот превоз

БРТ ВЕДНАШ!
ЦЕЛОСНА ОБНОВА НА СИСТЕМОТ НА ЈСП!

Јавниот превоз е клучен за намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето на воздухот.

Краток рок:

  • Обновување на флотата на автобуси со купување на 100 нови еколошки автобуси.
  • Воведување електронски систем за наплата и современ информативен систем за патниците.
  • Нов возен ред за јавниот сообраќај - зголемување на фреквенциите на јавниот превоз во периодите на најголем сообраќај и опфат на сите населени места со јавен превоз, како и засилена обврска на приватните превозници за покривање на најоптоварените линии во клучните периоди од денот
  • Имплементација на институционални и технички промени на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Среден рок:

  • Воведување брз автобуски транзитен систем (БРТ), линија Ѓорче Петров – Ново Лисиче (Аеродром).
  • Подготовка на оптимално решение за втората линија на БРТ (север – југ).
  • Изградба на приоритетни ленти за јавен превоз на главните сообраќајници.

Долг рок:

  • Спроведување втора фаза од БРТ-системот, линија од Кисела Вода до Чаир, како столб на јавниот превоз на Скопје.
  • Создавање на „супер блокови“ во центарот на градот каде што приоритет имаат пешаците, велосипедистите и јавниот превоз
  • Развој на систем за споделување електрични возила и велосипеди низ целиот град.

2.2. Велосипедска инфраструктура

СЛОБОДНИ ТРОТОАРИ – СЛОБОДНИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ!

Промовирање на велосипедизмот како здравствен, еколошки и ефикасен начин на превоз:

Краток рок:

  • Изградба на 50 км нови велосипедски патеки што ги поврзуваат клучните делови на градот.
  • Воведување систем за споделување велосипеди со 50 станици низ градот.
  • Обезбедување на велосипедски паркинзи на клучни локации низ градот.
  • Субвенција од 50 % за 2000 е-велосипеди за 4 години.

Среден рок:

  • Развој на целосна мрежа на велосипедски патеки што ги поврзува сите населби со центарот на градот.
  • Вклучување на велосипедска инфраструктура во сите нови сообраќајни проекти.
  • Промотивни кампањи за велосипедизам како здравствен и еколошки начин на превоз.

Долг рок:

  • Изградба на заштитени велосипедски автопати на главните сообраќајни правци
  • Интегрирање на велосипедскиот превоз со јавниот превоз преку обезбедување можност за носење велосипеди во јавниот превоз.
  • Трансформација на Скопје во град пријателски настроен кон велосипедистите

2.3. Подобрување на условите за пешачење

ЗОНА 30 – БЕЗБЕДЕН СООБРАЌАЈ НА ГЛАВНИТЕ СКОПСКИ УЛИЦИ! ЧИСТ ВАРДАР, ЧИСТ КЕЈ – ОД ЛИСИЧЕ ДО ХРОМ!

Скопје треба да стане град пријателски настроен кон пешаците:

Краток рок:

  • Поправка и проширување на тротоарите на клучни локации.
  • Подобрување на осветлувањето на пешачките патеки за подобра безбедност.
  • Создавање пешачки зони во центарот на градот и комерцијалните области во населбите.

Среден рок:

  • Развој на пешачка мрежа што ги поврзува сите делови на градот, со акцент на тактилни патеки за лицата со оштетен вид.
  • Воведување мерки за смирување на сообраќајот во населбите, како, на пример, концептот „Зона 30“.
  • Кејот на Вардар од Ѓорче Петров до Аеродром – уредена пешачка патека.

Долг рок:

  • Трансформација на центарот на Скопје во претежно пешачка зона.
  • Создавање на „15-минутни населби“ каде што сите основни услуги се достапни во рок од 15 минути пешачење.
  • Развој на интересни пешачки рути што ја истакнуваат историјата и културата на градот.

2.4. Сообраќаен менаџмент и безбедност

ОСВЕТЛУВАЊЕ НА БУЛЕВАРИТЕ БЕЗ КОМПРОМИС – ЗАМЕНА НА СВЕТИЛКА ВО РОК ОД 48 ЧАСА! ГРАДСКА ЗОНА БЕЗ КАМИОНИ!

Интелигентниот сообраќаен менаџмент е клучен за намалување на метежите и подобрување на безбедноста:

Краток рок:

  • Инсталирање на интелигентни сообраќајни светла и режим на семафорите што се приспособуваат кон сообраќајните текови.
  • Подобрување на сообраќајната безбедност преку подобро осветлување, ознаки и контрола на брзината.
  • Воведување платформи/рампи за пристапност за лица со попреченост на клучни локации.

Среден рок:

  • Надградба на интегрираниот систем за сообраќаен менаџмент што ги координира сите сообраќајни текови.
  • Воведување систем за паметно паркирање и негово управување во реално време.
  • Создавање „здрави улици“ со намалени ограничувања на брзината и подобрена безбедност.

Долг рок:

  • Воведување конгестивна такса за влез во центарот на градот во сообраќајните метежи.

3. Стопански развој и иновативна економија

3.1. Поддршка на малите и на средните претпријатија

Малите и средните претпријатија се столб на економијата на Скопје:

Краток рок:

  • Намалување на локалните давачки за новоотворени бизниси во првите две години.

Среден рок:

  • Создавање бизнис-инкубатори и акцелератори за стартапи.
  • Развој на програми за менторство и вмрежување за претприемачи.

Долг рок:

  • Развој на кластери во клучни индустрии (ИТ, креативни индустрии, зелена економија).
  • Позиционирање на Скопје како регионален центар за иновации и претприемаштво.

3.2. Промоција на инвестициите

Активното привлекување инвестиции е клучно за економскиот раст:

Краток рок:

  • Идентификување на стратегиски сектори за инвестиции и развој на насочени промотивни материјали.
  • Подобрување на онлајн присутноста и дигиталните услуги за потенцијални инвеститори.

Среден рок:

  • Развој на индустриски зони со современа инфраструктура и услуги.
  • Организирање на инвестициски мисии/настани во странство и дома.
  • Создавање програма „Верни инвеститори“ со дополнителни придобивки за долгорочни инвеститори.

Долг рок:

  • Позиционирање на Скопје како прв избор за инвестиции во Југоисточна Европа.
  • Развој на специјални економски зони со даночни олеснувања.
  • Градење јаки врски со скопската дијаспора за привлекување инвестиции.

3.3. Развој на туризмот

УБАВО СКОПЈЕ ЗА СКОПЈАНИ И ЗА ТУРИСТИТЕ!ДИГИТАЛНА ТУРИСТИЧКА КАРТА!

Туризмот е клучен економски сектор со голем потенцијал за раст:

Краток рок:

  • Подобрување на чистота и безбедноста во туристичките области.
  • Обучување на туристички водичи и персонал во туристичките објекти.
  • Развој на мобилна апликација за туристи со информации за атракции, превоз и услуги.

Среден рок:

  • Ревитализација на старата чаршија, скопското Кале и други историски објекти и области.
  • Развој на специјализирани туристички производи (културен туризам, гастрономски туризам, туризам на природата).
  • Подобрување на пешачките врски меѓу туристичките атракции.

Долг рок:

  • Изградба на современ конгресен центар за привлекување бизнис-туризам.
  • Позиционирање на Скопје како регионална туристичка дестинација, преку нови инвестиции и промоција.
  • Развој на одржлив туризам што го почитува локалното наследство и животната средина.

3.4. Поддршка на иновациите и дигиталната економија

ГТЦ ЗА СТАРТАПИ, ЗА МЛАДИ, ЗА КРЕАТИВЦИ, ЗА УМЕТНИЦИ, ЗА НЕВЛАДИНИ/ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

Инвестирањето во иновации е иднината на економијата на Скопје:

Краток рок:

  • Создавање иновативни центри во сите општини со бесплатен интернет и работни простори.
  • Организирање натпревари за иновации и хакатони за решавање на градски предизвици.

Среден рок:

  • Изградба на технолошки парк како центар за ИТ- компании и стартапи.
  • Воведување градски податоци како отворени податоци за поттикнување иновации.
  • Развој на програми обуки за дигитални вештини за граѓаните и бизнисите.

Долг рок:

  • Трансформација на Скопје во регионален центар за технологија и иновации.
  • Поттикнување на големи технолошки компании да отвораат центри во Скопје.
  • Развој на напредна дигитална инфраструктура.

4. Социјална инклузивност и комунален развој

4.1. Образование и млади

Инвестирањето во образованието е инвестирање во иднината на градот:

Краток рок:

  • Реновирање на училишната инфраструктура и обезбедување современа опрема.
  • Воведување дополнителни активности и програми за учениците по учењето.
  • Ревитализација и опремување на Планетариумот во МКЦ.
  • Зголемување на финансиска поддршка за 300 % за поддршка на проекти, програми, програмски активности и манифестации на младите.

Среден рок:

  • Развој на партнерства меѓу училиштата и локалниот бизнис сектор.
  • Создавање мрежа на младински центри низ градот.
  • Воведување програми за менторство и кариерно насочување.

Долг рок:

  • Изградба на нови современи училишта во брзорастечките населби (гимназија во Аеродром).
  • Трансформација на образованието преку дигитализација и иновативни методи на предавање.
  • Создавање програма „Млад граѓанин“ за вклучување на младите во одлучувањето.

4.2. Поддршка на ранливите групи

СКОПЈЕ ПОМАГА! ГРАДСКИ ВОЛОНТЕРСКИ ЦЕНТАР – ВРАБОТЕНИ ВО ГРАДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА И ВОЛОНТЕРИ ЌЕ ПОМАГААТ!

Сите граѓани заслужуваат поддршка и можност за успех:

Краток рок:

  • Проширување на социјалните услуги за ранливите групи, вклучувајќи ги лицата со попреченост, старите лица и сиромашните семејства.
  • Создавање програми за здравствена и социјална поддршка во заедницата (Фонд за лица во ризик).
  • Обезбедување пристапни јавни простори и транспорт за лицата со попреченост.

Среден рок:

  • Изградба на центри за дневна грижа за старите лица и лицата со хендикеп.
  • Субвенции за социјално ранливи категории (на пр., за еколошко затоплување, енергетска ефикасност на домовите и сл.).
  • Воведување програми за вработување и обука за ранливите групи.
  • Изградба на мултисензорни соби во средните училишта, за учениците со попреченост.
  • Воспоставување регистер на имотот на Град Скопје (со цел да се процени капацитетот за помош и поддршка на шелтер-центрите).

Долг рок:

  • Создавање сеопфатен систем за социјална поддршка што ги спречува и ги утврдува сите форми на социјална исклученост.
  • Изградба на институции за грижа на возрасните лица и адаптација на јавните простори за потребите на пензионерите.
  • Градење инклузивен град, каде што сите граѓани имаат еднакви можности.

4.3. Развој на заедницата и граѓанско учество

Активните и вклучени заедници се основа на силен град:

Краток рок:

  • Воведување систем за директно учество на граѓаните во одлучувањето преку онлајн платформи – систем 48 часа (пријави проблеми и недостатоци во Градот).
  • Поддршка на локалните иницијативи и граѓански организации преку мали грантови, во областите култура, спорт, образование и сл.
  • Годишна програма за јакнење на капацитетите на граѓанските организации.
  • Организирање редовни средби меѓу градските власти и граѓаните.

Среден рок:

  • Граѓаните директно одлучуваат за користење на дел од буџетот (партиципативно буџетирање).
  • Основање фонд за поддршка на граѓанскиот сектор.
  • Екокарта за граѓаните – субвенции за оние XB6SQ користат јавен превоз, селектираат отпад или засадуваат дрво.

Долг рок:

  • Развој на модел на коуправување на јавните простори и услуги со граѓаните.
  • Трансформација на Скопје во модел на граѓанско учество и демократија на непосредна близина.

4.4. Спорт – активен и здрав град

Активното рекреирање и спортување е важно за општата благосостојба и здравје на секоја заедница и град:

Краток рок:

  • Зголемување на финансиска поддршка за обновување и одржување на спортските објекти.
  • Зголемување на финансиска поддршка за училиштен спорт во средните училишта во Град Скопје.
  • Зголемување на финансиска поддршка за програми за активности и набавка на спортска опрема и реквизити на лица со попреченост на подрачјето на Град Скопје.
  • Зголемување на финансиска поддршка за проекти, програми, активности и манифестации на спортски клубови, спортски здруженија и организации што дејствуваат во областа на спортот во Град Скопје.
  • Избор на најуспешни спортистки и спортисти, тренер и екипа на Град Скопје.

Среден рок:

  • „Викенд за Водно“ – месечна рекреативна прошетка до врвот на Водно.
  • Спортско-здравствени патроли за рекреативци – кеј на Вардар и патека на Водно (во соработка со екипи од Црвен крст и здравствени организации).
  • Промоција на планинарењето – планинарски маршеви на Водно, Китка, Скопска Црна Гора, езерото Матка, реката Лепенец.
  • „Денови на спортот“ – 10-дневни спортски активности по повод ослободувањето на Град Скопје.
  • „Женска трка“ (за подигање на свеста за рано откривање малигни заболувања кај жените) – по повод розовиот месец октомври.

Долг рок:

  • Воспоставување едукативен центар за спорт и млади.
  • Фонд за стипендирање на средношколски спортисти од Град Скопје.

5. Урбано планирање и инфраструктура

5.1. Современ урбанизам и просторно планирање

Планирањето на иднината на Скопје бара стратегиски пристап:

Краток рок:

  • Донесување на нов генерален урбанистички план со фокус на одржлив развој и квалитет на животот.
  • Воведување строги правила за зачувување на зелените површини и јавните простори (преку ГУП).
  • Развој на програма за ревитализација на урбаните простори.

Среден рок:

  • Изработка на долгорочна стратегија за урбан развој на градот – Визија за Скопје 2050.
  • Создавање програма за реконструкција и модернизација на постојните јавни објекти, во надлежност на Град Скопје.
  • Развој на мешовити зони каде што живеењето, работата и рекреацијата се комбинираат.
  • Инсталирање и одржување на јавни тоалети во градот.

Долг рок:

  • Трансформација на Скопје во функционален град со приближување на услугите до местото на живеење на граѓаните.
  • Создавање јасна градска форма со зачувани природни области (Матка како споменик на природата, Водно како заштитено подрачје, заштита на градските паркови).
  • Развој на одржливи и енергетски ефикасни населби.

5.2. Јавни простори

15 ПАРКОВИ ВО 15 МЕСЕЦИ

Квалитетните јавни простори се срцето на животот во градот:

Краток рок:

  • Реновирање на постојните јавни простори, вклучувајќи ги плоштадите, парковите и игралиштата.
  • Создавање нови јавни простори во областите каде што недостасуваат.
  • Воведување на програма „Улица за луѓето“ за привремено затворање на улиците за автомобили.

Среден рок:

  • Создавање тематски јавни простори (уметнички паркови, општински/месни градини, спортски зони).
  • Вклучување на уметност и култура во јавните простори, како поддршка на независните уметници – ретко употребувани јавни простори каде што уметниците создаваат привремени културни инсталации или сценарија.

Долг рок:

  • Трансформација на реката Вардар и нејзините брегови во главен јавен простор на градот (за пешаци, велосипедисти, рекреативци).
  • Создавање зелен појас од јавни простори што ги поврзува сите делови на градот.
  • Позиционирање на Скопје како град со модерни и уникатни јавни простори – летни pop-up театри и концерти, интерактивни отворени сцени за танц и перформанс.

5.3. Инфраструктура и јавни услуги

Модерната инфраструктура е основа на функционален град:

Краток рок:

  • Инвестирање во поправка и одржување на постојната инфраструктура (патишта, водовод, канализација, отпад).
  • Подобрување на уличното осветлување за подобра безбедност и енергетска ефикасност.
  • Развој на план за модернизација на градската инфраструктура.

Среден рок:

  • Изградба на современ систем за управување со отпадни води – пречистителна станица за отпадни води за Град Скопје.
  • Развој на одржлив системи за управување со води (намалување на загуби на вода за пиење со замена на инсталација и мерни инструменти, враќање на технолошка вода, искористување на дождовницата).
  • Спроведување на институционални и технички реформи во ЈП „Водовод и канализација“, вклучувајќи воведување на нов систем за евиденција на корисниците .
  • Инвестирање во обновлива енергија и енергетска ефикасност во јавните објекти.

Долг рок:

  • Изградба на инфраструктура за воведување циркуларна економија, каде што отпадот е ресурс (системи за селекција и рециклирање).
  • Развој на паметни мрежи за енергија, вода и транспорт.
  • Изградба на две нови катни гаражи.
  • Трансформација на Скопје во град со нула емисии на јаглерод диоксид.

6. Култура, наследство и идентитет

СКОПЈЕ ‒ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028 – СО ПЛАН И РЕШЕНИЕ!

6.1. Заштита и промоција на културното наследство

Скопје има богато и разновидно културно наследство што треба да се заштити и да се промовира. Особено и поради фактот што Скопје е веќе европска престолнина на културата во 2028 година. Затоа ќе бидат преземени многубројни активности:

Краток рок:

  • Помош за ревитализација на старата чаршија.
  • Дигитализација на културното наследство за подобар пристап и зачувување.

Среден рок:

  • Создавање програма за поддршка на традиционалните занаети и вештини,
  • Организирање фестивали и настани што го слават културното наследство на градот преку промоција на нови форми повеќе отворени сцени и настани.

Долг рок:

  • Создавање центар за интерпретација на културното наследство.
  • Развој на културни рути што ги истакнуваат различните аспекти на наследството на градот.

6.2. Современа културна сцена

100 НОВИ МУРАЛИ НА ФАСАДИТЕ НА ЈАВНИТЕ ОБЈЕКТИ

Поддршката на современата културна креативност е клучна за живописниот град:

Краток рок:

  • Поддршка на локалните уметници преку мали грантови и изложбени простори.
  • Организирање улични фестивали и културни настани во сите населби.
  • Создавање платформи за промоција на локалната уметност и култура.
  • Изработка на нови 100 мурали за Скопје.

Среден рок:

  • Реконструкција и трансформација на Дом на градежници во современ мултифункционален културен центар.
  • Поддршка на програми за уметничко образование за деца и возрасни.
  • Создавање простор за уметници од земјата и од странство – пилот-проект, под Железничка станица.
  • Поврзување и соработка со европската културна сцена – размена на содржини и настани.

Долг рок:

  • Позиционирање на Скопје како регионален центар за современа уметност и култура.
  • Развој на креативни индустрии како важен економски сектор.
  • Создавање мрежа на културни простори низ целиот град.

6.3. Разновидност и инклузија

СКОПЈЕ – АВАНТУРА! СКОПЈЕ ЗОО, АКВАРИУМ, ЛУНАПАРК!

Скопје е град на разновидност и оваа различност треба да се промовира:

Краток рок:

  • Организирање фестивали и настани што ја слават мултикултурноста на градот.
  • Поддршка на културните иницијативи на различните заедници.
  • Воведување програми за интеркултурен дијалог и разбирање.

Среден рок:

  • Создавање центар за разновидност и инклузија.
  • Развој на образовни програми за разновидноста и толеранцијата.
  • Вклучување на принципите на универзално дизајнирање во сите јавни простори и услуги.

Долг рок:

  • Трансформација на Скопје во модел на интеркултурен град.
  • Развој на политики и практики што ја промовираат разновидноста на сите нивоа.
  • Создавање град каде што сите граѓани чувствуваат дека припаѓаат и се вреднуваат.

7. Дигитална трансформација и ефикасна управа

7.1. Дигитализација на градските услуги

Е-СКОПЈЕ!СКОПЈЕ „PAPERLESS CITY“ 2029!

Модерните дигитални услуги го подобруваат животот на граѓаните, особено на младите луѓе. Дигиталната платформа ја зголемува ефикасноста и интерната комуникација на градската администрација, а на граѓаните им нуди побрзи, поедноставни и поефикасни административни услуги, овозможува размена на податоци и документи по електронски пат (Сервисна магистрала – Enterprise Service Bus, Скопје SmartCity):

Краток рок:

  • Развој на сеопфатен портал за е-услуги за граѓаните и бизнисите.
  • Воведување е-плаќање за сите градски давачки и услуги (како. на пример. е-даноци).
  • Создавање мобилна апликација за пристап до градски информации и услуги.

Среден рок:

  • Дигитализација на сите административни процеси и услуги.
  • Воведување е-управа за подобрување на транспарентноста и ефикасноста.
  • Развој на системи за податочни аналитики за подобро донесување одлуки.

Долг рок:

  • Создавање просторна база на податоци „град дигитален близнак“, за симулација и планирање на градските проекти.
  • Воведување вештачка интелигенција за подобрување на градските услуги.
  • Трансформација на Скопје во водечки паметен град во регионот.

7.2. Транспарентност и одговорност

Транспарентната власт ја гради довербата на граѓаните:

Краток рок:

  • Воведување на отворени податоци за сите градски проекти и буџети.
  • Создавање систем за следење на извршувањето на градските проекти во реално време.
  • Регуларно објавување информации за работата на градската управа.

Среден рок:

  • Воведување систем за е-учествување во одлучувањето.
  • Развој на показатели (индикатори) за исполнување на целите и следење на напредокот.

Долг рок:

  • Воспоставување целосна транспарентност и одговорност во градската управа.
  • Развој на напредни системи за спречување на корупцијата.
  • Позиционирање на Скопје како модел на транспарентна и одговорна локална самоуправа.

7.3. Финансиска одржливост

Одржливите финансии се клуч за долгорочен развој:

Краток рок:

  • Воведување строги финансиски контроли и ревизии.
  • Оптимизација на трошоците и зголемување на ефикасноста.
  • Развој на повеќегодишна буџетска рамка за подобро планирање.

Среден рок:

  • Диверзификација на изворите на приходи преку развој на нови економски активности.
  • Привлекување на европски фондови и меѓународно финансирање.
  • Развој на јавно-приватни партнерства за големи инфраструктурни проекти.

Долг рок:

  • Создавање стабилна и предвидлива финансиска средина за инвестиции.
  • Развој на иновативни финансиски инструменти за градскиот развој.
  • Обезбедување финансиска одржливост на долг рок.

8. Соработка и регионален развој

8.1. Соработка со општините

Силната соработка меѓу општините е клучна за хармоничен развој:

Краток рок:

  • Воспоставување редовни средби на градоначалниците на сите скопски општини.
  • Развој на заеднички стратегии за решавање на заедничките предизвици.
  • Создавање заеднички тела за координација на клучните услуги.

Среден рок:

  • Развој на заеднички планови за урбано планирање и развој на инфраструктурата.
  • Воведување заеднички системи за јавниот превоз, управување со отпад и води и други услуги.
  • Хармонизирање на локалните прописи, процедури, правилници и програми (на пр., правилници за поставување урбана опрема).

Долг рок:

  • Создавање метрополен регион Скопје со заедничко стратегиско планирање.
  • Развој на заеднички маркетинг и промоција на градот.
  • Воспоставување постојани структури за соработка меѓу општините.

8.2. Регионален развој

Скопје како двигател на регионалниот развој:

Краток рок:

  • Развој на партнерства со други градови и општини во земјата.
  • Создавање програми за размена на знаење и најдобри практики.
  • Поддршка на развојот на руралните области околу Скопје.

Среден рок:

  • Развој на заеднички економски стратегии со соседните општини.
  • Создавање регионални кластери за економски развој.
  • Подобрување на врските со соседните градови и региони (збратимени градови).

Долг рок:

  • Позиционирање на Скопје како регионален центар за услуги, образование и култура.
  • Развој на заеднички планови за заштита на животната средина и управување со природните ресурси.
  • Создавање силна регионална идентичност и соработка.

План за спроведување

Фази на спроведување

Оваа амбициозна програма ќе се спроведува во три фази:

Фаза 1 (0-2 години): Итни дејства и подготовки

  • Спроведување на итни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, чистење на градот од отпад и сообраќајот.
  • Подготовка на стратегиски документи и студии за клучните проекти.
  • Зајакнување на административниот капацитет и транспарентноста, со акцент на градските јавни претпријатија и институции).
  • Започнување дијалог со граѓаните и заинтересираните страни.

Фаза 2 (2-5 години): Структурни реформи и инвестиции

  • Реализација на големите инфраструктурни проекти (јавен превоз, третман на отпад и отпадни води, велосипедски патеки).
  • Спроведување на структурните реформи во управувањето со институциите и услугите кон граѓаните.
  • Спроведување на програмите за економски развој и иновации.
  • Интензивирање на инвестициите во образование, култура и социјални услуги.

Фаза 3 (5-8 години): Консолидација и продолжен развој

  • Завршување на големите инфраструктурни проекти.
  • Консолидација на реформите и подобрувањата.
  • Постојано подобрување на услугите и квалитетот на животот.
  • Позиционирање на Скопје како водечки град во регионот.

Финансиски рамки

Имплементацијата на оваа програма ќе бара значителни финансиски ресурси што ќе доаѓаат од повеќе извори:

Сопствени приходи на градот (3 0%)

  • Подобрување на наплатата на постојните давачки, преку воведување нов систем за евиденција на корисници.
  • Развој на нови извори на приходи.
  • Оптимизација на трошоците и зголемување на ефикасноста.

Буџет на Република Северна Македонија (25 %)

  • Учество во програмите и проектите на национално ниво.
  • Трансфери за специфични функции и услуги.
  • Кофинансирање на големите инфраструктурни проекти.

Европска Унија и меѓународни фондови (35 %)

  • Користење на инструментите за претпристапна помош.
  • Учество во програмите за регионален развој.
  • Пристап до специјализирани фондови за животна средина, енергија и транспортот.

Јавно-приватни партнерства и директни инвестиции (10 %)

  • Развој на проекти за јавно-приватно партнерство.
  • Привлекување директни странски инвестиции.
  • Мобилизација на ресурсите на локалниот бизнис-сектор.

Мониторинг и евалуација

За да се обезбеди успешна имплементација на програмата, ќе се воспостави цврст систем за мониторинг и евалуација:

Клучни индикатори за успех

  • Намалување на загадувањето на воздухот.
  • Зголемување на задоволството на граѓаните од градските услуги.
  • Подобрување на економските показатели (вработеност, инвестиции).
  • Зголемување на квалитетот на животот (здравје, образование, култура).

Механизми за следење и приспособување

  • Годишен извештај за напредокот.
  • Редовни анкети за задоволството на граѓаните.
  • Независни евалуации на клучните проекти и политики.
  • Отворен пристап до податоците за напредокот.
  • Редовни прегледи на програмата врз основа на резултатите од мониторингот.
  • Флексибилност во пристапот за да се приспособи кон променетите услови.
  • Континуиран дијалог со граѓаните и заинтересираните страни.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

SMART СКОПЈЕ – 2.0 НОВИ МОСТОВИ: „ЉУБЉАНСКА“ – ЗЛОКУЌАНИ, „ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ “ – БУЛ. „ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕДИ“! ПОВРЗУВАЊЕ НА ТУНЕЛОТ ПОД „ДАЈМОНД МОЛ“! НОВ КОНГРЕСЕН ЦЕНТАР!

Воведување брз автобуски транспорт – BRT (Bus Rapid Transit)

Опис

Примарна цел на проектот е создавање ефикасна и економична транспортна мрежа за справување со предизвиците во урбаниот транспорт во Скопје и намалување на загадувањето на воздухот. Проектот вклучува изградба на коридор за брз автобуски превоз (BRT) со две наменски ленти, набавка на нова флота од енергетски ефикасни или хибридни автобуси и изградба на нова автобуска станица.

Проектот ќе се спроведува во две фази:

  • Фаза 1/Транша 1 – изградба на првата линија исток ‒ запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче, во должина од околу 13 км, на која ќе бидат поставени 21 автобуска станица и ќе се набават 29 еколошки автобуси со погон на гас и електрична енергија.
  • Фаза 2/Транша 2 – изградба на втора линија север ‒ југ.

Првата фаза ќе започне веднаш со распишување на тендерската постапка (2026 година), по што ќе следува изведба на трасата и набавка на автобусите (2027 ‒2028 година).

Втората фаза ќе започне паралелно со реализацијата на првата, со изготвување на физибилити студија, која треба да ги понуди најоптималните решенија за реализација.

Влијание на проектот

Се очекува новиот систем значително да ги намали емисиите, со проектирано намалување на јаглерод моноксидот за над 95 % и на честичките за приближно 90 %. Проектот има цел да обезбеди брз, безбеден и висококвалитетен систем за јавен превоз, што ќе го зголеми бројот на патници и ќе ја намали употребата на приватни автомобили, помагајќи му на Скопје да стане позелен град.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација:

Прва фаза – 2028 година

2026 година – тендер за изведба

2027-2028 година – изградба на трасата и набавка на автобусите

Буџет

Транша 1 – до 2,5 милијарди денари

Транша 2 – до 2,0 милијарди денари

Пречистителна станица за отпадни води Скопје

Опис

Реализирањето на проектот за изградба на пречистителна станица со капацитет од 625.000 еквивалент жители е во тек и ќе го завршиме согласно со предвидената динамика за првата фаза, која ќе обезбеди примарен и секундарен третман на отпадните води до 2030 година, со што ќе се исполнат минималните барања од Директивата за третман на урбаните отпадни води на ЕУ. Проектот се реализира во партнерство со Владата на Република Северна Македонија, а финансиите во висина од 200 милиони евра се обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој (58 милиони евра) и Европската инвестициска банка (68 милиони евра), како и грант од ЕИБ (10 милиони евра) и ЕУ (70 милиони евра).

Влијание на проектот

Проширување на колекторскиот систем и изградбата на пречистителната станица за отпадни води ќе овозможи интегрално решавање на прашањето на урбаните отпадни води во Град Скопје, со што ќе се обезбеди подигнување на квалитетот на водата во реката Вардар, која сега е главниот реципиент на отпадните води.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

>120 милијарди денари

СМАРТ Скопје – 2.0

Опис

„Скопје смарт сити V1.0“ се комплетира во 2021 година и ја постави основата за развој на Скопје, паметно, оптимизирано, ефикасно, продуктивно и едноставно. Но можностите на платформата за ИоТ (Internet of Things), не се искористени. СМАРТ Скопје 2.0 е следниот чекор во реализација на овој комплексен проект, во кој пилот-модулот за паметно паркирање ќе прерасне во целосно дигитализиран и паметен систем на паркирање, пилот-модулот за паметни водомери ќе прерасне во паметен систем за мониторинг и управување со системот за водоснабдување, паметен систем за собирање отпад, систем за инвентаризација на урбаната опрема во Градот, како и интегриран систем за пристап и плаќање на услугите на градот и градските јавни претпријатија на едно место.

Влијание на проектот

Со спроведувањето на проектот се забрзува дигитализацијата на работењето на градските служби и институции, се олеснува пристапот до јавните услуги за граѓаните и се овозможува забрзан развој на Градот.

Клучните придобивки од системот, вклучуваат и:

  • Паметно мониторирање на инфраструктурата во Град Скопје
  • Подобро управување со отпадот и сообраќајот
  • Подобра јавна безбедност: IoT сензори кои мониторираат загадување на воздух, бучава, врнежи/поплави во реално време
  • Енергетска ефикасност и заштеда на средства

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2028 година

Буџет

300 милиони денари

Скопје ‒ европска престолнина на културата 2028

Опис

Проектот „Европска престолнина на културата“ има цел да го зајакне културниот живот во градот и да ги вклучи граѓаните во неговиот развој. Тој поттикнува соработка меѓу уметници, институции и заедницата, создавајќи нови можности за културни настани и иницијативи. Преку проектот се отвораат можности за користење европски фондови за оваа намена, кои треба да се искористат како инвестиции за развој на културната инфраструктура во градот.

Влијание на проектот

Со проектот, градот добива шанса да го подобри својот имиџ и да привлече туристи и меѓународни партнери. Се создава чувство на заедништво и поголема вклученост на луѓето во јавниот и културниот живот. На овој начин, културата станува важна алатка за подобар и поквалитетен живот.

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2026 ‒ 2029 година

Буџет

2 милијарди денари (половина од потребните средства треба да се обезбедат од централниот буџет)

Изградба на Конгресен центар (локација определена со ГУП)

Опис

Конгресниот центар ќе вклучува пленарни сали и сали за состаноци, други простории, бизнис-центар, изложбен простор и паркинг за потребите на учесниците на настаните во центарот. Конгресниот центар ќе овозможува организирање на големи локални, национални и регионални настани, а во помалите сали за состаноци ќе може да се организираат придружни активности на големите настани, како паралелни сесии, работилници и слично. Изложбените сали ќе бидат во основа отворени простории, дизајнирани за прикажување производи, услуги и информации од различни изложувачи. Со обезбедување различни простори и сеопфатни услуги, Конгресниот центар ќе биде опремен за организирање различни настани, од мали работилници до големи меѓународни конференции.

Влијание на проектот

Со овој проект ќе се овозможи многу брзо Скопје да се најде на мапата на конгресни градови, а тоа дополнително ќе влијае врз развојот на туризмот (конгресен туризам), но ќе обезбеди и значителен економски ефект, почнувајќи од креирање нови работни места, преку зголемување на специфични побарувања на пазарот на стоки и услуги.

Целна група: Национални и меѓународни компании, институции и организации, невладини организации, сите граѓани.

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

1,5 милијарди денари

Уредување на Вардариште во современа претоварна станица

Опис

Депонијата Вардариште се користела како депонија за комунален отпад за Град Скопје во период од 1967/68 до 1996 година. Не била проектирана ниту, пак, била правилно управувана, што значи дека нема документација за активностите на фрлање. Неодамнешните процени укажуваат дека длабочината на депонијата е 10-12 метри на некои локации и дека вкупниот волумен на депонијата е околу 2 милиона кубни метри. Имајќи предвид дека немало подлога и блиску до реката Вардар (висока подземна вода), може да се претпостави дека имало инфилтрација на подземните води во депонијата. Депонијата била активна сè до околу 1996 година кога била отворена депонијата Дрисла.

Според Студијата од 2014 година, депонијата Вардариште зафаќа површина од 42 хектари, а депонирањето се вршело на околу 20 хектари. Нивото на истражување што беше спроведено за изработка на студијата е доволно за изработка на нов документ што ќе ја процени изводливоста за Вардариште, но недоволно за изработка на каков било проект за нејзина рехабилитација. Во 2017 година, со поддршка од ЕУ, подготвена е техничка документација за „Воспоставување регионален систем за управување со отпад во Скопскиот Регион“, кој предвидува на локацијата Вардариште поставување нова, современа претоварна станица за отпад, како дел од целокупниот систем за управување со отпад во овој регион. Постојната што се користи ќе се затвори и ќе се ревитализира, со претходно подготвена соодветна документација. Согласно со постојниот проект за поддршка за воспоставување регионален систем за управување со отпад во Скопски Регион, во чии рамки ќе се ревидира техничката документација за современа депонија, ќе се подготви нова техничка документација за затворање на нестандардните депонии (меѓу кои и Вардариште), ќе се воспостави регионално претпријатие што ќе управува со регионалниот систем во иднина и сл.

Итни мерки во прва година – 24-часовен надзор и оградување на Вардариште, расчистување на просторот. На среден и долг рок – нова претоварна станица и нов систем за управување со отпад за градот.

Влијание на проектот

Управувањето со јавниот простор е одржливо, со обѕир кон здравјето на луѓето и заштитата на животната средина

Најзасегнати општини: Аеродром, Гази Баба

Рок на реализација: 2028

Буџет

Согласно со проектна документација што треба да се изработи

Дозавршување на бул. „Борис Трајковски“ до влезот во Драчево

Опис

Втората фаза од изградбата на булеварот „Борис Трајковски“ од Пинтија до мостот на Маркова Река со вкупна должина од околу 2,3 километри е поголем инфраструктурен проект, кој вклучува проширување на коловозот од две на четири ленти, со нова пешачка и велосипедска патека, како и кружен тек кај мостот кај Маркова Река пред Драчево. Неговата изградба е почната во 2021 година со рок за реализација од 24 месеци, но за жал, сѐ уште не е завршена, со нерешени странични пристапи, недовршена инфраструктура и тесни грла, кои создаваат метеж и небезбедни точки за учесниците во сообраќајот. Ние ќе ја изградиме целосно уште во првата година од нашиот мандат. Вкупната должина за реконструкција изнесува околу 2,3 километри и во рамките на проектот е предвидена изградба на нова атмосферска и фекална канализација, реконструкција на водоводната мрежа, активности што делумно се извршени и имплементација на современо улично ЛЕД-осветлување, со што се подобрува безбедноста и комфорот за сите учесници во сообраќајот.

Влијание на проектот

Со реализација на оваа витална транспортна артерија ќе се зголеми мобилноста и сообраќајната безбедност и ќе се поврзат јужните населби на Скопје со индустриските зони и центарот на градот. Со ова ќе се олесни пристапот и транзитот на повеќе од 50.000 жители што гравитираат од Драчево и околните населби кон центарот на Скопје.

Најзасегнати општини: Кисела Вода

Рок на реализација: 2026 г.

Буџет

252 милиони денари

Поврзување на тунелот под „Дајмонд мол“ (подземен булевар, кој е дел од булеварот „Македонија“)

Опис

Подземниот тунел е веќе изграден од страна на турската компанија „Лимак“, која го градеше целиот комплекс, а обврска на градот е да изгради една двокатна ротонда (кружен тек) кај „Нова Македонија“ и две двокатни ротонди од правецот на ул. „Бихаќка“ кон Рампа, со што ќе се поврзе центарот на градот на оската исток – запад.

Влијание на проектот

Со реализацијата на овој проект ќе се намали протокот на возила во паралелните улици „Железничка“ и „Кирил и Методиј“ и ќе се отвори можност за уредување на јавниот простор и нивно дополнително хуманизирање со нови велосипедски и пешачки патеки и дрвореди. И овој инфраструктурен зафат ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во овој дел на градот, како и за намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од сообраќајот, поради намалување на застоите и зголемување на брзината на движењето на возилата.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Центар, Кисела Вода

Рок на реализација: 2028 година

Буџет

500 милиони денари

Нов мост „Обединети нации“

Опис

Овој проект е практично поврзан со воведувањето на БРТ – системот и претставува своевиден предуслов за идниот систем. Сегашниот мост меѓу Карпош 4 и Влае има само четири коловозни ленти, велосипедска патека и тротоар само од едната страна. Затоа е предвидена изградба на нов челичен мост близнак со должина од 90 метри, кој ќе ја поддржи ефикасно урбаната мобилност на градот со функционални 6 ленти, но и пошироки велосипедски и пешачки патеки.

Влијание на проектот

Подобрување на мобилноста на градот, зголемување на протокот на возила по бул. „Партизански одреди“ во правец кон запад.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Карпош, Ѓорче Петров

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

372 милиони денари

Клучка булевар „Словенија“ – „Никола Карев“

Опис

Оваа клучка на северозападниот влез во Скопје ќе ја олесни комуникацијата со Косово, но и пристапот од оваа страна на скопската обиколница. Изградбата на идниот булевар „Хасан Приштина“ низ Визбегово подразбира и функционална крстосница за целиот негов профил на кој се поврзуваат булевар „Словенија“ и „Никола Карев“. Клучката е важен комуникациски јазол што ги поврзува Бутел, Карпош, Ѓорче и Чаир, со интегрирани велосипедски и пешачки патеки, како и ЛЕД-осветлување за подобра прегледност.

Влијание на проектот

Со овој проект ќе се овозможи намалување на сообраќајните метежи што се карактеристични за оваа клучка и ќе се обезбеди поефикасна мобилност на граѓаните од Бутел, Карпош и Чаир со патниот правец кон обиколница и граничниот премин Блаце со Косово. Со реализација на клучката ќе се обезбедат услови за продолжување на булеварот „Словенија“ кон Ѓорче Петров.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Бутел, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Шуто Оризари

Рок на реализација: 2028 година

Буџет

500 милиони денари

Булевар „Словенија“

Опис

Продолжување на бул. „Словенија“, од крстосницата со бул. „Никола Карев“ до Ѓорче Петров. Должина на трасата е 4 500 метри. Профилот на булеварот ќе биде со по три ленти во една насока со разделно зеленило во средината, велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Булеварот ќе овозможи долготрајно одржливо поврзување на општините од северот и транзитниот коридор на бул. „Никола Карев“, со Ѓорче Петров и западниот излез на градот.

Влијание на проектот

Со овој проект ќе се пробие уште еден правец на сообраќајна комуникација што ќе обезбеди зголемена мобилност на граѓаните од општините Бутел, Карпош и Чаир со Ѓорче Петров и западниот излез на градот кон Тетово. Истовремено ќе се зголеми градската велосипедска мрежа.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Бутел, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Шуто Оризари

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

Согласно со основниот градежен проект што треба да се изработи


ДРУГИ ПРОЕКТИ

Скопје велоград во еден мандат! – 10 чекори до велосипедско и пешачко Скопје

Опис

„Скопје велоград“ ќе продолжи со реализација на следниве чекори:

  • Развој на нова велосипедска мрежа, во соработка со општините.
  • Етапно ослободување на тротоари и квалитетен јавен простор, од возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема.
  • Вардарска зелена активна магистрала - главната велосипедска магистрала запад ‒ исток ќе се продолжи до крајните граници на градот (на запад низ Ѓорче до Сарај и на исток низ Аеродром и Гази Баба до Студеничани и Петровец).
  • Изградба на паркинзи за велосипеди, во соработка со општините.
  • Систем за изнајмување велосипеди како дел од паметно Скопје.
  • Визија нула за нула жртви во сообраќајот – во соработка со општините.
  • Процедури, стандарди, транспарентност, партиципативност за повеќе безбедност.
  • Денови без автомобили / улици за луѓе, ќе ја зголемиме должината на времето без автомобили, но и ќе го зголемиме бројот на улици без автомобилски сообраќај.
  • Субвенции за велосипеди и велосипедска опрема, ќе ја прошириме програмата за субвенции за купување нов велосипед, со нејзино диверзифицирање, вклучувајќи субвенции за: комплетен сервис и доопремување на стари велосипеди (набавка на специјални за лица со посебни потреби, карго и други велосипеди за мали бизниси; набавка на велосипеди за економски и социјално загрозени групи).
  • Промена на сообраќајниот систем на Скопје – приоритет се потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт за нивна безбедност, погодност и комфор.

Влијание на проектот

Спроведувањето на овие 10 чекори ќе овозможи Скопје да стане попријателски и побезбеден град за пешачење и возење велосипед, а граѓаните ќе добијат диверзитет на транспортни опции и низа други придобивки.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

30 милиони денари

Благосостојба на уличните животни и домашните миленичиња

Опис

Иако ЈП „Лајка“ е многу посеопфатен сервис за градот од еден обичен стационар со заловувачка служба, бидејќи располага со ветеринарен третман, програми за социјализирање, чипирање, тренирање, вдомување и негување на уличните кучиња, сепак, евидентно е дека прашањето со уличните кучиња е секојдневна главоболка на скопјани.

Реализацијата на овој проект вклучува повеќе активности:

  • Јакнење на улогата на ЈП „Лајка“ преку надградба на услугите за третман, кастрација, чипирање, социјализација и вдомување и воведување нови услуги за престој на миленици, едукација на сопственици и проширена грижа за животни, проследено со обновување и набавка на дополнителна опрема, како и вработување соодветен кадар.
  • Изградба на државно прифатилиште за бездомни животни, во соработка и со финансиско учество на Град Скопје, сите општини и централната власт.
  • Финансиска поддршка за ветеринарните амбуланти и засолништа за животни, особено за ранливи сопственици што не можат финансиски да се грижат за милениците.
  • Едукација и превенција преку програми за свесност кај граѓаните за одговорно сопствеништво; селекција на милениче според можностите на сопственикот за да се спречи напуштање.
  • Законски измени и меѓуинституционална координација заради хармонизација на законодавството, заострување на регулативата за санкции за несовесните сопственици и нелегални продавачи.
  • Изградба на крематориум за домашни миленици (потребни се измени на закони што ја регулираат оваа проблематика).
  • Зајакната соработка со поединци и здруженија.

Влијание на проектот

Реализацијата на овие активности ќе овозможи целосен и хуман третман и системска грижа за домашните и улични животни, како и законска реформа во оваа сфера.

Целна група: Актуелни и идни сопственици на домашни миленичиња, како и сопственици на одгледувачници на домашни миленичиња, поединци и здруженија што се активни во заштита на милениците.

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2028 година

Буџет

>50 милиони денари

Изградба на противпожарни станици и развој на ПП-инфраструктура

Опис

Подигнувањето на нивото на противпожарна заштита придонесува за подигнување на нивото на општа безбедност во Град Скопје.

ќе се реализираат повеќе проектни активности, вклучувајќи:

  • Изградба на ПП-станица во Општина Бутел, за која веќе е утврдена и соодветна локација.
  • Изградба на ПП-станица во Општина Кисела Вода.
  • Вработување на 30 пожарникари годишно, со цел зголемување на бројот на професионални пожарникари во согласност со Законот за пожарникарство. Имено, моменталниот број на пожарникари изнесува 198, а согласно со законот, на Скопје му се потребни најмалку 400 пожарникари.
  • Модернизација на возниот парк и опремата, согласно со Стратегија на ПП-бригадата 2025-2029. За оваа цел ќе се искористат финансиските средства што се прибираат при регистрација на возила, кои на годишно ниво изнесуваат 40 милиони денари.
  • Изградба на наставно-едукативен центар и полигон за вежбачки активности, во рамките на ПП-станицата Автокоманда, со што ќе се заокружи системот за лиценцирање на професионалните пожарникари, во кој делот од теоретската настава се спроведува во Средното хемиско училиште.
  • Институционална реформа на ПП-бригадата и Секторот за заштита и спасување во Град Скопје
  • Зајакнување на соработката со ПП-сојузот на Град Скопје.

Влијание на проектот

Со реализација на овие активности ќе се подигне противпожарната заштита на највисоко ниво, што пак ќе придонесе за зголемување на општата безбедност во Градот.

Клучните придобивки од системот, вклучуваат и:

  • Паметно мониторирање на инфраструктурата во Град Скопје
  • Подобро управување со отпадот и сообраќајот
  • Подобра јавна безбедност: IoT сензори кои мониторираат загадување на воздух, бучава, врнежи/поплави во реално време
  • Енергетска ефикасност и заштеда на средства

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Кисела Вода, Бутел и сите други градски општини

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

1 милијарда денари

Градски ваучер „Скопје за сите“

Опис

Секое семејство со низок приход, пензионер со минимална пензија, младо лице без вработување или лице со попреченост, ќе добива годишен ваучер, кој може да се користи исклучиво во рамките на институциите и јавните услуги што се надлежност на Град Скопје, вклучувајќи:

  • ЈСП Скопје – бесплатна или субвенционирана месечна карта за одредени категории, можност за користење дел од ваучерот за сезонски билет.
  • Зоолошка градина Скопје – бесплатни или субвенционирани карти за деца, семејства и лица со попреченост.
  • Градски паркинг – бесплатен или субвенциониран паркинг за одредени категории граѓани.
  • Младински културен центар (МКЦ) – бесплатен пристап на концерти, театарски претстави и кинопрограми од градскиот календар.
  • Градски културни домови и библиотеки – бесплатни членарини во библиотеките, попусти за учество на работилници, курсеви и изложби.
  • Градски музеј и други културни институции – бесплатен влез на изложби и културни настани организирани од Градот.

Влијание на проектот

Подобрување на социјалната грижа и нивото на култура на ранливите категории граѓани.

Целна група

  • Семејства со месечен приход под просекот.
  • Пензионери со минимална пензија.
  • Млади лица невработени до 29 години.
  • Лица со попреченост и нивните старатели.

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2026 година

Буџет

100 милиони денари

„Скопје – безбедно пристаниште“

Опис

По примерот на Барселона (каде што функционира мрежата на куќи за заштита – „Casas de Acogida“) и Виена (каде што функционира мрежа на женски куќи со тајни адреси – „Frauenhäuser“), ќе воспоставиме систем на градски центри за заштита и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство, со итни и безбедни станови („safe apartments“) и 24/7 мобилен тим за интервенција.

Влијание на проектот

Проектот ќе обезбеди безбедно засолниште за жените и нивните деца, преку брз и координиран одговор во случаи на насилство, но и долгорочна рехабилитација и економско осамостојување на жените. Истовремено, ќе се подигне и јавната свест за борбата против родово базираното насилство.

Целна група: Жени и деца, жртви на семејно насилство

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

20 милиони денари

„Мал ринг“ – целосна пешачка зона

Опис

Целта на овој проект е централното градско подрачје, односно т.н. „Мал ринг“, да прерасне во пешачка зона. Притоа ќе се овозможи специјален режим за пристап на возилата на жителите во овој круг, за дотур на стока и за возилата на јавниот градски превоз.

Најпрво ќе биде затворена улицата „Димитрие Чуповски“ (од „Палома Бјанка“ до „Порта Македонија“), во должина од 400 м, а просторот ќе биде комплетно партерно преуреден, со урбана опрема, улично осветлување и зеленило.

Влијание на проектот

Со реализацијата на овој проект ќе се изврши прераспоредување на автомобилскиот моторен сообраќај, кој ќе се прелее делумно по периферијата на малиот ринг (бул. „Гоце Делчев“, ул. „Филип Втори“, ул. „Даме Груев“ и бул „ВМРО“), а делумно (транзитниот сообраќај) по работ на големиот ринг (бул. „Климент Охридски“, бул. „Никола Карев“, бул. „Крсте Петков Мисирков“, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Св. Кирил и Методиј“).

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Центар

Рок на реализација: 2026

Буџет

100 милиони денари

Реконструкција на Универзална сала

Опис

Ниту досегашната градска администрација ниту Владата и Министерството за култура не успеаја да го завршат овој важен проект, иако има и проектна документација, а се обезбедени и финансиски средства. Универзална ќе се реконструира онака како што сакаа скопјани, да го задржи стариот изглед, но со обновен ентериер, сцени, гледалиште, гримиорни, техника, санитарии.

Влијание на проектот

Недостигот од културен простор во Градот се одразува на концертниот, театарскиот, но и спортскиот живот. Реконструкцијата на овој симбол на Скопје ќе овозможи збогатување на културната понуда во Градот.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

100 милиони денари

Фондација „Развоен институт Скопје“

Опис

Градот Скопје има неопходна потреба од развојна агенција, која ќе се формира како соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во форма на Фондација за развој на Град Скопје – Развоен институт Скопје (РИС). РИС ќе претставува платформа за активна соработка меѓу градот, академската заедница и другите засегнати страни во екосистемот. РИС ќе ги артикулира сите релевантни фактори во екосистемот на Град Скопје и ќе работи на нови концепти и практики за негов развој, во доменот на архитектонско-плански развој, нови услуги кон граѓаните, дигитализација и паметен град, лабораторија за градски практики, помош за претприемаштво и креативни индустрии, НВО-инкубатор и пристап до финансирање и ЕУ-фондови.

Влијание на проектот

РИС има цел да развие нови модели, структури и пристапи кон предизвиците на градот, кои ќе обезбедат воспоставување нови практики за правилен системски развој на градот и неговата трансформација во одржлив, зелен, економски, културен и урбан центар.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

100 милиони денари

Реактивирање на Центарот за иновации Скопје Лаб

Опис

Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб беше експериментален простор и место за соработка. Во Центарот граѓаните, бизнис-заедницата, граѓанските, јавните и образовните организации и институции заедно со администрацијата на Град Скопје ги здружуваа силите да дизајнираат и да развиваат иновативни решенија за да му помогнат на Скопје да ја подобри својата одржливост и урбана отпорност.За жал, овој Центар престана со своите активности по изборите во 2021 година.Идејата е да се реактивира неговата работа, да се обезбедат донатори кои финансиски ќе го помогнат неговото работење, а ќе се разгледа и можноста за негово интегрирање со Фондацијата „Развоен институт Скопје“.

Влијание на проектот

Овозможува артикулација на граѓанските идеи, преку експериментирање, градење на капацитетите и зајакнување на иновациската култура.

Целна група: Граѓаните, академските институции, компаниите, секторите и администрацијата на Градот, општините и граѓанските организации.

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Рок на реализација: 2026 година

Буџет

30 милиони денари

Изградба на Културен центар „Есма Реџепова“

Опис

Изградба на современ културен центар во Општина Шуто Оризари, кој ќе го носи името на легендарната уметница и хуманистка Есма Реџепова. Центарот ќе има мултифункционален карактер со простории наменети за различни активности, првенствено на жителите од општината, но и од другите скопски општини. Културниот центар „Есма Реџепова“ ќе биде модерен енергетско-ефикасен објект, приспособен и за лицата со попреченост. Реализацијата на проектот ќе биде во соработка со Владата на РСМ и Општина Шуто Оризари.

Влијание на проектот

Објектот ќе овозможи реализација на културни содржини од ромската култура и традиција, но и од културите и традициите на другите заедници и едукативни содржини. Ќе отвори можност и за нови работни места: администрација, технички персонал, културни работници и сл.), како и можност за социјална инклузија на заедниците.

Целна група: Сите граѓани

Најзасегнати општини: Шуто Оризари

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

Согласно проектната документација

Изградба на аквариум во Скопје ЗОО

Опис

Во рамките Скопје ЗОО ќе отвориме нов, модерен, по европски стандарди аквариум со едукативен центар (со примероци од различни видови слатководни и сегменти од морски организми. Центарот (со аквариумот) првенствено ќе има едукативна цел, но ќе се користи и за научни цели. Ќе има улога и на туристички центар, со можност да биде поврзан со реката Вардар, што ќе му даде дополнителна вредност. Функционирањето на центарот може да биде планирано и како јавно-приватно партнерство. Објектот на центарот (со аквариумот) ќе биде модерен енергетско-ефикасен објект приспособен за лица со попреченост. За негова реализација ќе биде потребна соработка со Владата на РСМ.

Влијание на проектот

Придобивките од реализацијата на проектот се неколкукратни. Ќе придонесе за надополнување на наставните содржини одсвен со теоретски единици и со настава на терен со што учениците и студентите ќе се запознаат живи примероци од водените животни, кои се дел од наставните содржини.Со реализацијата на проектот Скопје же добие нов, атрактивен објект во склоп на ЗОО кој же придонесе да се врати изгубената атрактивност на ЗОО, и ќе отвори нови можности за развој на туризмот и економијата (мали бизниси).

Целна група: Ученици, студенти, туристи, граќани од различни возрасни категории, бизнис заедница

Најзасегнати општини:Сите градски општини

Рок на реализација: 2027

Буџет

Согласно проектна документација

Пуштање во функција на мостот „Михаило Апостолски“ и мостот во Карпош 4 (на ул. „Љубљанска“)

Опис

Мостот „Михаило Апостолски“ е завршен за време на претходната градска администрација, но не е ставен во функција поради нереализираното продолжување на булеварот „АСНОМ“, во насока кон Ќерамидница. Експропријацијата на објектите што се наоѓаат на трасата е започната, а проектот за тој дел од булеварот е готов. Приоритет на новата градска администрација ќе биде завршувањето на булеварот „АСНОМ“ што побрзо. Мостот кај ул. „Љубљанска“ е изграден со средства од Владата на РСМ (ТАВ програма), за негово пуштање во функција е потребно поврзување со улиците „Љубљанска“ во Карпош 4 и „Скупи“ во Злокуќани. За реализација на проектот постои проектна документација. Новата градска администрација ќе иницира максимална кооперативност и ажурност од Министерството за култура за теренските археолошки истражувања.

Влијание на проектот

Со пуштањето во употреба на мостовите се отвораат два нови сообраќајни коридора со кои се поврзуваат повеќе општини. Сообраќајниот метеж ќе биде надминат, а сообраќајот во тие делови од Скопје ќе биде побрз и поефикасен.

Најзасегнати општини: Карпош

Целна група: Сите граѓани

Рок на реализација: 2026 година

Буџет

140 милиони денари

Изградба на гимназија во Општина Аеродром

Опис

Општина Аеродром е модерна урбана општина со околу 80.000 жители и многубројна млада популација. Во општината се лоцирани три средни стручни училишта и осум основни училишта. Недостигот од средно училиште, гимназија, е повеќе од очигледен и континуирано е апострофиран од жителите на Општина Аеродром повеќе од деценија. Изградбата на средно училиште, гимназија „Кузман Јосифовски - Питу“, на локација соодветна за ваква намена (согласно со ДУП и ГУП) во најнаселената општина во Скопје. Објектот ќе биде модерен, пристапен, енергетско-ефикасен објект со многу социјални простори за средношколците и функционална спортска сала за различни спортови. Реализацијата на проектот ќе биде во соработка со Владата на РСМ и Општина Аеродром.

Влијание на проектот

Гимназијата ќе придонесе за подобрување на условите за средно гимназиско образование во најнаселената општина; ќе стане ново, сврталиште за младински и образовен развој; ќе го зајакне идентитетот на Општина Аеродром. Спортската сала во рамките на гимназијата ќе го зголеми капацитетот на спортските објекти во општината отворајќи можност за развој на спортот и реализација на спортски активности и разни други содржини.

Целна група: Децата и младината на Општина Аеродром и Град Скопје.

Најзасегнати општини: Аеродром

Рок на реализација: 2029 година

Буџет

Согласно со проектна документација

Изградба на младински културен спортско-рекреативен парк на потегот меѓу СРЦ „Борис Трајковски“ и „Водовод“

Опис

Во овој зелен појас ќе се предвидат различни содржини што ќе го збогатат целокупниот живот не само на младите скопјани туку и на сите негови жители, но и на гостите, односно на туристите.Покрај многу зеленило и дрвја, паркот ќе вклучува и различни објекти во кои ќе се сместат е-гејминг арена, картинг-писта, летна културна сцена, младински центар/хуб итн.

Влијание на проектот

Нови содржини за младите во Скопје кои ќе го облагородат културно-забавниот живот во градот

Најзасегнати општини: Сите градски општини

Целна група: Сите граѓани

Рок на реализација: 2028

Буџет

Согласно со проектна документација

Целосна реконструкција на СЦ „Сарај“

Опис

Ќе ја извршиме целосната реконструкција на патеките, урбаната опрема и објектите во рамките на СЦ „Сарај“. Ќе се постави нов тартан на атлетската патека во стадионот, целосно ќе се реконструираат трибините, јавните тоалети, паркингот и ќе се расчистат привремените и руинирани објекти.

Влијание на проектот

Скопје и сите љубители на спорт и рекреација ќе добијат нов функционален простор за оваа намена, кој може да послужи и за подготовки на спортски екипи и репрезентации.

Целна група: Граѓани, рекреативци и спортисти

Најзасегнати општини:Сарај

Рок на реализација: 2027

Буџет

Согласно проектна документација

Нов спортски центар во Бутел

Опис

Град Скопје активно ќе учествува во изградба на нов спортски центар во Бутел на локација покрај реката Серава. Отвораме уште едно катче за сите рекреативци. Планирано е целосно хортикултурно уредување, поставување урбана опрема, спортски реквизити, изградба на игралишта за мали спортови и патека за скејтборд.

Влијание на проектот

Девастираниот простор покрај реката Серава ќе добие целосно нова корисна содржина.

Целна група: Рекреативци и граѓани

Најзасегнати општини: Бутел

Рок на реализација: 2028

Буџет

Согласно со проектна документација

Модерен забавен парк (со лунапарк)

Опис

Модерен забавен парк на местото на стариот лунапарк во Градскиот парк. Во просторот ќе се постават 27 реквизити наменети за деца од различни возрасти, но и семејни. Сите реквизити ги исполнуваат европските стандарди и норми за квалитет и безбедност, а забавниот парк ќе има капацитет од 3.000 посетители дневно. Повторно го враќаме панорамското тркало, покрај низа други содржини, како на пр., тобогани, ролеркостери, возења со мали бродови и автомобили, како и адреналинскиот „тајфун“. Покрај овие главни содржини, предвидени се и придружни содржини, како што се ресторани, сувенир-шопови, тоалети, билетарници и други комунални објекти.

Влијание на проектот

Децата во Скопје ќе можат повторно да се радуваат на возбудливите содржини што ја поттикнуваат детската фантазија и го подобруваат нивниот психомоторен развој.

Целна група: Деца и млади

Најзасегнати општини: Сите општини

Рок на реализација: 2028 година

Буџет

1 милијарда денари